1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Шведска капитулира пред шумските пожари

ЖА / агенции
21 јули 2018

Шведските пожарникари се откажаа од гаснењето на четири големи шумски пожари, се прават напори само да се ограничи нивното ширење. Бројни земји испратија помош во скандинавската земја, во која беснеат околу 60 пожари.

https://p.dw.com/p/31r31
Schweden - Waldbrannt
Фотографија: Reuters/TT News/M. Anderson

Шведска и натаму е зафатена од силни шумски пожари, а состојбата на викендов е можно дополнително да се влоши.  Против четирите најголеми огнени стихии од вкупно 60, пожарникарите веќе се немоќни, тие се трудат само да го ограничат нивното ширење, изјави шефот на Службата за цивилна заштита. Тој истакнува дека ова е веројатно насериозната и најтешката ситуација со која шведската служба за спасување било кога била соочена. Земјата воопшто не е подготвена за толку големи и комплексни пожари, ниту персонално, ни технички. Шведскиот премиер Стефан Лофвен изјави дека ситуацијата е екстремна и најави зајакнување на Службата за цивилна заштита по гаснењето на пожарите.

Шведска ја губи битката со пожарите

Во меѓувреме, на повик на шведските власти, стигна помош од неколку земји. Хеликоптери за гаснење пожари од Италија и Норвешка и авиони од Франција се во акција веќе неколку дена, а од денеска им се приклучија и пет германски хеликоптери со специјална опрема. Најголемите пожари беснеат на неколку стотици километри северно од Стокхолм, во централна Шведска. Стотици жители од неколку села се евакуирани, а во одделни области граѓаните се повикани да не ги напуштаат домовите и да ги држат прозорците затворени за да не го вдишуваат чадот.

Шведска и скандинавските земји во последните недели се зафатени од екстремна горештина и суша, температурите се невообичаено високи за овој регион, до 32 степени Целзиусови.