1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се бараат наследници за Неделкова, Панчевски и Гошева

6 октомври 2016

Изборот на претседатели на Врховниот, Кривичниот и Уставниот суд ќе биде под силна лупа на правосудната и пошироката јавност, која бара квалитет и независност, а не партиска лојалност евидентирана во министерски тефтер.

https://p.dw.com/p/2QvDY
Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje Sicht von der alten Steibrücke
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Без никакво образложение, за утре е презакажана седницата на Судскиот совет што беше најавена за вчера, на чиј дневен ред, меѓу другото, е и Одлуката за објавување оглас за избор на претседатели на Врховниот суд на Република Македонија и на Основниот суд Скопје 1. На веб-страницата на Судскиот совет само кусо се известува дека седницата се одложува за петок, 7-ми октомври. На седницата треба да се донесе одлука и за избор на еден судија во Основниот суд Скопје 2 Скопје од редот на кандидатите од Академија за судии и јавни обвинители, и да се разгледаат извештаите за работата на судовите во Република Македонија за второто тромесечие за 2016 година.

Мандатот на Лидија Неделкова, претседателка на Врховниот суд, и на Владимир Панчевски, претседател на Основниот суд Скопје 1, истекува во декември. Два месеца пред истекот на мандатите, Судскиот совет треба да објави оглас за избор на претседател, кој треба да се заврши до почетокот на декември. Доколку во тој рок не се направи изборот, се поставува вршител на должноста претседател.

Портретирани од Прибе

Ни Неделкова ни Панчевски засега не навестуваат дали ќе побараат реизбор на функцијата. Извори од судовите со кои раководат двајцата, велат дека е време за промени. Но, додека дел од соговорниците имаат поблагонаклонет однос кон минатиот труд на Неделкова, за учинокот на Панчевски велат дека тешко можат да најдат „соодветни зборови“.

„Сѐ е хируршки прецизно портретирано во Извештајот на Прибе“, потенцираат дел од нив.

Во извештајот на експертската група од Брисел, судството и обвинителство се ставени во редот на „најчувствителните области“, и со утврдени „значајни недостатоци“.

Mazedonien Amtsgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Многу судии веруваат дека унапредувањето во рамките на судството е резервирано за оние чиишто одлуки го фаворизираат политичкиот естаблишмент.(...) Од страна на неколку извори групата беше известена дека постои атмосфера на притисок и недоверба во судството. Ова се потврди и со објавувањето на разговорите кои протекоа (...) Што се однесува до назначувањето на судии, постои недостиг од транспарентност и во случајот со стандардите за назначување и во процедурата. Нема можност за споредба на заслугите на кандидатите... Системот на управување со учинок за судии и судската служба е слаб, му недостига кредибилност и е отворен за злоупотреби. Критериумите за учинок за судии се формалистички предоминантно квантитативни (...) Постојат строги правила кои го регулираат назначувањето на случаи на судии и се имплементираат од страна на електронски систем. Меѓутоа, постои перцепција дека овие правила не се секогаш почитувани и дека може да се најдат начини за да се заобиколи системот. (...) Иако Судскиот совет треба да врши ревизија/контрола на функционирањето на овој систем, не е покажано дека некаква таква ревизија/контрола всушност се случува во практика“, се нотира во Извештајот.

Последните одлуки со кои Кривичниот суд ги отфрли барањата на СЈО за изземање на одредени судии од постапките и покрај укажувањата за евидентен конфикт на интереси, како и отфрлените барања за мерки на претпазливост за некои од обвинетите лица, ги потврдија сомнежите дека засегнатите од истрагите во врвот на власта имаат свои сигурни вазали во судството.

СЈО уште во март годинава алармираше за опструкции во работата од страна Кривичниот суд, кога побара, а не доби копии од списи и електронски докази за предметот „Пуч“.

„Освен со начинот на постапување во предметот 'Пуч', Основниот суд Скопје 1 Скопје, ја отежнува работата на ова Јавно обвинителство и во сите други предмети во кои се побарани предметите да бидат доставени на увид. Поради ова од наша страна до Судскиот совет на Република Македонија ќе бидат поднесени претставки за ваквото работење на Судот“, соопшти тогаш СЈО.

Ни по седум месеци работите не се изменети.

Symbolbild Gerechtigkeit
Фотографија: Fotolia/S. Duda

Професионален квалитет, а не партиска лојалност

Поради ова, но и ред други причини, изборот на нови претседатели на двата суда ќе биде под силна лупа на правосудната, но и на пошироката јавност, која од судиите бара професионален квалитет и независност, а не партиска лојалност евидентирана во нечиј министерски тефтер, како што индицираа „бомбите“.

Според одредбите од Законот за судови, претседател на суд се избира од редот на судиите на Република Македонија, под услови, во постапка и на начин како што се врши и избор за судија во соодветниот суд. Претседателот на судот се избира со мандат од четири години, со можност повторно да биде избран на истата функција уште четири години. За претседател на суд се избира судија кој во последните две години од страна на Судскиот совет на Република Македонија е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови, согласно со законот. Претседателот на судот има статус и функција на прв судија на соодветниот суд.

И уставните судии до крајот на месецов треба да изберат нов претседател на Уставниот суд. На 1-ви ноември завршува тригодишниот мандат на претседателката Елена Гошева, без право на реизбор. Од судот не соопштуваат дали воопшто е започната процедурата за избор на нов претседател.