1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МузикаГлобално

Бах - 270 години од смртта на музичкиот гениј

Габи Ројхер
28 јули 2020

На ранг листите на најпознатите композитори на класична музика на сите времиња Јохан Себастијан Бах е на прво место. Но, за неговиот живот до денес се знае релативно малку.

https://p.dw.com/p/3g17Z
Deutschland Bachhaus Eisenach - Büste Johann Sebastian Bach
Кој бил Јохан Себастијан Бах навистина?Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schutt

Почина на 28 јули 1750 година во Лајпциг. Оттогаш делото на Јохан Себастијан Бах е темелно истражено и документирано. Професионалната кариера на Бах е позната, но релативно малку се знае за неговата личност, особено во споредба со другите композитори, па дури и за тоа како изгледал. Композиторот на барокна музика е роден во Ајзенах во 1685 година. Во Вајмар станал концертмајстор, во Кетен работел како Kappelmeister (музички директор), а до крајот на животот заработувал како Thomaskantor (кантор и музички директор) во црквата Св.Томас во Лајпциг.

Илјадници обожаватели на Бах секоја година ги посетуваат местата во кои живеел и работел Бах - во Тирингија, Саксонија и Саксонија Анхалт, за да почувствуваат дел од неговиот живот. Во неговиот роден град Ајзенах посетителите се поклонуваат пред крстилницата во црквата Св. Ѓорѓија, во црквата Св.Томас во Лајпциг пак стојат со почит пред наводниот гроб на Бах. „Дали навистина под гробната плоча во црквата Св.Томас лежат останките од Јохан Себастијан Бах останува најголемата мистерија на векот“, вели Јерг Хансен, директор на спомен куќата на Бах во Ајзенах.

Bachfest Leipzig 2016
Контроверзно е дали под плочата во црквата Св. Томас лежат навистина посмртните останки на БахФотографија: Bachfest Leipzig/Gert Mothes

Бах од историјата во сегашноста

Во 1907 година е основана спомен куќата на Бах во Ајзенах, која е првиот музеј посветен на композиторот. Тоа е куќа во близина на онаа во која бил роден, која повеќе не постои. Покрај приватната библиотека на Бах и големата збирка на негови портрети, во музејот има и бројни историски инструменти од времето на Бах, на кои на секој час свират музичари.

Директорот Јерг Хансен смета дека е важно да се истакне комплексноста на полифоничните композиции на Бах, и зошто тој се смета за мајстор на фугата. „Луѓето мора да го видат влијанието кое го има Бах, особено во музиката за клавир, што е веројатно и причината зошто го слушаме до ден-денес.“

Со свирење на старите инструменти во музејот се трага по изворниот звук. „За мене праксата на модерен историски перформанс е обид да се ослободиме од преоптоварениот спомен на Бах како наводен национален композитор, како своевидна одбрана против тоа идеолошко претерување“, вели Хансен во разговор за Дојче Веле.

Bachhaus Eisenach
Куќата на Бах во АјзенахФотографија: picture-alliance/ dpa

Вивнат во височините од биографите

По неговата смрт во 1750 година, делата на Јохан Себастијан Бах, неговите песни и неговата духовна музика долго беа заборавени – сѐ до почетокот на 19 век, кога беше повторно откриен и воздигнат во национален херој.

Јохан Николаус Форкел во 1802. ја напиша првата биографија за Бах. Во поднасловот стои: „За патриотските обожаватели на вистинската музичка уметност.“ Михаел Маул, раководител на лајпцишкиот Бахфест, кој е добар познавач на биографиите за композиторот, вели: „Форкел го крена Бах на Олимп и креираше слика на еден виртуоз кој стана гениј преку германските доблесни особини како што се напорна работа и сериозност."

Композиторот Феликс Менделсон-Бартолди во 1829 година повторно ја откри духовната музика на Бах, меѓу кои Баховата кантата, свити и пасии. Кога Менделсон изведе скратена верзија на Пасијата по Матеј, тоа беше вовед во ренесансата на Бах.

Bachhaus Bachskulptur in Eisenach
Споменик на Бах во АјзенахФотографија: DW

Бах како производ на културната историја

Во 1872-та Филип Спита напиша една сеопфатна биографија за Бах. Таа се појави една година по основањето на германскиот Рајх. И Спита го истакнува патриотското и во Бах гледа производ на германската културна историја. Сепак, на ова прашање му пристапува методолошки и со истражувачки дух. „И покрај малкуте извори, тој во основа успеал да направи пионерско дело за биографија во музикологијата“, вели Михаел Маул.

Алберт Швајцер, познат доктор, филозоф и теолог, во 1902. напиша голема монографија за Бах. Во неа тој ги разработува теолошките пораки во неговата музика и дава насоки за интерпретацијата на делата на Бах, односно како треба пораката да се артикулира во пеењето и музиката.

Во 1930. националсоцијалистите продолжија да го слават Бах како национален композитор. „Бах важел за пример на германските ‘ариевски’ композитори'", објаснува првиот човек на спомен куќата на Бах во Ајзенах. Ораториските текстови кои не се вклопуваа во сликата, беа едноставно преправени или целосно заменети.

„Во маршот и песните на хитлеровата младина, врз мелодија на Бах за клавир е напишана соодветна песна," појаснува Хансен.

Deutschland Bachhaus Eisenach Jörg Hansen
Хансен: Луѓето мора да го видат влијанието кое го има Бах, особено во музиката за клавир, што е веројатно и причината зошто го слушаме до ден-денесФотографија: Robert Wachholz

Новата објективност околу Бах

Музикологот Кристоф Волф во објавената биографија од 2002 година се држи до фактите. Од 1950 до 2007 година Бах-институтот од Гетинген и Архивот за Бах од Лајпциг работеше на објавување на ново комплетирано издание на делата на Бах. Информациите од сите извори беа систематски собирани. Регистарот содржи над 1000 композиции, а документираниот материјал е сместен во три тома на почетокот, кои ги користи и Волф.

Но, ни тој не можеше да го надополни недостатокот информации за личноста на Бах и неговиот каратер. Во некрологот од семејството на Бах се вели дека тој бил „многу фин со сите“ и примал многу посетители, но од историските документи се заклучува дека Бах често бил во конфликт со своите соработници и важел за тврдоглав.

„Во делото на Волф се добива слика за човек кој во тешки услови успеал да направи кариера“, вели раководителот на Бах-фест, Михаел Маул. „Претставен е како човек со свои силни страни и слабости. Тој многу елегантно го приземјува Бах.“

И Михаел Маул веќе четири години работи на книга во која се поместени 150 станици на Бах со слики проследени со соодветен текст. Но поради корона-пандемијата промоцијата на книгата е одложена. За Маул, Бах е исто така трагична фигура. „Жал ми е кога гледам дека Бах се однесувал како слон во продавница за порцелан кога сакал да постигне добри услови за работа“, вели Маул. „Уште потрогателно и изненадувачки е тоа што создал вакви ремек-дела, понекогаш и во несреќни околности."

Thomaner Chor aus Leipzig
На Бахфест во 2019 година дојдоа над 73.000 посетителиФотографија: picture-alliance/dpa/P. Gercke

Што нѐ фасцинира денес кај Бах

Бах денес не се велича како национален херој, туку заради неговото музичко творештво. Преку 300 меѓународни хорови и здруженија брои списокот што го состави тимот на Архивата за Бах од Лајпциг.

Музиката на Бах воодушевува луѓе надвор од сите географски, верски и културолошки граници.

Михаил Маул е фасциниран од безвременските мелодии на барокниот композитор. „Неверојатно се силни, па така и многу џезери и познати рок-музичари би рекле дека Бах е најзначајниот композитор на сите времиња”. Тоа впрочем и Стинг лично му го потврдил.

„Ми раскажа дека секој втор ден кога ќе се разбуди ја зема гитарата и прво свири некое дело за чело од Бах, за да си дојде на себе.”

Јерг Хамзен од Музејот за Бах во Ајзенах го цени изобилието од идеи на композиторот познат по својот хумор - на пример на крајот од познатите Голдберг варијации на Бах за клавир. „Некои пишуваат дека тоа било како музика за делови од Библијата, неверојатно тажно и допирало до секого. Притоа само се работи за превртување на мелодискиот звук од средниот дел”. Во последниот канон Бах внел и позната мелодија од Тирингија. „Сето тоа е забавно и тоа е она што те фасцинира кај Бах”.

 

 

Јохан Себастијан Бах е популарен и 270 години по смртта. Брејкдес-групата од Берлин „Flying Steps“, која е светски првак, го „преведе“ неговиот „Добро темпериран клавир“ во духот на 21. век. Вклучете тон и уживајте!

Брејкденс со Јохан Себастијан Бах