1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јаз во романското општество

Петер Јанку
20 февруари 2017

Неколку недели десетици илјади луѓе демонстрираат во Букурешт против корупцијата и социјално-либералната влада. Мирно, единствено и креативно.

https://p.dw.com/p/2XtGL
Rumänien Proteste gegen Korruption in Bukarest
Фотографија: Reuters/Inquam Photos/L.F. Albei

Романската влада има големи грижи. Граѓаните во голема мерка загубија доверба во нејзината работа. Тоа беше и причината за започнувањето на „кадифената“ револуција која се шири низ целата земја. На плоштадот на победата во Букурешт, пред зградата на владата, веќе две недели се собираат десетици илјади луѓе, кои мирно, единствено и креативно демонстрираат против владата на премиерот Сорин Гриндеану- и неговиот план за „ублажување“ на законот за борба против корупцијата. На плоштадот стратешки се распоредени стотици припадници на полицијата, жандермеријата и на безбедносните служби „преоблечени“ во цивили. Тие сомничаво ги набљудуваат случувањата пред владината палата- но речиси и да немаат работа. Насилството е последното нешто што им е на ум на демонстрантите. А ги има сѐ повеќе.

Траен протест против политичката фрустрација

Тие изразуваат незадоволство, иако владата под притисок на улицата веќе ја повлече спорната наредба. Со неа практично требаше да се декриминализира злоупотребата на службената положба и да се поткопа правната држава. Владејачката популистичка партија ПСД и нејзиниот шеф (кој е осуден за изборна измама) Ливиу Драгнеа, веќе го отпуштија министерот за правда- но со тоа не успеаја да ја повратат довербата на граѓаните. Нивната веродостојност е потресена, а кризата која настана поради тоа е многу поголема отколку што Драгнеа и неговите министри можеа да насетат.

Rumänien Bukarest - Massendemos gegen sozialdemokratische Regierung
Фотографија: DW/C. Stefanescu

И поради тоа на студот во Букурешт, на снегот и мразот со денови се протестира, а на викендите бројот на демонстранти значително расте. Така беше и во минатата недела кога во вечерните часови на улиците на главниот град имаше речиси 60 илјади луѓе. Тоа се главно помлади и луѓе во средни години, а можат да се видат и татковци со мали деца на рамениците, пензионери, луѓе во колички. Пристигнуваат цели групи а притоа бројни романски и странски новинари ги фотографираат, снимаат и прашуваат за изјави.

Долга листа барања

Јоана, Елена и Каталин ми покажуваат хартија на која уредно се наведени осум барања. Тие гордо ги читаат едно по друго: „Ниту една влада никогаш повеќе не би требало да донесе една таква одредба“. Бараат „транспарентност по пат на Е-влада“. Омбудсман, но вистински, кој „би бил тука за обичните луѓе“, а сакаат и непосреден пристап на граѓаните до Уставниот суд. Јавните институции, велат, мора да се деполитизираат, мора да се „разбие“ врската меѓу парламентот и владата, личностите вмешани во казнени процеси не би смеело да преземаат функции во владата или државните институции, и конечно: би требало да се укине парламентарниот имунитет.

Rumänien Bukarest - Massendemos gegen sozialdemokratische Regierung
Фотографија: DW/C. Stefanescu

Може ли сето тоа да се оствари со протестни собири? „Не знаеме, но решителни сме да демонстрираме додека не го оствариме она најважното“, одговара Каталин без колебање, а другите две девојки енергично ја поддржуваат. Притоа Јоана покажува на другата страна на хартијата:„Ние пружаме отпор. Се гледаме на плоштадот на победата“.

„Предавникот Јоханис“

Меѓу демонстрантите е и поранешниот министер за здравство Влад Војкулеску. Што толку му пречи кај актуелната влада, за и самиот да излезе на улица? „Нејзиниот популизам, антиевропските ставови на Драгнеа или на претседателот на сенатот Таричеану, на пример“, вели тој. Дали е оптимистичен кога ги гледа протестите? 34-годишниот политичар одговара: „Одредбата за корупцијата беше лакмус тест. Тие разбудија многу луѓе, политички ги активираа и истовремено го разоткрија вистинското лице на владејачите.

Паралелно со масовните протести против владата, пред претседателската палата се собираат и стотици главно постари Романци и бараат оставка на шефот на државата Клаус Јоханис, затоа што тој ги поддржува антивладините протести. Тие луѓе претседателот го сметаат за одговорен за демонстрациите на плоштадот на победата и во целата земја и му префрлуваат дека создава јаз во општеството. Наострени од националистичките и ксенофобни пароли на ТВ-станиците блиски до ПСД, тие Јоханис го обвинуваат за предавство на земјата и распродажба на Романија. „Треба да се врати назад во Германија“, викаат некои од нив, притоа имајќи го на ум фактот дека Јоханис е припадник на германското малцинство во Романија.  Неодамна претседателот ги „посети“ овие демонстранти и се обиде да разговара со нив. Бесната група само ги извикуваше своите пароли и воопшто не сакаше да разговара со Јоханис. Тоа не е демократија.