1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпионажа како наставен предмет

Давид Ел
2 март 2019

Етика наместо потрага, истрага за тероризам наместо шпионажа: Универзитетот на Бундесверот во Минхен за првпат нуди предмет Тајни служби за магистерски студии. Цивилни лица не може да аплицираат.

https://p.dw.com/p/3BjMd
James Bond 007 Intro Live And Let Die
Фотографија: picture alliance

Најпознатиот шпион на сите времиња никогаш не студирал: Џејмс Бонд бил исфрлен веќе по два семестра на британската елитна школа Итон. „007" неуморно лови негативци во 25 филмови. Најважни средства му се брзи автомобили и изумите на „Кју“. Во таквиот свет на тестостерон, жените играат споредна улога, како на пример секретарката Мис Манипени.

Во реалноста работата во тајните служби речиси и да нема допирни точки со животот на јунакот од филмското платно. Кога германските колеги во иднина почесто ќе споменуваат „Мис“ нема да мислат на бројните авантури на фантастичниот колега. Во реалниот свет „Мис“ значи Master in Intelligence and Security Studies. Тоа е нова насока за магистерски студии воведена овој месец. „Не се работи за обука за шпиони, нема потраги и нема да се учи како се скока од покриви”, вели Уве Боргхоф за ДВ. Професорот ја држи новата катедра во Минхен заедно со Јан-Хендрик Дитрих од Високата школа на Сојузот за јавна администрација.

Bildkombo James Bond-Darsteller
„007" неуморно лови негативци во 25 филмовиФотографија: picture-alliance/dpa/dpa

Да се студира наместо да се шпионира

Студентите во Минхен, Берлин и Брил, каде ќе биде воведена новата насока, ќе се занимаваат со теми како етика, политички проблеми или правни рамки за службата. Во некои земји веќе со години постои академска насока за тајните служби.

„За мене насоката е многу интересна, бидејќи сега се воведува таа нова дисциплина во Германија”, вели Боргхоф. Се изучуваат предмети како Истражување на тероризам, Собирање разузнавачки информации, Комуникации и водство на тајните служби. Фокусот е и на дигитални теми, како Одбрана од сајбер напади. На крајот на двегодишната програма се очекува магистерски труд од 100 страници.

Повеќе: 

Сите шпионираат: Нова дигитална несигурност

Со нарачаните убиства тајните служби испраќаат порака

35 екслузивни студенти

Ве заинтригиравме? За жал, овие студии не се отворени за цивили. Оној кој сака да се запише овде мора да биде дел од некоја од разузнавачките служби во Германија - значи БНД, военото разузнавање, на Сојузната или покраинските агенции за заштита на уставот, или пак да е припадник на Бундесверот. Освен тоа, им се дозволува упис и на полициски службеници или припадници на безбедносни служби во министерствата кои работат во безбедносно-политичкиот сектор.

Universität der Bundeswehr in Neubiberg bei München
Една од слушалните на Универзитетот на Бундесверот во МинхенФотографија: Picture alliance/dpa/Universität der Bundeswehr

Во првата година се предвидени 35 студенти, потврди портпаролот на Универзитетот на Бундесверот. Тој не посочи како тие ќе бидат поделени меѓу различните агенции. „Нема да има општи студии во студиската програма", вели Боргхоф. Од една страна, тоа е така бидејќи во зградата во Берлин може да се влезе само со специјална дозвола. „Во одредени модули некои студенти ќе бидат соочени со класифицирани материјали", вели Боргхоф, поради што ќе мора да поминат низ безбедносен тест.

Креирање „разузнавачка заедница“

Оној кој ќе смее да студира, нема да биде избран по принципот на „нумерус клаусус“, туку ќе има комисија составена од високо рангирани претставници на вклучените институции. Според Боргхоф, првите разговори околу отворање на ваквите студии започнале пред четири години. Оттогаш една работна група, под координација на Кабинетот на канцеларката, во која меѓу другото беа вклучени и министерствата за внатрешни работи и за одбрана, ја развија студиската програма. Основање „разузнавачка заедница", која ќе поттикне заемна соработка меѓу властите, според Уве Боргхоф е многу посакуван позитивен ефект од студиската програма. „Ако соработниците на различните институции и Бундесверот седнат заедно во слушална, тоа во иднина може да биде предност за вмрежување и соработка меѓу различни власти.“

На крајот на краиштата може да се види сличност помеѓу светот на Џемс Бонд и МИСС студиската програма: женските агенти се помалубројни. Колкава е квотата на жени во рамките на студиите, Бегхоф не смее да каже, но веројатно е „ниска“.