1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Автократска политика, парламентот не функционира“

Зоран Јордановски5 март 2015

Македонија мора да се праша: како и во која насока понатаму? Интелектуалните капацитети во функција на општеството, а не на власта - ставови на Јосип Јуратовиќ, пратеник во Бундестагот, изнесени денеска за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1EmFz
Фотографија: DW/A. Slanjankic

Комисијата за надворешна политика на Бундестагот не е единстеното парламентарно тело што се интересира што се случува во Македонија - и во други комисии се поставува истото прашање, вели Јосип Јуратовиќ, известувач за Македонија од Социјалдемократската партија на Германија. Тој напомена дека вчера, на седницата на таа Комисија во Бундестагот, само е даден „информативен опис за општата состојба во земјата, главно врз основа на веќе познати факти“. Но, во разговор за Дојче веле тој изнесе повеќе лични впечатоци и оцени за ситуацијата во Македонија.

Автократска политика, парламентот не функционира

„Правната држава во Македонија се помалку функционира“, категоричен е германскиот парламентарец. „Премиерот Груевски води автократска политика, парламентот не функционира, а тоа е ’алфа и омега‘ за секое општество“. На владеачката партија ВМРО ДПМНЕ Јуратовиќ и’ префрлува дека „воопшто не се занимава со прашањето како е доведена земјата до оваа состојба“, но ја истакнува одговорноста на сите партии. Според него, „ова со прислушкувањето е евтино правдање, со сила се барат непријатели во странство - но и тоа е типично за целиот регион. Мора да се престане и со криењето зад спорот со името. Општеството мора да функционира одвнатре. Целото општество мора да размисли како и во која насока понатаму“, потенцира Јуратовиќ.

Критика за интелектуалците

„Често ме прашуваат што ќе направи Германија. Земјите во регионот се научени некој да ги управува. Но, сега веќе сами решаваат. Треба само да ги прифатат правилата на играта за функционирањето на економијата и општеството. Помошта е една работа, но самото општество мора да стори нешто“, категоричен е Јуратовиќ. Во овој контекст нашиот соговорник не ги поштеди ни интелектуалците во Македонија, од кои побара: „Интелектуалците мора да се запрашаат дали своите капацитети треба да ги ставаат во функција на власта“. Македонија мора "самата одвнатре да се преуреди, за најспособните, најумните да се ангажираат за развој на општеството. Одговорните и смелите треба да го придвижат општеството. На тој пат можеме да и’ помогнеме од надвор - тука секогаш стоиме на располагање за помош“, вели Јосип Јуратовиќ.

Македонија назадува, образованието е катастрофално

„Имам чувство дека по 2008 година Македонија оди назад. Работите се покривале со ситни економски успеси. Постојано се повторуват примерите со Дрекслмаер, Кромберг и Шуберт. Не знам колку се тие субвенционирани, под кои услови дојдоа во Македонија, но ако е тоа единствената светла точка ... тогаш тоа јасно зборува за состојбата“.

Јосип Јуратовиќ во економската сфера го критикува „вработувањето според стариот балкански принцип - партиската припадност“. Младите се без никакви перспективи, вели тој, но исто така укажува дека тоа е балканска специфика, не само македонски проблем. Образованието е катастрофално - младите се формално со добро образование, но во суштина сосем неподготвени. Пратеникот во Бундестагот смета дека во Македонија треба да се развива дуалното образование (паралелно учење - практично во претпријатијата, теориски во школските установи, н.з.), кое во Германија се докажа како многу погодно. Македонија мора да го развива пазарот, вели Јуратовиќ и нагласува дека странски капитал ќе дојде во земјата дури откако домашните стопанственици ќе бидат успешни.

Јуратовиќ во февруари годинава и директно се запозна со состојбите во Македонија, откако со група пратеници од германскиот Бундестаг престојуваше во неколкудневна посета на земјата.