1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што е „Маршалов план“ за Западниот Балкан?

10 јуни 2017

Сакаме Западниот Балкан да стане дел од ЕУ, но веќе и пристапниот процес да донесе придобивки за граѓаните, наведува за ДВ Кристијан Хелбах, координатор за Западен Балкан во германското министерство за надворешни работи.

https://p.dw.com/p/2eS1M
Symbolbild Baustelle Warnschild Baustellenschild
Фотографија: picture alliance/dpa

ДВ: Медиумите на Западен Балкан известуваат за германски „Маршалов план“ за овој регион. Дали е тоа поинаков назив за она што шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел го нарече нова стратегија за Балканот?

Кристијан Хелбах: Министерот Габриел на Аспенската конференција на крајот на мај во Берлин ги претстави своите видувања за Западниот Балкан. Тој јасно рече дека Германија се залага за европска перспектива на земјите од Западниот Балкан и поради сопствен интерес. Сакаме да ги воведеме овие земји во ЕУ. Но, не е тајна дека нивното приближување кон Унијата се одвива многу бавно, бидејќи сите актери немаат искрен интерес за одржливи реформи.

Знаеме дека тие реформи не се едноставни и оти на регионот му е потребна посилна поддршка во приближувањето кон ЕУ. Тука станува збор за политичка, но и за економска поддршка и импулси за регионалната соработка, која крие неискористени потенцијали за јакнење на регионот. Конечно, станува збое за тоа граѓаните да можат да ги почувствуваат предностите од приближувањето кон ЕУ . Сакаме да помогнеме со конкретни проекти. 

Тоа меѓутоа не е еднонасочна улица. Министерот Габриел исто така нагласи дека нема да има попусти во центраните услови, како што се владеењето на правото, човековите права и борбата против криминалот и корупцијата. Главната одговорност секогаш била и останува во рацете на политичките функционери од шесте земји од Западен Балкан, а не во рацете на ЕУ!

Што овие земји можат да очекуваат од Брисел и од Берлин?

Во тој регион нема партнер, кој повеќе придонесува од Европската унија и од Германија, ако се гледа билатерално. Многу години го поддржуваме Западниот Балкан- политички, финансиски, со пренос на знаење, а инвестициите итрговијата да не ги споменуваме. Економски Западниот Балкан е одамна дел од Европа. Не го потценувајте значењето на ова ветување: државите од регионот можат да станат членки на еден од политички највлијателните и економски најсилни клубови во светот- доколку ги исполнат условите за членство. За потенцијалните инвеститори тоа е привлечно, а тука се и трговските поволност, кои државите на Западниот Балкан ги имаат во односот со ЕУ. За луѓето европската перспектива не значи само благосостојба туку и безбедност и правда, значи она што во идеален случај го нарекуваме нормален живот.

Christian Hellbach Botschafter in Bosnien-Herzegowina
Кристијан ХелбахФотографија: Deutsche Botschaft, Sarajewo

Инцијативата „Берлин плус“ би требало да ја прошири досегашната поддршка. Сакаме да ја зајакнеме регионалната соработка на земјите, за потоа да биде олеснет влезот на сите држави во ЕУ. Преку поддршка на реформските напори би требало да се поттикне нивна трансформација во модерни правни држави.

Од каде за сето тоа ќе дојдат пари?

Тоа што сме го наумиле не е задача која може да ја совладува само една земја или која едноставно се решава со пари. Тоа е заеднички потфат во кој сите мора да влечат во иста насока: ние Европејците заедно со луѓето на Западниот Балкан. Важно ни е Западниот Балкан во ЕУ повторно да добие поголемо внимание и да се засилат реформските сили во регионот. Не смее секогаш да се зборува само за пари. Можеме и сакаме да помогнеме, но самите земји мора да се зафатат со неопходните општествени, политички и економски промени. И мора да сфатат дека реформите им се неопходни за да опстанат на меѓународниот пазар, да им понудат на своите граѓани перспектива и да ги одвратат од емигрирање. Со други зборови, дури и да не постои ЕУ или политиката на проширување, државите од Западен Балкан би морале да се менуваат. наспроти други земји и региони, тие имаат среќа што ЕУ им пружа рака и презема дел од трошоците на трансформацијата.

Во кои области ќе се оствари конкретна поддршка?

Се работи на тоа за луѓето во регионот да се остварат конкретни предности. На пример, низ проекти, кои ќе ги подобрат односите и соработка меѓу државите, па така да се подобри еконоската клима и да се создадат работни места. Тука спаѓаат и прекуграничните инфраструктурни проекти како што е автопатот меѓу Србија, Косово и Албанија. Лудо е што е толку компликувано да се допатува од Белград до Приштина или до Тирана, иако овие градови се всушност во соседство. Ако пружиме поддршка во таквите области луѓето ќе забележат: нешто се работи.

Но регионот самостојно мора да направи повеќе за да можат да се искористат шансите за дигитализирање на економијата. Благодарејќи на можностите на индустријата 4.0 многу индустриски гранки ги враќаат производствените погони во Европа. Овој ефект е дополнително засилен поради политичката несигурност на многу места во светот. Тука Западен Балкан мора да заземе стартна позиција како атрактивен регион за да може да профитира од опишаниот развој. Предуслов за тоа е ефикасната ИТ-инфраструктура и заедничките стандарди во регионот. Се работи за ИТ-вмрежување, за да не би морало секој да работи за себе, а на крајот сите останати да се со празни раце. Затоа предлагаме регионален самит за информациски технологии за да може заеднички да се пријде кон овие прашања.

Освен тоа, по секоја цена мораме да сториме нешто за да им понудиме на младите перспектива. Масовното заминување на младите, на кое сме сведоци, е темпирана бомба која мораме сите да ја деактивираме. Поради тоа се важни инвестиции во образованието, а од наша перспектива, пред сѐ во доброто стручно образование бидејќи тоа е привлечно за инвеститорите.

Кој ги координира сѐ побројните намери и нивното спроведување?

Министерот Габриел претстави идеи за кои сакаме да разговараме и да ги разработиме со нашите партнери. Ако сѐ оди како што посакуваме, ќе има повеќе места на кои ќе спроведат идеите. Сите текови треба да бидат координирани од Брисел. Германија, како двигател и мотор на оваа нова балканска иницијатива, секако посебно интензивно ќе го следи спроведувањето на предлогот. Веќе добивме бројни позитивни реакции за иницијативата, како од Брисел така и од другите нации кои се посебно ангажирани во регионот, на пример од Италија која на 12 јули во Трст ќе биде домаќин на наредната конференција на Бриселскиот процес.

HRVP Mogherini trifft Premierminister des westlichen Balkans
Фотографија: European Union

Во каков однос ова за што зборуваме е со идејата за „царинска унија“ или „заеднички пазар“ во регионот за кој се залага и комесарот за проширување Јоханес Хан?

Иницијативата ја следи истата цел, значи употреба на неискористениот економски потенцијал за луѓето во регионот да можат да живеат подобро. Треба да се користи секоја шанса која ќе пружи за што побрзо да се подобри тешката социјална состојба во која живеат многу луѓе на Балканот. Во тоа спаѓа и подобрување на регионалната соработка во економската сфера. Одделни земји на Западен Балкан се премали за потенцијални инвеститори. Ако регионот заеднички се „потруди“, тогаш се исплатува да се вложува таму. Тоа создава работни места и приход. Значи, земјите можат веднаш да напредуваат и тоа без разлика колку брзо или бавно ќе ги прават наредните чекори во процесот за проширување на ЕУ. Затоа Германија силно ги поддржува плановите на комесарот Хан за создавање заеднички економски простор во регионот.

Повремено се стекнува впечаток дека Берлин и Брисел во име на стабилноста и определеноста на Западен Балкан за ЕУ го толерираат газењето на медумските слободи или корупцијата, и оти полагаат надежи во авторитарните политичари. Не се ли прави така лоша услуга за демократскиот развој?

Нема сомнеж дека во државите на Западен Балкан постои дефицит во слободата на медиумите и пред сѐ во владеење на правото и правосудството. И широко распространетата корупција е тежок проблем. Корупцијата секогаш носи неправда, го олеснува искористувањето на работниците, спречува напредок, бидејќи оние кои во неа пливаат профитираат од статусот кво и сакаат да ги спречат реформите. Не затвораме очи пред тоа, напротив. Владеењето на правото, реформите во правосудството, борбата против корупција и слободата на изразување се редовно тема на разговор со владите во регионот. Овие теми спаѓаат во темелите за приближување кон ЕУ. Колку побрзо овој процес напредува, сѐ повеќе доаѓа во фокус. Јасно е дека една земја која не ги исполнува стандардите на ЕУ на ова поле не може на крајот да стане членка. Тука нема гледање низ прсти. Носителите на одлуките во регионот тоа одлично го знаат.

 Докторот по правни науки и германски дипломат Кристијан Хелбах (1959.) , од неодамна е специјален координатор за Западен Балкан, Турција и земјите од ЕФТА во Германското министерство за надворешни работи. До минатата година беше амбасадор на Германија во БиХ, а пред тоа работеше во амбасадите на Германија во Колумбија и во Србија.