1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се спаси ли српската власт од избори?

5 април 2011

Владејачката коалиција во Србија, во текот на викендот, потврди дека е против распишување вонредни парламентарни избори, зашто тоа би ја загрозило европската интеграција. Ќе бидат ли избори навистина избегнати?

https://p.dw.com/p/10mz6
Владеачката коалиција има тенко, но сигурно мнозинство
Владејачката коалиција има тенко, но сигурно мнозинствоФотографија: AP

Српскиот претседател и лидер на Демократската партија, Борис Тадиќ, повторно ги искористи европските интеграции како главен аргумент против распишување вонредни избори во Србија. На јавноста, имено, и‘ е порачано дека избори можат да бидат распишани дури тогаш кога Србија ќе добие статус на кандидат за членство во ЕУ. Тоа во дебатата околу изборите внесе и некои нови теории, како онаа дека таков договор е постигнат во рамки на владеачката коалиција и дури дека во таквиот договор учествувала и ЕУ.

Без бланко поддршка од ЕУ

Политичкиот аналитичар Дејан Вук Станковиќ не верува дека во Брисел е направена некаква политичка формула со која власта би добила помош пред изборите со кандидатура за членство во Унијата. Брисел, во суштина, не се интересира за тоа кој е на власт во Белград и се‘ што оттаму можеме да слушнеме е повторување на условите кои мора да се исполнат за добивање статус на кандидат, вели Станковиќ:

„Но, врзување на кандидатурата за избори е повеќе некаков вид став што го има власта во Србија. Не верувам дека некој во Брисел на Демократската партија или на која било друга партија од владејачката коалиција бланко им ветил кандидатура. Кандидатурата, едноставно, подразбира збир на услови кои што треба да ги задоволи секоја влада во Белград, без оглед кој е во нејзиниот состав.“

Српската напредна партија најави нови протести
Српската напредна партија најави нови протестиФотографија: picture alliance / dpa

Изборите се (не)избежни?

Брзањето на опозицијата е разбирливо, но исто толку е разбирлива и желбата на власта да не распишува избори додека не излезе пред избирачите со некој значаен успех, каков што би бил да речеме статусот на кандидат за ЕУ, вели за Дојче веле политичкиот аналитичар Милан Николиќ. И покрај тоа, анализата на институтот ИФИМЕС од Љубљана заклучува дека вонредни избори во Србија се неизбежни. Николиќ, пак, е убеден дека таа оценка не е точна:

„Владејачката коалиција сега има навистина тенко, но сигурно мнозинство во парламентот. Таа нема ниту една позитивна причина да оди на вонредни избори, дури би си нанесла и штета доколку се реши на избори.“

Бранот поскапувања може да биде јазиче на вагата при одлуката на избирачот
Бранот поскапувања може да биде јазиче на вагата при одлуката на избирачотФотографија: DPA

Протести без успех?

Вистински непријател на владата е лошата економска ситуација - во тоа аналитичарите се сосема согласни. Замрзнатите плати и поскапувањата се нешта што на наредните избори на власта нема да и‘ бидат простени, оценува Станковиќ. Но, опозицијата е премногу разединета и без широк фронт нема да успее да ја натера власта на избори, вели тој:

„Мислам дека доколку не дојде до масовни и организирани протести, каде што би се појавил некој политички авторитет кој што би можел да ги артикулира сите тие бројни гласови на незадоволство, за власта, сепак, најлоши ќе бидат поскапувањата кои ни‘ претстојат во наредните денови и недели. Тоа ќе биде запаметено и веројатно во моментот кога ќе има избори ќе биде артикулирано низ некој вид протестно гласање.“

Компромитација на европската идеја

Токму поради обидот на Демократската партија да го монополизира процесот на европски интеграции, се појавија анализи во кои што се вели дека и на Брисел му станува јасно оти српските власти зад приказната за ЕУ ја прикриваат корупцијата и личното богатење. Дејан Вук Станковиќ е на мислење дека тие забелешки не се без основа. Видливо е дека во Демократската партија или околу нејзе постојат луѓе кои профитираа и политички и финансиски од еврореформската реторика, вели Станковиќ и заклучува дека тоа во перспектива ја компромитира идејата за европска Србија.

Автор: Ивица Петровиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска