1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се случи со летот МХ17?

Керстин Книп/ Ж.Ацеска17 јули 2015

Пред една година беше соборен Боингот на „Малезија ерлајнс“ над источна Украина. Во несреќата загинаа 298 луѓе. Што е познато за инцидентот и неговите последици? Најважните прашања и одговори.

https://p.dw.com/p/1G0RT
Фотографија: Oleg Vtulkin

Кои се фактите?

Боингот на „Малезија ерлајнс“ со лет број МХ17 на 17 јули 2014. година беше на пат од Амстердам кон Куала Лумпур. Рутата на летот била одобрена од Еуроконтрол и од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, ИЦАО. Околу 13 часот и 20 минути авионот беше погоден од ракета и веднаш падна. Сите 298 патници и челнови на екипажот загинаа. Најголем дел од жртвите беа од Холандија.

Што се смета за причина за несреќата?

Првичниот извештај од истрагата на падот на авионот го направија холандските служби за безбедност, според него штетите на предниот дел од авионот се индиција дека бројни објекти продреле во авионот од надвор, поради што тој се распрснал. Во извештајот нема укажувања на технички дефекти или грешка на пилотот. На почетокот на октомври Холандската служба ОВВ ќе го претстави завршниот извештај.

Karte Flug MH17
Карта на летот МХ17

Колку е сигурна тезата дека авионот е погоден од ракета?

Поголем дел од меѓународните експерти се убедени во ова. Уште на денот на несреќата се јавија сомнежи дека авионот го погодила Бук-ракета. Важна индиција се дупките во кокпитот и предниот дел од трупот. Експертите ги вреднуваат како шрапнелски удари од ракетен експлозив. Американските тајни служби се јавија со информации за постоење сателитски снимки кои укажуваат на старт на ракета. И воено-научната Информативна служба ИХС претпоставува дека станува збор за ракета Бук М1. Металните парчиња најдени на местото на инцидентот припаѓаат, според експертите, на боева глава на Бук-ракета. Исто така и најдените фотографии и видеа, кои се сметаат за автентични, укажуваат дека авионот бил погоден од руска ракета земја-воздух.

Дали рутата била ризична?

Да. Рутата на летот МХ17 минуваше над воен регион, имено, источна Украина. Таму до денес се водат борби меѓу украинската војска и проруските сепаратисти. Повеќе меѓународни авионски компании веќе одлучија да го заобиколуваат регионот. На 1. јули украинските власти го забранија долниот дел од воздушниот простор над југоистокот на земјата. Без специјална дозвола, цивилни авиони можат да летаат само над 8 километри височина. За разлика од други авиокомпании, „Малезија ерлајнс“ реши да лета преку завојуваната област. Но, таа не беше единствената со таква одлука. Во неделата пред несреќата за оваа рута се одлучиле 900 други летови.

Кој се смета за одговорен за падот на авионот?

Тоа не е дефинитивно разјаснето. Украина и западните држави претпоставуваат дека авионот го урнале проруските бунтовници со ракета земја-воздух. Москва го отфрла ова толкување и за нападот ја обвинува владата во Киев. Иако, многу нешта зборуваат во прилог на тоа дека ракетата ја испалиле проруските сепаратисти. Уште на 18.јули украинското Министерство за внатрешни работи објави видео од денот пред испалувањето ракета, која покажува Бук-систем со нецелосен ракетен носач. Ова, тврди владата, потекнува од бунтовниците. И германската тајна служба дојде до заклучок дека летот МХ17 бил мета на испалена ракета од Бук-систем, кој проруските сепаратисти го заплениле од украинската војска. Тонски снимки водат до заклучок оти МХ17 по грешка се сметал за украински воен авион.

Igor Girkin Igor Strelkov
Игор ГиркинФотографија: picture-alliance/dpa/Photomig

Постојат ли материјални докази?

Да. Уште на денот на падот на авионот беше пронајдена црната кутија на авионот. Неа украинските бунтовници по четири дена и‘ ја предадоа на „Малезија ерлајнс“. На неа не постојат знаци на манипулација. Податоците подоцна беа анализирани од Британската служба за истражување на авионски несреќи, ААИБ. Резултатот беше доставен до холандските власти.

Какви правни чекори презедоа роднините на жртвите?

Една година по соборувањето, тие вложија тужба против сепаратистичкиот водач во висина од околу 826 милиони ера. Притоа, за правна основа земаат закон од САД за заштита од мачење и убивање, кој може да биде применет против странци. Не станува збор толку за финансиска отштета, колку за разјаснување, изјави еден од адвокатите на жртвите. Освен тоа, тие на овој начин сакаат да извршат притисок врз Русија.

Кого го обвинуваат роднините на настраданите за падот на авионот?

Тужбата е подигната против рускиот државјанин Игор Гиркин. Тој настапуваше како министер за одбрана на непризнатата „Народна Република Доњецк“. Во тужбата се наведува дека тој наредил соборување на авионот преку својата бунтовничка армија, го поддржал делото. Сепаратистите имале согласност од Кремљ.

Како да се утврдат фактите?

Малезија побара истрага за падот на авионот да се води преку Трибунал на ОН. За таа цел земјата минатата недела поднесе предлог-резолуција во Советот за безбедност на ОН.

Доколку постои отпор кон напорите за разјаснување, натамошната работа на Трибуналот би требало да се озвозможи преку санкции. Холандија го поддржува овој предлог.