1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе добие ли Полска наскоро „Форт Трамп“?

СН/ агенции
19 септември 2018

Претседателот на Полска за време на посетата на Вашингтон ги покани САД на поголемо воено присуство во неговата земја. Ова има смисла како противмерка на растечкото агресивно однесување на Русија.

https://p.dw.com/p/358lY
USA Washington - Donald Trump trifft auf Andrzej Duda
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Полскиот претседател Анджеј Дуда на својот американски колега Доналд Трамп му порача дека би сакал да се направи постојана американска база во Полска и оти таа би требало да се вика „Форт Трамп“. Трамп рече дека ја разгледува оваа идеја и оти Полска понудила за базата да плати над 2 милијарди долари.

Трамп и Дуда синоќа разговараа во Белата куќа, и се согласија да ги зајакнат воените, енергетските и трговските врски, и истакнаа дека сојузот меѓу двете земји „никогаш не бил посилен“. Дуда го образложи барањето од САД своето воено присуство во Полска да го направат постојано со реченицата : „Агресивното однесување на Русија нѐ загрижува“, рече полскиот претседател.

Трамп на средбата во Вашингтон го критикуваше рускиот гасовод Сверен тек 2, но рече и дека САД нема да им излезе пресрет на полските власти и со санкции ќе го спречи рускиот проект.

Russland Militärmanöver Wostok 2018
Фотографија: picture-alliance/Sputnik/I. Pitalev

„Не го планираме тоа (санкциите). Едноставно сметаме дека е многу несреќно тоа што Германците плаќаат милијарди долари за испорака на гас од Русија. И верувајте ми оти тоа не им се допаѓа на германските граѓани“, изјави Трамп по состанокот.

Официјална Варшава од почетокот е против изградба на рускиот гасовод на Балтикот и неговото проширување Северен тек 2, меѓу останатото и поради тоа што со тоа руските испораки во Западна Европа ја одминуваат територијата на Полска, но и Украина и Словачка, а и наместо да ги диверзификуваат изворите на гас, ја зацврстуваат зависноста на Европа од руски гас.

„Доналд Трамп ми рече дека на Германците воопшто не им е од полза таквата зависност од руските испораки и ми кажа оти не го разбира ставот на Германија. Јас реков дека тоа е опасно за Европа и за Полска, затоа што значи руска доминација на европскиот пазар“, изјави синоќа претседателот Дуда во интервју за полската државна телевизија ТВП.

Полскиот претседател како аргумент во средбата со Трамп го употреби и тоа дека Северен тек 2 ќе им отежне на Амерканците да го извезуваат во Европа својот течен природен гас за кој Полска изгради нов терминал во пристаништето Швиноујшче на Балтичкото море.