1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мудра одлука на Европската комисија

15 октомври 2009

Вчерашната препорака на Европската комисија за старт на преговори со Европската унија е корисна и мудра одлука, оценуваат денеска (15.10.209) европските парламентарци.

https://p.dw.com/p/K6qh
Фотографија: AP

Препораката ќе делува позитивно на расположението на граѓаните, ќе ги поттикне јавноста, владата и опозицијата да прифатат компромис за името. Притоа, новата грчка влада е уште еден позитивен фактор за Македонија. Владата на Папандреу има сега историска шанса да одигра конструктивна улога во регионот, слично на 2003-та, кога во Солун беше предложена агендата за интеграција на сите земји од Западен Балкан.

Коцките се наредени за македонската влада

За Словенецот Иво Вајгл важно е Македонија да ја разбере важноста на европската интеграција и да ги остави настрана национализмот и националистичката реторика: „Јас ја разбирам македонската гордост кога станува збор за историските корени. Меѓутоа, кога таа историја ја дели и некој друг, треба да се биде внимателен и мудар. Треба пред се’ да се поставите во однос на долгорочните интереси, а долгорочен интерес на Република Македонија е членството во ЕУ“, вели Вајгл.

EU Parlament in Brüssel mit Flaggen

На иста линија е и известувачот за Македонија во ЕП, Зоран Талер, кој порачува дека сите коцки се сега наредени за Владата. „Имаме силна позиција на Премиерот Груевски. Тој убаво рече во својот говор на 11-ти Октомври на што се’ е подготвен. Дека првиот приоритет на Груевски, на граѓаните и на сите политички сили е влезот во ЕУ. Со членството во ЕУ ќе се решат многу проблеми кои сега изгледаат нерешливи“, изјави Талер.

Подадена рака за Македонија

Вчерашното охрабрување од страна на Брисел е подадена рака за Македонија. Владата не би смеела да го изигра Брисел и да не ги исполни ветувањата. Цената на тоа ќе биде губење на кредибилитетот. „Ако некои други работи се поважни од ЕУ, тоа многу брзо ќе излезе на виделина и ќе го погоди не само кредибилитетот на Македонија туку и кредибилитетот на премиерот. Тоа ниеден сериозен политичар во Европа не би си го дозволил. Наредните шест недели треба да се искористат. Грција направи и свои отстапки, немаше задршки во однос на извештајот на ЕК“, рече Талер.

Нардните два месеца ќе бидат решавачки за Македонија. Моментумот за ЕУ е тука и не треба да се испушти. До наредниот Совет на министри на ЕУ во декември, ЕУ очекува историско помесување во грчко-македонските односи.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска