1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпански суд ги формализираше обвиненијата против принцезата Кристина

Александар Методијев/афп/ројтерс25 јуни 2014

Шпански суд денеска ги формализираше обвиненијата за даночна измама и перење пари против Кристина де Борбон, сестрата на новиот шпански крал Фелипе Шести, како и против нејзиниот сопруг. Поплочен е патот за судски процес

https://p.dw.com/p/1CPkl
Фотографија: Jaime Reina/AFP/Getty Images

Со овој судски процес дополнително ќе биде нарушен угледот на шпанското кралско семејство. Судот во Палма де Мајорка ги потврди обвиненијата за даночна измама и перење пари против шпанската принцеза Кристина. Ова е еден од последните чекори пред отворањето на судската постапка. Судот, како што пренесе агенцијата Ројтерс, информира дека ги формализира обвиненијата за принцезата и нејзиниот сопруг.

Принцезата Кристина е обвинета за соучесништво во матните бизниси на нејзиниот сопруг, поранешниот олимписки ракометен играч Ињаки Урдангарин. Тој е обвинет за проневера на неколку милиони евра од јавни фондови, а во судскиот процес во фокусот ќе бидат неговите бизнис договори.

Одлуката на судот во Палма де Мајорка доаѓа на речиси една недела откако на шпанскиот трон седна Фелипе Шести, откако неговиот татко Хуан Карлос абдицираше. Тоа беше потег за подобрување на нарушениот имиџ на шпанската монархија во време на економска криза. Судскиот процес против сестрата на новиот шпански крал може дополнително да го расипе имиџот на шпанското кралско семејство.