1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Љубовната приказна на Германците и нивните елки

Сиње-Лу Џонсон / Е.М. Фиданоска24 декември 2015

Кога во Германија се купува елка, тогаш е тоа вистинска елка. Таа е, така да се каже, состанар на одредено време. Затоа некои на елките им даваат имиња. Други пак, одат сами да ги сечат в шума.

https://p.dw.com/p/1HSKv
Фотографија: picture-alliance/dpa/F.Rumpenhorst

Елката не е само елка, барем не во очите на повеќето Германци. Додека многу Американци својата елка - се разбира од пластика и на расклопување - ја извлекуваат од плакар, гаража или подрум, повеќе од 25 милиони Германци секоја година посегаат длабоко во паричникот за својата декорација во дневната соба. И, тоа го прават радо. За елка висока еден метар тие плаќаат меѓу 18 и 24 евра. За повисоките - повеќе.

Некои љубители на елки одат за таа цел дури до Енгелскирхен. Веќе самото име на местото предизвикува божиќни чувства. Во Енгелскирхен елки одгледува Штефан Лиденбах. Тој е трета генерација во семејството која се занимава со тоа. Знае што сакаат муштериите: био-елки. Некои сакаат био-елки толку многу, што со недели порано си го резервираат „перфектното“ био-дрво. За да се исполнат правилата за „био“, при одгледувањето на дрвјата не се употребуваат хемиски суптанци. И нивното поткастрување е стопроцентно биолошко: „Ми помагаат моите 30 овци, тие се мојата замена за пестициди“, вели Лиденбах.

Био-печат за елка

Ханс Дирленбах и неговиот зет Рајнер Пикерт дошле во Енгелскирхен за да купат „еколошко“ дрво: „На 'био' внимаваме и при исхраната, па зошто да биде поинаку при купувањето елка“, прашува Пикерт. Двајцата ги оставиле своите сопруги дома - бебето Ема има само неколку недели - и сакаат сами дури и да ги исечат елките.

Купувањето елка може да се претвори во вистински настан. Британецот Енгас Сатерленд и сопругата Германка, Мирјам, со ќеркичките Луси и Роми ги чекаат пријателите, седејќи покрај оган во дворот на Лиденбах. Со нив и минатата година го исекле своето „перфектно“ дрво. „Ова е божиќно чувство, за децата е доживување, ние се среќаваме со пријателите и на крајот имаме и елка!“ Енгас Сатерленд е воодушевен. Тој потекнува од британски Кру и никогаш претходно во животот не доаѓал до елка на ваков начин. Штефан Лиденбах се радува: „Со ова се занимавам толку долго, што ги гледам децата како растат.“

Сеедно дали е архаичен хепенинг или настан за време на некој од адвентите - елката не е само елка. Во заедницата на црквата Свети Северин во келнската надбискупија елките си имаат дури и имиња. Сосема во стилот на црковната традиција, секоја година на почетокот на адвентите сите дрва свечено се крштеваат. Тогаш, кој би бил зачуден кога ќе слушне дека „вечно зелените“ имаат име Аврам, Дебора или Естер?

Beginn der Weihnachtsbaumsaison
Елката може да си ја одбереш и исечеш самФотографија: picture-alliance/dpa/C. Jaspersen

Купување елка како култен настан

Продажбата на елки понекогаш се претвора во „Акција за добра цел“. Кога, на пример, се купува елка од подмладокот на доброволните пожарникари во Роденкирхен, во Келн, се придонесува за зголемување на износот во нивната каса за слободно време. Жителите на населбата Роденкирхен, а и по некој хепенинг-турист од другите келни населби, се верни на подмладокот на противпожарникарската служба и доаѓаат по елки и на огромен студ, на дожд и на снег.

Deutschland Weihnachtsbaum wird geschmückt
Во многу семејства елката се кити дури на БадникФотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Можеби самото доживување е она волшебното. Кога вратата на последниот петок од адвентскиот период ќе се отвори точно во 15:30 часот, жителите на Роденкирхен може да видат редица млади во униформи со капи на Дедо Мраз, кои со холивудски настап тргнуваат кон муштериите и пријателски ги поздравуваат со прашањето: „Како да Ви помогнам?“

„Уште повисоко? Потенко?“ Со ангелска трпеливост младите секоја година ги покажуваат дрвата, сѐ додека секој од муштериите не го најде „перфектниот“ примерок. „Имаме постојани муштерии, да, да“, вели Јаник Бројер, раководител на младинскиот оддел и човек кој исто така помага во текот на викендот на продажба на елки.

Deutschland Happy Tree Weihnachtsbaumvermietung
На елката може да ѝ се подари и втор животФотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

Среќните елки имаат втор живот

Кога ќе се избере елката, работата на младите продолжува. Дрвото треба да се поткастри по желба и да се обвитка со мрежа. На касата пожарникарите од постарите генерации запишуваат дали и кога дрвото треба да биде испорачано дома. Зашто и тоа е дел од свечената процедура - елката прво се става на балкон, на тераса или во градината. Германците си ги сакаат своите ритуали, па многу семејства ги китат елките дури на Бадник.

А, кој си ја сака елката, може дури да ѝ подари и втор живот. Имено, елките од неодамна може и да се изнајмат. Кога празникот ќе заврши, елката повторно се враќа во земја.