1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што открива кандидатурата на Таравари?

5 септември 2017

Градоначалничката кандидатура на министерот Таравари, според упатените, индицира дека Владата нема да биде долготрајна, дека можеби напролет ќе бара парлaментарни избори, за да го замени тесното мнозинство со стабилно

https://p.dw.com/p/2jM4Y
Mazedonien Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Слабата кохезија меѓу партнерите во коалициската влада и намерата да се освојат што повеќе четиригодишни мандати во локалната власт, индицираат дека на централно ниво власта нема да биде долготрајна и дека идната година е можно да има нови парламентарни избори. Ова е заклучок на политички аналитичари, откако Алијансата за Албанците одлучи министерот за здравство од нејзините редови, Арбен Таравари, да го кандидира за градначалник на Гостивар на претстојните локални избори.

На социјалните мрежи врие од критики што ваквата одлука не ги дочека ни стотте дена на Владата, а камоли тешкиот и долгорочен процес на спроведување на најавените промени во здравството. Таравари во синоќешното гостување на ТВ „Телма“ призна дека потегот со неговата кандидатура за градоначалник наликува на потег на политичка камиказа.

„Меѓутоа, граѓаните и партијата во Гостивар ме бараат да се кандидирам за градоначалник. Каков кредибилитет ќе имаме како партија да бидеме во власта, а да не освоиме ниту едно градоналничко место“, рече Таравари, најавувајќи дека е сигурен оти ќе победи, врз основа на резултатите од спроведените анкети. Тој се согласи дека повеќе можел да придонесе во Министерството за здравство, но ги имал предвид и барањата на граѓаните во локалната заедница тој да се кандидира за градоначалник, како и разочарувањето доколку не го стори тоа, а во време кога Алијанса за Албанците го гради својот рејтинг на политичката сцена.

Mazedonien Parlamentswahlen
Ќе има ли следната година нови парламентарни избори? Фотографија: DW/ P. Stojanovski

Генерална проба за крупна проверка

И додека во здравствени кругови се анализираат импликациите од прераното повлекување на министерот, во политички кругови се демистифицира заднината на ваквиот потег, односно поголемата слика што стои зад него. 

„Никогаш функциите во локалната власт не биле попривлечни од оние во централната. Освен во еден случај - кога за извесен период се на повидок нови парламентарни избори. Тоа ги менува состојбите и ги поттикнува политичките актери да направат што подобра 'жетва' на локално ниво, за да се опремат со што подобар рејтинг за настап на парламентарните. Признанието на Таравари во вчерашен тв-настап, дека за оваа одлука се уште не разговарал со премиерот Заев, дава сигнали во оваа насока, но и покажува дека партикуларните партиски интереси се над коалициско-владините. Каква смисла има да се 'консултира' со премирот, по веќе донесена одлука“, коментира за ДВ аналитичар упатен во состојбите во владејачката колиција. Според него, токму гласините дека сегашното мнозинство напролет ќе бара да обезбеди поголема стабилност преку нови парламентарни избори, можеби најдиректно ги инспирирало помалите партнери да го почнат своето јакнење и позиционирање преку локалните избори.

Имено, во политичките кругови извесен период се шпекулира дека наредната година, напролет или наесен, би можело да има нови парламентарни избори. Такви сигнали стигнуваат од владини кругови, според кои, до пролетта 2018. се очекува Владата да постигне вреден надворешно-политички резултат (најверојатно поврзан со напредок околу членство во НАТО), по што Владата би сакала тоа да го ефектуира на парламентарни избори, и сегашното тесно мнозинство да го замени со поголемо и постабилно.

И опозицијата бара парламентарни избори

Но, парламентарни избори не се исклучени ниту ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе општини на локалниот натпревар. Партијата и претходно бараше во пакет со локалните да се одржат и парламентарни избори. Таа и натаму останува на барањето за голобална проверка на расположението на гласачите.

„Овие избори имаат референдумско значење како никогаш претходно, од причина што овие избори се првиот тест на волјата на граѓаните и можност за одговор на прашањето во какви раце сакаме да припадне иднината на нашите поколенија. Нашето барање беше и останува брзи предвремени избори. Локалните избори ќе покажат дека актуелната селотејп коалиција не е кредибилна и дека е делегитимирана. Откако ќе освоиме најголем број на гласови, советници и градоначалници, природно е владата на СДСМ да распише брзи предвремени парламентарни избори“, вели Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Со вакви ставови настапувал ипартискиот лидер Никола Груевски на сите средби со локалните партиски комитети.

Груевски вели дека победата на локални избори ќе биде формула за враќање на ВМРО-ДПМНЕ и на централна власт. Од тие причини на овие локални избори им е дадено големо значење. Сум присуствувал на неколку вакви средби. Тезата е иста  - ако победиме на локалните, никој ништо не ми може, се враќаме на голема врата“, вели извор од партиски комитет. Но, признава дека сликата од тие средби е многу поразлична од времето кога партијата била на власт - помало присуство, помала доверба, разочараност и неубеденост во она што го говорат луѓето од партиското раководство. 

Mazedonien Skopje Bürgermeister der Gemeinde Centar Andrej Zernovski
Андреј Жерновски ја предал неговата кандидатура за градоначалник за ЦентарФотографија: DW/P. Stojanovski

Внатрешна битка за Центар

Извесна нервоза владее и во редовите на СДСМ, нивните партнери и поддржувачи. Причина за тоа е тактизирањето околу објавувањето на кандидатите за градоначалници, но и забелешки за изборот на дел од оние чии имиња беа објавени. Актулниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, ноќеска, неколку минути пред полноќ, пред истекот на рокот за предавање на потписите за независни кандидатури за градоначалници и советници, во Државната изборна комисија ја предал неговата кандидатура за градоначалник за Центар. Тој на локалните избори во 2013 година победи како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ. Поради неизвесност дали и овојпат ќе ја добие поддршката од СДСМ, реши да собира потписи за независна градоначалничка кандидатура.   

„Имаме заеднички политички противник, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Верувам дека само со заеднички сили можеме силно да го поразиме. Тоа е поважно од сѐ останато“, напиша деновиве на Фејсбук. Засега е неизвесно дали ќе ја повлече кандидатурата доколку СДСМ номинира свој кандидат за истата општина, со оглед дека се друго води кон поделба на гласачкото тело во Центар, односно директна предност за ВМРО-ДПМНЕ.

Она што е извесно, е дека кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје ќе биде актуелниот пратеник, Петре Шилегов. Се очекува СДСМ утре да ја соопшти комплетната листа на кандидатите за градоначалници.