1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Јарос - од затворски остров до рај за нуркачи?

Јанис Пападимитриу
23 август 2017

На островот Јарос живееле протерани, биле мачени затвореници, а подоцна тој станал полигон на грчката морнарица. Сега Јарос треба да добе нова шанса. Задачата воопшто не е лесна.

https://p.dw.com/p/2gY6k
Griechenland Insel Gyaros
Фотографија: WWF Greece/Giorgos Stephanou

„Остров на ѓаволот" - така многу Грци го нарекуваат островот Јарос. Осторовот во Егејското Море е без вегетација и пуст, некако влева страв. Има долга традиција на место за затвореници. Уште на старите Римјани им служел како место каде биле прогонувани непожелните сограѓани. По граѓанската војна во Грција (1946-1949), властите на егзил на Јарос протераа над 20.000 комунисти и други непријатели на државата. Јарос бил „воспитно поправна институција" во која оние на робија требало да бидат превоспитани и повторно да станат „вистински Грци". Тоа бил остров за заробеници на кои тие биле мачени и злоставувани. Експертите го карактеризираат како концентрационен логор на грчко тло.

„Дури и архитектурата на затворските бараки недвосмислено потсетува на концентрационите логори", раскажува адвокатот од Атина, Костас Кацибинис. Тој пред 17 години го основал здружението чија цел е да се сочува сеќавањето на ова место на ужасот за многу негови сограѓани. Затворот на Јарос е напуштен веќе четириесет години и тоа речиси веднаш откако биле изградени бараките. Имено, иако овој грчки остров бил далеку, станал прочуен по малтретирањето што се одвивало таму, така што дури и ОН ја осудиле грчката влада.

„Дахау на Средоземно море, така го нарекувале Јарос во годините по војната", вел Кацибинис за ДВ. „Затворениците морале под ужасни услови сами да си ги градат бараките и многумина починале поради неподнослива жештина и глад", вели адвокатот. Дури и ОН протестирале против злоставувањата на островот.

Тогашната конзервативна влада веднаш ја прифатила критиката и го затворила затворот на островот. Но, тоа не значи дека го ослободила затворениците.Тие биле преместени по затворите ширум Грција. Долго време овој остров бил заборавен, сѐ до воениот удар во Грција во 1967 година. Пучистите го искористиле Јарос за таму да испратат илјадници свои политички противници. И за разлика од четириесеттите, воената хунта таму испраќала и жени, меѓу кои имало и бремени жени.

Griechenland ehemalige Internierungsanlage auf der Insel Jaros
Затворениците морале под ужасни услови сами да си ги градат бараките и многумина починале поради неподнослива жештина и гладФотографија: Amateur Fotos

Меѓу затворениците на Јарос биле и некои познати Грци, како на пример Јоанис Хараламбопулос, подоцна министер за надворешни работи во социјалистичката влада на Грција, како и познатиот писател Јанис Рицос. Грчката воена хунта негирала дека има затвореници на Јарос. Адвокатот Кацибинис вели дека за нивното „откритие“ треба да им се заблагодари на германските новинари. „Во 1967 година новинарите на германскиот неделник 'Штерн' успеале со авион да го надлетаат Јарос и да фотографираат што се случува таму. Нешто слично подоцна им успеа и на новинари на францускиот весник 'Пари мач'."

Режимот во Атина веќе не можел да го негира постоењето на логорот. Направените фотографии и докази подоцна резултираа со тоа Грција да биде исклучена од Советот на Европа за кршење на човекови права. Во суштина и не се знае колку жртви имало на Јарос за време на воената хунта. Адвокатот Кацибинис вели: „На гробиштата на Јарос се закопани само 22-ца. Тоа може да се објасни со тоа што многу затвореници биле префрлени на островот Сирос кога веќе било јасно дека нема уште долго да живеат, само за да не се предизвика внимание поради голем број на смртни случаи на Јарос."

Сигурен дом за медитеранските фоки

Адвокатот Кацибинис и здружението кое го основал сакаат Јарос да се отвори за посета, за да може луѓето да видат што се случувало таму. Но соочени се со големи проблеми. Како прво, нема никаква сообраќајна врска со островот, дури и на рибарите им е забрането да застануваат таму. Имено, островот е прогласен за забранета зона. Сепак, Кацибинис успеал барем грчката воена морнарица да не го користи веќе Јарос за свои вежби за гаѓање. Зградите на затворот секако се нагризани од забот на времето, па артилерискиот оган може само да го уништи она што е преостанато. Дури постојат и студии за подобрување на локалната инфраструктура на Јарос, но сите вакви планови досега неуспешно завршувале во фиоките на државните службеници во Атина.

Но, сега се појави нова иницијатива. Јарос би можел да стане заштитен природен парк и да биде вистински рај за нуркачите. Имено, островот е единствено прибежиште за многу животни – дури и за речиси истребената средоземноморска фока. Од биолошкиот свет на Јарос е воодушевена и Светската фондација за природа (WWF). „Во водите околу Јарос живеат дури 15% од сите познати средоземноморски фоки. Тоа е можеби најголемата колонија на овој вид во целиот свет", вели портпаролот на WWF, Џејсон Кантас за ДВ.

Griechenland ehemalige Internierungsanlage auf der Insel Jaros
Јарос да се отвори за посета за да може луѓето да видат што се случувало, бара КацибинисФотографија: Amateur Fotos

Како да се спојат туристите, историјата и природата?

Фактот дека човечка нога со децении нема стапнато на Јарос има свој позитивен ефект – природата останала недопрена. Свое прибежиште таму пронашле многу животни и птици“, вели Сприрос Котоматас од WWF. Предноста е во тоа што Јарос е релативно блиску до најголемиот остров на Кикладите, Сирос. Луѓето би сакале да развијат некаков облик на туризам на Јарос, во што и лично се увери Котоматас кога беше во посета на крајот на март. Но, сега се работи за тоа, како некогашниот „остров на ѓаволот" да се отвори за посетители, а истовремено да се зачува неговата историска улога и природна убавина.

Воопшто не е едноставо сѐ ова да се стави под ист покрив, бидејќи и правниот статус на островот создава проблеми. Тој во 2001 е прогласен за „историски споменик" и поради тоа таму се забранети градежни дејности. Десет години подоцна таа забрана е укината, но само делумно.

Се јави и еден инвеститор кој предложи на островот да се изградат електрани на ветер и дури доби одобрение за проектот. Но, како што често се случува во Грција, планот е сѐ уште само на хартија.

Но, не е сосема едноставно само да се пуштат туристи да шетаат на островот. Не само што ќе ги загрозат животните, туку и себеси. Овој остров е полигон на грчката воена морнарица и на него сѐ уште има многу неексплодирани гранати и муниција. Поради ова, Котоматас вели: „Со помош на експерти од грчката војска веќе пронајдовме многу гранати кои успешно се деактивирани за да го ослободиме патот кон центарот на островот. Но сѐ уште има многу работа."

За адвокатот Кацибинис и неговото здружение е важно во преден план да остане зачувување на историското наследство на Јарос: „Ние сме против комерцијални понуди како изградба на централи на ветер", нагласува тој.