1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѝ треба ли на Германија нова химна?

13 мај 2019

Премиерот на една источногерманска покраина предлага промена на националната химна и со тоа привлече внимание. Луѓето на улица сепак повеќе би сакале да ја задржат старата.

https://p.dw.com/p/3IOvJ
Deutschland | Text der deutschen Nationalhymne auf einer Wand
Фотографија: picture-alliance/U. Baumgarten

Бодо Рамелов веќе четири и пол години е премиер на Тирингија, прагматичен политичар и признаен и надвор од границите на земјата. Но, политичарот од редовите на партијата Левица има обичај и брзо и гласно да искажува ставови за спорни прашња и така постојано привлекува внимание. Така е и овојпат. Во интервју за весникот „Рајнише пост“ Рамелов изјави: „Многу луѓе од Источна Германија не ја пеат химната и јас би посакал да имаме една вистинска заедничка национална химна". Тој би сакал „нов текст со кој ќе може сите да се идентификуваат и да кажат: 'Ова е мое.''

Канцеларката Меркел смета дека химната е „многу убава“

Човек би можел да помисли дека темата има второстепено значење и навистина немаше многу политичари кои реагираа на предлогот на Рамелов. Неговиот колега од германската покраина Саксонија Анхалт, Рајнер Хазелхоф од редовите на ЦДУ, пак, вели: „Предлогот на Рамелов го сметам за тотално излишен и мислам дека Тирингија и ние имаме други проблеми за решавање."

Портпаролот на канцеларката Ангела Меркел, Штефен Зајберт, со насмевка го прими прашањето од ДВ каков е ставот за идејата на Рамелов и одговори дека „на канцеларката многу ѝ се допаѓа нашата химна, како музиката, така и текстот!"

Минатиот петок темата за химната сепак изненадувачки се најде во повеќето весници во Германија. „Германија бара супер химна", е насловот на левичарскиот весник „Тагесцајтунг“, додека таблоидот „Билд“ на првата страница со огромни букви испечати: „Лудиот план на Бодо Рамелов: левичарскиот премиер сака да ја укине националната химна!“

BILD Zeitung Bodo Ramelow Neue Nationalhymne
Насловната страница на „Билд“Фотографија: DW/J. Thurau

Една мелодија, три строфи

Германците и нивната химна - тоа е тешка тема. Во 1796 Јозеф Хајдн ја компонирал мелодијата, а текстот го напишал Аугуст Хајнрих Хофман фон Фалерслебен во 1841 година. Денес официјално се пее само третата строфа („Единство и право и слобода„), но постојат и првата и втората строфа. Во првата – не многу пацифистички - се вели „Германија, Германија над сѐ на овој свет!“

За време на Вајмарската република, првата германска демократија помеѓу 1919 и 1933 годин, сите три строфи биле химна, а националсоцијалистите ја оставиле така, но по првата строфа си ја свиреле дополнително и својата партиска химна.

И во повоена Германија десни групации и луѓе „останати во минатото” постојано ја пееле и пејат првата строфа во која Германија е повеличествена од остатокот на светот. Рамелов сега потсетува и на тој момент: „Ја пеам третата строфа од химната, но не можам да ги избришам сликите со маршовите на нацистите од 1933 до 1945."

Deutsche Nationalhymne
Ѝ треба ли на химната „посовремен„ текст?Фотографија: Imago/Schöning

Берлинци сметаат дека треба сѐ да си остане како што е!

Анкетираните од страна на ДВ на улиците во Берлин немаат проблем со т.н. „Песна на Германците".

„Немам што да ѝ забележам на старата химна", вели еден човек.

„Нашата национална химна е третата строфа и така треба и да остане", вели друг човек.

Никој од анкетираните не се чувствува потсетен на времето на националсоцијализмот кога ја слуша химната.

Една млада девојка смета дека химната е културно наследство што не смее да се менува и додава: „Сметам дека имаме многу поважни проблеми за решавање наместо да размислуваме сега на таа тема."

Друга жена пак ја минимизира целата дебата: „Колку често се слуша химната? Во многу ретки прилики!"

Само еден единствен маж посакува химната да има „посовремен" текст и да биде во „попријателски дух спрема деца и жени."

Joachim Löw
Светско фудбалско првенство 2006: Јирген Клинсман, Јоахим Лев и Андреас Кепке ја пеат химнатаФотографија: picture-alliance/dpa

1990: Неодлучни обиди да се смени химната

Во 1990, годината на германското обединување, имаше неодлучни обиди од тогашната ГДР да се смисли нова сегерманска химна. За ГДР првиот премиер избран на слободни избори Лотар де Мезиер ги преговараше условите од Договорот за обединување со денешниот претседател на Бундестагот, Волфганг Шојбле.

Надарениот музичар Де Мазиер наводно му ја отсвирил на Шојбле на виолина композицијата „Детска химна" од Бертолд Брехт за да го загрее за неа. Шојбле наводно реагирал на ист начин како денес многу политичари на предлогот на Рамелов: имаме побитни нешта за средување, наводно рекол Шојбле тогаш.

25. Jahrestag der Unterzeichnung des Einigungsvertrages
Лотар де Мезиер (горе лево) и Волфганг Шојбле (долу лево)Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Честопати згрчен однос кон химната

Односот на Германците кон химната честопати е згрчен, иако анкетата на улица покажа нешто друго. Незамисливо е на партиските конгреси на Левицата, Зелените или СПД на крајот да се интонира химната, како што тоа го прват конзервативните партии ЦДУ и ЦСУ. Дури во 2006-та, за време на светското фудбалско првенство во сопствената земја, Германија се чудеше сама на себе што на стадионите отворено и гласно се пееше химната. Дотогаш на Германците најчесто им беше срам нивната химна толку отворено да ја интонираат како на пример Французите нивната „Марсељеза“ или Британците нивната „Боже, чувај ја Кралицата“.