1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шарената револуција сѐ уште не успеа да донесе промени

Б. Георгиевски/афп17 мај 2016

Едномесечната Шарена Револуција во Македонија привлече големо внимание, но досега не успеа да ја оствари својата главна цел - да донесе промени, оценува агенцијата Франс Прес во анализата од земјата.

https://p.dw.com/p/1Iotq
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Почнуваат со пост на Фејсбук во кој се најавува целта на денот, и завршуваат пред зајдисонце со серија напади врз македонските владини згради - користејќи балони и пиштоли на вода исполнети со боја.

Едномесечните протести во Скопје беа наречени „Шарена револуција“ поради боите на виножитото, но нивните разиграни орудија сѐ уште не успеаја да донесат поголеми промени во малата балканска држава втурната во политички превирања.

„Во својата основа овој протест, ова граѓанско движење е борба и заложба за демократија“, вели за АФП студентскиот активист Дарко Малиновски.

„Нарушени се човековите права, медиумите не се слободни, имаме корумпирана влада, окупирани институции кои би требало, но не му служат на јавниот интерес“, вели 23-годишникот.

Протестите досега целеа кон зградите и спомениците поставени во скапата нео-ласична преобразба на градот, поттикната од експремиерот Никола Груевски, кој поднесе оставка во јануари годинава по 10 години на власт, за да го отвори патот за контроверзни избори.

Гнев против авторитарниот режим

Драматичниот нов изглед на Скопје, како и неговата политика, длабоко го поделија мислењето во двомилионската земја.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Демонстрантите велат дека нивното движење е израз на гнев против авторитарниот режим на ГруевскиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Додека демонстрантите, вообичаено неколку илјади, велат дека нивното движење е израз на гнев против авторитарниот режим на Груевски, нивните критичари тврдат дека протестите се финансирани од странци кои сакаат да ја дестабилизираат Македонија.

„Населението е поделено“, вели Марко Трошановски, претседател на тинк-тенкот Институт за демократија.

„Од една страна владејачката партија сѐ уште ужива голема поддршка, но од друга, незадоволството е многу емоционално интензивно и расте“.

Во февруари минатата година, опозицискиот лидер Зоран Заев започна со објавување на ткн. „бомби“- снимки кои наводно открија дека власта прислушува 20 илјади граѓани, меѓу нив и политичари, новинари и бизнисмени, како и корупција на високо ниво.

Владата негираше, но обвинувањата предизвикаа масовни протести на обете страни, а ЕУ посредуваше. Влошувајќи ја состојбата, претседателот Ѓорге Иванов минатиот месец објави амнестија за сите вмешани во скандалот со прислушувањето, вклучително и за неговиот сојузник Груевски. Следеа уште протести и Шарената револуција беше родена.

Протести за промена на свеста
„Ова не е револуција како онаа на болшевиците, луѓето не сакаат да го сменат политичкиот систем“, вели Нано Ружин, професор по политички науки и поранешен амбасадор во НАТО.

Новите протести имаат за цел „да го сменат духот и свеста на многу луѓе“, објаснува Ружин.

Демонстрантите, кои претежно доаѓаат од средната класа на различна возраст, се собираат по работното време, некои со своите кучиња и велосипеди, други со транспаренти и свирчиња, а некои и во маички со логото на Шарената револуција.

Секој протест има различна тема, како јавниот долг на пример, но нивното главно барање вклучува повлекување на амнестијата и откажување на изборите на 5 јуни, со кои требаше да ѝ се стави крај на кризата, но сега се неизвесни.
Конзервативната ВМРО-ДПМНЕ на Груевски е единствената партија која ќе учествува на изборите, додека другите одлучија да бојкотираат, тврдејќи дека не се исполнети условите за веродостојни избори- став кој е поддржан од ЕУ и САД.

Иако анкетите покажуваат дека Груевски и натаму ужива силна поддршка, критичарите велат дека тоа се должи на неговата контрола врз државата. Американската Фридом Хаус оценува дека македонските медиуми не се слободни, со најлош рејтинг на Балканот и предупредува дека повеќето демократски индикатори се во опаѓање.

„Граѓаните не се ни свесни што се случува“, вели адвокатот Марин Гавриловски. „Затоа доаѓаме секој ден, за луѓето да разберат дека нешто не е нормално во оваа земја“.

Но очекуваното влијание на Шарената револуција е под прашање - тие се собираат по неколку илјади секоја вечер, но не успеваат да соберат критична маса од десетици или стотина илјади луѓе.

Протести за поддршка се одржуваат и во помалите градови, но про-Груевски митинзите исто така привлекуваат луѓе низ земјата.

Но активистите се надеваат дека нивните шарени пораки ќе испратат јасно предупредување до идните влади.

„Веќе не е време во кое ни требаа години за да се соберат 100 луѓе, сега ни се потребни два часа. Тоа е пораката која сакаме да ја испратиме“, вели 34-годишниот демонстрант Миша Поповиќ.