1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер: Да бидеме храбри

ЕМФ /агенции
12 февруари 2017

Франк-Валтер Штајнмајер со огромно мнозинство гласови e избран за нов Сојузен претседател на СР Германија. Тој во својот говор ги повика Германците да бидат храбри и зборуваше за надеж.

https://p.dw.com/p/2XQfX
Berlin Wahl des Bundespräsidenten  Frank-Walter Steinmeier
Фотографија: picture alliance/AP Photo/Markus Schreiber

Поранешниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер ќе биде 12-от Сојузен претседател на Германија.Сојузното собрание го избра 61-годишниот социјалдемократ во првиот круг гласање со 931 гласови од вкупно 1260 избирачи. Тој имаше уште четворица противкандидати. Неговиот избор практично беше сигурен, со оглед на тоа што ја имаше поддршката не само на својата СПД, туку и на партиите на Унијата - ЦДУ и ЦСУ.

Во кусиот говор по изборот Штајнмајер, обраќајќи им се на оние кои не гласале за него, рече дека сака да се бори за да ја добие нивната доверба. Во бурни времиња, во кои се чини како светот да е разнишан, од големо значење е „лепакот“, она што општеството го држи заедно, рече Штајнмајер.

Reichstag in Berlin Bundesüräsident Steinmeier Antrittsrede
Штајнмајер зборуваше за надеж и храбростФотографија: Reuters/F. Bensch

Тој не ја спомна директно бегалската криза, но потенцираше дека е прекрасно што „оваа земја за многумина во светот стана сидро на надеж“. Германија на другите им дава надеж не затоа што во земјата е се’ добро, туку „затоа што покажавме дека може да биде подобро“. „Мора да си поставиме за задача да ги разликуваме фактите од лагите“, рече тој. Реалноста не смее да се негира, но важно е да постои желба за нејзино менување.

Според Штајнмајер, слободата и демократијата во една обединета Европа се важен фундамент. Тие не се неранливи, но „цврсто сум убеден дека се силни“, потенцираше новоизбраниот претседател. „Не, не живееме на остров на блажени.  Дел сме од светот со неговите ризици. Ризици има и кај нас, Но, ретко каде на друго место во светот има повеќе шанси отколку кај нас. И кој друг, ако не ние, може да има храброст? Затоа, драги сонародници, да бидеме храбри. Тогаш нема да се грижам за иднината.“

Штајнмајер стапува на функцијата на средината од март. Во истражувањето на Емнид, објавено денеска во весникот „Билд ам Зонтаг“, 59% од Германците изјавиле дека очекуваат тој да биде добар претседател, додека 19% сметаат дека нема да биде така.