1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јаху мора да си постави многу прашања

СН/дв/ртр/дпа23 септември 2016

Кражбата на податоци од страна на сајбер-криминалци погодува многу фирми. Но половина милијарда корисници на Јаху се сосема нова димензија. Зошто меѓутоа за нападот извршен во 2014 година се дознава дури сега?

https://p.dw.com/p/1K778
Yahoo Logo Schriftzug Computer
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Nelson

Интернет концернот Јаху (Yahoo) сега мора да одговори на редица прашања: што точно знаел интернет концернот? И кога воопшто знаел нешто? Колку време поминало пред за тоа да бидат информирани погодените корисници?

И американскиот телекомуникациски концерн Верајзон (Verizon) кој планира да го купи веб-бизнисот на Јаху за 4,8 милијарди долари би требало да има прашања. Можеби предложените пари за купопродажниот договор повеќе не се доволни?

Јаху уште на 9 септември во официјална претставка по повод дилот со Верајзон до американската служба за надзор на берзите СЕЦ истакна дека не му се познати случаи на кражба на податоци во хакерски напади. Сега меѓутоа во медиумските извештаи се вели дека Јаху уште од јули имал индиции за такво нешто но при првичната проверка на податоците сомневањата за хакерски напад не се потврдиле.

Половина милијарда погодени корисници

Синоќа меѓутоа интернет компанијата објави дека 500 милиони адреси на нејзините корисници кон крајот на 2014 година биле хакирани веројатно од организација којашто е поврзана со некоја држава. Хакерите украле лични податоци, како што се датуми на раѓање, имиња, електронски адреси, броеви на телефони и лозини, се наведува во соопштението на Јаху. Банкарските податоци не биле зафатени, тврдат од компанијата, и наведуваат дека тесно соработуваат со американските власти надлежни за кибернетичкиот криминал: „Со истрагата не е пронајден ниеден елемент кој покажува дека таа организација е во моментов присутна во информатичкиот систем на Јаху“.

Screenshot Yahoo Mail Warnung Hackerangriff
Фотографија: Yahoo

Меѓутоа, не се наведува името на организацијата, ниту на земјата која е осомничена за хакерскиот напад. Компанијата вели и дека ги контактирала погодените корисници. Им препорачуваат на корисниците кои не ги менувале лозинките од 2014 година да го сторат тоа што поскоро. Корисниците се повикани и да ги анализираат своите сметки и да утврдат евентуални сомнителни активности.

Од Јаху, исто така, им препорачуваат на корисниците да не отвораат, ниту да ги вчитуваат прилозите кои доаѓаат од сомнителни електронски адреси и повикуваат на претпазливост пред кое и да е барање на лични податоци.

Набљудувачите сега се иритирани и немаат разбирање за тоа дека хакерски напад од вакви размери не му паднал во очи на интернет пионерот. Половина милијарда погодени муштерии- досега немало таков случај. Јаху уверува дека за инцидентот дознал пред два дена и оти нема индиции дека натрапникот сѐ уште има пристап кон мрежата на компанијата.