1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шојбле на столбот на срамот

З. Јордановски/ дпа14 јули 2015

Волфганг Шојбле предизвика многу незадоволство со опцијата за грекзит - не само во Атина. Сега заеднички е договорен строг и многу скап реформски пакет - и пак Шојбле е на столбот на срамот!

https://p.dw.com/p/1FyBH
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

Во текот на повеќе од петгодишната грчка криза Волфганг Шојбле речиси се навикна на карикатури на кои е претставен како нацист СС-овец или чувар во концентрационен логор. Но, дека дури и тоа може да биде натфрлено, покажува бранот на омраза против германскиот министер во социјалните мрежи по постигнатата согласност за нова финансиска помош за Грција: Шојбле прикажан како обесен на дрво заедно со неговата инвалидска количка, или како крвожеден терорист на ИД (Исламската држава).

Такви слики 72-годишниот министер може уште и да ги игнорира како болни вообразувања. Но, секако ќе го налути грубата критика од некои реномирани американски економисти или од еден или друг европски шеф на држава или на влада. Тие му префрлуваат на огнениот Европеец дека претерал и предизвикал расцеп, па во краен биланс подеднакво им штети на европските идеи и на монетарната унија, колку и владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас. Причината е што токму спроти решавачкиот викенд во Брисел Шојбле лансира еден краток, но дотолку поскокотлив документ, во кој на Атина, во случај на неуспех на преговорите, и‘ се сугерира опција за привремено излегување од еврозоната. Привремено - само зато што Грција воопшто не може да биде истерана од монетарната унија, а и за да се спречи хаос во случај на неуспех на разговорите.

Идејата на убедениот приврзаник на ЕУ, за грекзит на одредено време, навистина засега заврши во фиока како план Б, но нема да ја заборават ни во Атина и остатокот од Европа, како ни во Берлин. СПД се чувствува - неоправдано - како да и’ бил направен груб фаул. Рајнхард Битикофер, политичар на Зелените, грмеше: „Нечувствителниот, доминантен и грд Германец повторно се олицетвори и тоа во ликот на Шојбле“.

Griechenlands Finanzminister Varoufakis in Berlin 05.02.2015
Шојбле имаше многу вербални дуели со грчкиот екс-министер за финансии, Јанис ВаруфакисФотографија: Reuters/F. Bensch

Варијантата „грекзит на одредено време“ на Шојбле, претходно усогласена со канцеларот Ангела Меркел и со шефот на СПД Зигмар Габриел, не дојде вистински ненадејно. Дотолку повеќе, што со месеци се чинеше јасна распределбата на улогите: Шојбле, кој калкулира со излегување на Грција од еврозоната, и Меркел, која пред очи ја има целината на нештата.

Во Еврогрупата е големо незадоволството од Ципрас, кој со месеци ги влечеше за нос кредиторите. Ретко кога имало толку сплотен фронт на другите 18-мина министри за финансии. Шојбле дури не мораше ни да го води главниот збор. Па сепак остануваат во сеќавање реченици на германскиот министер, како онаа од крајот на февруари: „На 28. во 24.00 часот, иш овер“. Таа се однесува на тоа дека на тој ден на полноќ истекува (иш овер - од англиското ист овер! н.з.) долго време го одбиваше. втората програма за помош на Грција. Таа сепак повторно беше пролонгирана. Или неговата шега дека на американскиот колега по функција и пријател Џек Лју му понудил да го преземе Порторико во еврозоната, а САД да ја примат Грција во зоната на доларот.

Но, правникот и политички професионалец Шојбле не е бучен фалбаџија, кој само сака да провоцира, туку и вешт преговарач. Тој ја стави на маса идејата за „грекзит на одредено време“ и ги притисна Грците на други отстапки. Имаше бура од протести, и од други евро-земји. Тврдиот курс секако го начна реномето на Шојбле и на Германија. Но, на крајот сепак Берлин успеа да го протурка барањето за фонд за приватизација со грчки државен имот со вредност од 50 милијарди евра, што Атина долго време го одбиваше.

Тоа е како гаранција за доверителите, и како средство за притисок за забрзување на приватизацијата за да се мобилизираат пари за стопански пораст.

Новиот пакет помош за Грција не само што е со поостри услови, отколку што беа порано понудените, кои Грците ги одбија на референдум, туку со 86 милијарди и далеку поскап отколку што се мислеше пред неколку недели - доколку воопшто и тие бидат доволни за до 2018 година. За него сега Шојбле и Меркел мораат да агитираат кај пратениците од сопствените редови во Бундестагот. Допрва ќе се види дали се исплатеше остриот курс и дали Меркел ќе обезбеди сопствено мнозинство во парламентот. Приближно секој десетти пратеник на ЦДУ и ЦСУ одбиваше продолжување на вториот пакет за Грција. Другите пратеници од партиите на Унијата категорично велеа: Ова беше за последен пат.

Министерот за финансии е омилен во Германија како ниеден пред него на таа функција, 70 проценти од испитаниците на почетокот на јули се изјаснија дека се задоволни или многу задоволни од работата на Шојбле. Во една анкета дури се најде и пред Меркел. Од неговата работа профитират и партиите на Унијата, кои забележаа скок во анкетите од почетокот на месецов.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема