1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

190710 BP Zukunft

25 јули 2010

Првиот човек на „БП“ Тони Хејвард веројатно ќе поднесе оставка во наредните 24 часа, јавуваат денеска (25.07.2010) британските медиуми. Што ќе стане со концернот по големата нафтена катастрофа во Мексиканскиот залив?

https://p.dw.com/p/OUAq
Тони Хејвард, првиот човек на „Бритиш петролеум“Фотографија: picture-alliance/ dpa

Извршниот директор на загрозената британска нафтена компанија „Бритиш петролеум“ преговара за условите за заминување од врвната позиција во концернот и веројатно ќе поднесе оставка во наредните 24 часа, јави денеска британскиот јавен информативен сервис „ББЦ“ (би-би-си).

Висок претставник на компанијата, изјавил за „ББЦ“ дека наскоро ќе следува најава за оставката на Хејвард чија иднина е доведена во прашање поради неговото раководење во катастрофата со истекувањето на нафта во Мексиканскиот залив. Претходно весникот „Сандеј Телеграф“ објави дека Хејвард настојува да поднесе оставка пред „БП“ (би-пи) да го објави полугодишниот биланс од работата.

Компанијата располага со многу нафта

Ölpest / USA / BP
Нафтена дамка во Мексиканскиот заливФотографија: AP

Од 22 април, денот кога потона платформата „Дипвотер хорајзон“ за црпење нафта во Мексиканскиот залив, британскиот концерн „БП“ е соочен со огромни трошоци за совладување на катастрофата и последиците од неа, кои во меѓувреме достигнаа 4 милијарди. Крајот уште не може да се согледа. Може ли ова да го доведе под прашање опстанокот на британскиот нафтен гигант? Тоа би било неразумно, велат во Лондон.

„ ’БП’ (би-пи) ќе преживее и ќе се врати на патеката на стопански пораст. На крајот вредноста на претпријатието веќе нема да се мери според оваа катастрофа, туку според вредноста на нафтата со која располага - а таа е огромна“.

Чарли Паркер, уредник во стручната онлајн-служба „Ситивајр“, отсекогаш бил уверен во добрата иднина на БП, додека многумина негови колеги му предвидуваат пропаст, разбивање или да биде преземен од други. Ни британската влада, се чини, не е толку релаксирана во врска со судбината на концернот. Премиерот Дејвид Камерон повеќе пати го нагласи неговото значење за британското стопанство.

Logo BP Ölkonzern
Логото на „Бритиш петролеум“Фотографија: BP

„’БП’ е важно претпријатие. Важно е за пензиите, вработува илјадници луѓе и плаќа високи суми данок во Велика Британија“.

„БП“ важен за енергетската сигурност

Експерти очекуваат поради трошоците за катастрофата концернот во наредните години да уплати помалку данок во државната каса, но тоа и натаму се огромни суми - лани беа 7 милијарди евра. Судбината на „БП“ беше една од темите на разговорот на Камерон при посетата на Вашингтон. „БП“ е битен за енергетската сигурност. Нему му припаѓаат, меѓу другото, и систем од нафтоводи, кој поврзува повеќе од 50 нафтоносни и полиња за црпење гас во Северно море. Велика Британија и ЕУ од стратегиски причини не би требало да дозволат „БП“ да пропадне или да биде преземен од други, смета Фридберт Пфлигер, политичар на германската ЦДУ и професор по интернационална политика на Кингс-колеџот во Лондон.

„Ние не сакаме сите потреби од енергија да ги задоволуваме само од една или две земји. Затоа катастрофата во Мексиканскиот залив не треба од еколошка да стане геополитичка, што би се случило кога Кинезите или Либијците би го купиле ова големо европско претпријатие“.

И покрај трошоците добивка од 15 милијарди евра

Милијардите за трошоците во врска со катастрофата, всушност, се споредбено безопасни суми: концернот во тековнава година ќе постигне добивка од најмалку 15 милијарди евра, а покрај тоа има и големи парични резерви. Експертите вистинска опасност гледаат само во можноста БП да биде преземен од други, оти вредноста на неговите акции, и покрај трендот на опоравување по падот за повеќе од половина, раѓа апетити. Затоа менаџментот на концернот бара можности за брза набавка на пари. Веќе продаде некои од своите нафтоносни полиња, а бара и инвеститори, кои би купиле малцински удели во акции.

Автор: Штефан Лохнер/ Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски