1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се читаше во 2019?

БГ
31 декември 2019

Аферата Рекет беше настанот кој предизвика најголемо внимание годинава, а темите поврзани со скандалот беа меѓу најчитаните на нашата интернет страница. Вашето внимание го привлекуваа и спорот со Бугарија и Самитот на ЕУ

https://p.dw.com/p/3VW9o
Screenshot von  der italianischen Zeitung La Verita über das Skandal in Nordmazedonien
Фотографија: La Verita

Сочен скандал со кој се поврзуваат имиња на познати јавни личности, бизнисмени и политичари секогаш го привлекува вниманието на пошироката јавност, а Северна Македонија во 2019 година не разочара во тој поглед. Аферата Рекет, чија судска разрешница ја очекуваме во првата половина од новата, 2020 година, уште од летото произведува насловни страници и ги полни ударните термини на телевизиите. Оттука, не изненадува што и на нашата страница, текстовите поврзани со аферата одеа „како алва“. На прво место како најчитан текст во текот на годината убедливо се најде нашиот коментар посветен на објавените снимки од разговорите меѓу бизнисменот Јордан Камчев и повеќе познати и непознати гласови, во кои се споменуваат и бројни јавни личности.

Кој го намести Јордан Камчев

Факт е дека и по шест месеци од избувнувањето на скандалот, се уште не знаеме кој, кого мести во него.
Втор најчитан текст годинава, според бројот на директните кликови на нашата интернет страница, беше информацијата за декларацијата на бугарската влада со која официјална Софија зазеде тврди позиции во однос на својата соседна земја. Меѓу условите кои најмногу бодеа очи беа и оние: никаде во ЕУ да не се споменува „македонскиот јазик“, а во Македонија, пак, да не се споменува „бугарскиот фашистички окупатор“.

Софија се усогласи: Не постојат македонски јазик и „бугарски фашистички окупатор“

На високото трето место, повторно се најде случајот Рекет. Овојпат тоа беа ексклузивни сознанија за мебелот кој го добивала поранешната специјална обвинителка Катица Јанева од нејзините ко-обвинети пријатели. Бојан Јовановски, како што дознавме, останал борчлија и во салонот за мебел од каде ги набавувал подароците за Јанева.

Мебелот што и бил подарен на Јанева - купен на вересија!

И четвртиот најчитан текст беше поврзан со скандалот. Овојпат тоа беа деталите од разговорите на Камчев и Јовановски кои ги објави италијанскиот весник Ла Верита.

Објавени сите снимки од разговорите меѓу Камчев и Јовановски

Есента беше резервирана за самитот на ЕУ во Брисел. Јавноста со големи очекувања и надеж го очекуваше октомврскиот состанок на лидерите на ЕУ. Разочарувањето по француското вето беше дотолку поголемо, откако сите останати земји-членки ја поддржаа Северна Македонија во надежите дека конечно, по 15 години во чекалната, ќе ги започне преговорите за полноправно членство.

Самит на ЕУ: Франција и дава шест месеци на Македонија да спроведе реформи

Меѓу најчитаните текстови се најде и колумната на нашиот редовен колумнист Арсим Зеколи. Во неа тој ја отвори темата за потрагата по повеќе исчезнати млади луѓе и агонијата на нивните семејства.

Каде се исчезнатите?

Папата Франциско во 2019 година ја посети земјата, како прв католички поглавар во историјата. И додека целиот свет го следеше настанот, поранешниот претседател Ѓорге Иванов одлучи да продолжи онаму каде што застана во двата мандата на чело на државата: сеење омраза и разгорување на поделбите во општеството по политичка и етничка линија.

Неславно и заминувањето на Иванов

Се сеќавате ли кога германската канцеларка Ангела Меркел му вети на македонскиот премиер Зоран Заев дека земјава сигурно ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ? Да, тоа беше во јуни годинава. Оттогаш се случија многу работи, но добро е одвреме навреме и да се потсетиме на некои ветувања. Заев, патем, како што изјави деновиве во интервју за ДВ, се уште има целосна доверба во Меркел. Тогаш се откажа од намерата да свика предвремени парламентарни избори, но четири месеци подоцна веќе немаше избор.

Меркел вети датум, Заев ги отпиша предвремените избори

При крајот на оваа мини табела, повторно се враќа темата за македонско-бугарските односи. Два текста од нашата продукција особено добро се читаа:
Осудата на бугарските интелектуалци на декларацијата на Софија, како и колумната на нашиот соработник од Бугарија, Ивајло Дичев, која вреди секогаш одново да се препрочитува:

Што точно сака Бугарија од С. Македонија?

Последно, но не и најмалку важно, одливот на мозоци и масовното иселување на македонските државјани во земјите од Западна Европа и на американскиот континент е тренд веќе со децении. Според интересот на читателската публика за текстовите поврзани со животот во Германија, барањето работа или учењето јазик; иселувањето од Северна Македонија нема набрзо да запре.

Кој може да стане германски државјанин?

Во годината во која македонската редакција на Дојче веле ја прослави 50-годишнината од своето постоење, благодарение на Вашата доверба, достигнавме нови рекорди во читаност и на нашата страница и на социјалните мрежи. Во однос на 2018, годинава читаноста повторно порасна за уште 20 проценти, и блиску сме до бројката од 4 милиони посети. Ви благодариме!

Balkan Booster - Projekt der DW in Skopje, Nord-Mazedonien
Фотографија: DW