Оптимизмот не стивнува ни во кризни времиња
25 јуни 2022Пандемија на коронавирус, војна во Украина, инфлација: тмурните вести веќе подолго време го одредуваат нашето секојдневие. Но, и покрај раширеното мислење дека кризите ги прават луѓето песимистични истражувањата покажуваат поинаква слика. „Во кризни времиња не преовладува песимизмот како што тоа вообичаено се мисли“, вели Хорст Опашовски од Хамбург, научник кој долга низа години се занимава со прогнози за иднината.
Неговиот Институт за истражување на иднината во март годинава спроведе испитување кое покажа дека 78 отсто од испитаниците со оптимизам гледаат на иднината. „Позитивниот начин на размислување и увереноста оти ќе биде подобро се пресудни за преживување“, вели футурологот Опашовски.
Нема ситуација од која не може да се извлече нешто позитивно
Така сметаат и членовите на „Клубот оптимисти“ од Хамбург кој брои над 200 члена, повеќето од нив се претприемачи. Членовите од клубот, основан во 2005 година, редовно се среќаваат и расправаат за актуелните теми. „Со оптимизам животот е полесен“, вели Петер Екле ,претседател на клубот. Еднаш годишно се доделува и титулата „оптимист на годината“.
Но, Екле вели дека оптимизмот не треба да се смета за состојба во која „насмевката не се симнува од лице“. За членовите на овој клуб оптимизмот едноставно е животна филозофија. „Се работи за тоа од секоја ситуација да се обиде да се извлече најдоброто. Нема ситуација во која тоа не би било можно“, вели Екле и нагласува дека тоа нема ништо заедничко со едноставно разубавување на ситуацијата.
Во оптимистични поуки од моменталните кризи како пандемијата и војната Екле, исто така, го вбројува и новиот однос кон пазарот на труд, односно, поголема флексибилност во што спаѓа и воведената пракса за работење од дома. Натаму, како што вели овој хамбуршки оптимист, сфативме оти глобалниот состав е многу ранлив и веќе почнува да се прилагодува.
„Германскиот страв“ исчезнува
Опашовски особено кај Германците гледа големи промени. „Германците се променија позитивно во споредба со 80-тите и 90-тите години од минатиот век. Остатокот од светот долго ни се потсмеваше со поимот 'Германски страв'“, вели Опашовски. Тој смета дека Германците во меѓувреме се присетиле на повоените години кога за среќа во животот било потребно многу малку.
„Ова историско искуство и сеќавање ослободува механизми кои помагаат во борбата против стравовите предизвикани од кризи“, смета Опашовски. Тоа го покажува и моменталниот степен на оптимизам кој, и покрај кризите која се редат една по друга веќе со години, е на многу големо ниво. „По секоја криза некако сѐ оди понатаму: тоа е можност за нов почеток“, заклучува овој стручњак за прашањата за иднината.