1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија против раздвојување на С. Македонија и Албанија

БГ
10 мај 2021

Шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг денеска ги критикуваше најавите на комесарот Вархеји за раздвојување на С. Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/3tCOu
Österreich Alexander Schallenberg in Madrid
Фотографија: picture alliance/dpa/B. Akbulut

Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг денеска ја оцени како „апсурдна“ идејата за раздвојување на Северна Македонија и Албанија од преговарачкиот пат кон ЕУ.

„Мислам дека е сосема избрзано, да не кажам и апсурдно, што сега токму ученикот за пример Северна Македонија се трга на страна“, рече Шаленберг пред средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

За ваква дискусија е премногу рано, смета австрискиот министер.
„Во процесот на проширување важи правилото дека секоја земја ќе биде оценувана според сопствениот напредок. Секако не може да се исклучи дека би се презел таков чекор. Но токму Северна Македонија го смени името, изврши огромни реформи и мислам дека по тоа прашање мораме да бидеме многу претпазливи какви сигнали ќе испраќаме“.

Повод за реакцијата на Шаленберг се последните изјави на комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, кој на двапати минатата недела предупреди дека доколку Скопје не го реши спорот со Софија, Албанија сама ќе продолжи во евроинтеграциите.

Германија веќе се изјасни дека нема да поддржи разделување на двете земји и очекува во јуни на обете да им биде одобрен датум за долго очекуваниот почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Надежите се дека за време на актуелното португалско претседателство со ЕУ, двете земји во јуни би можеле да добијат зелено светло.

Австриската агенција АПА, која ја пренесува изјавата на Шаленберг, проценува дека таквите шанси за Северна Македонија се мали поради новите парламентарни избори во Бугарија закажани за 11 јули.