1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Чудо“ по цунамито 2004 - родителите си ја пронајдоа ќерката по цели 10 години

ЕМФ/дпа7 август 2014

Една индонезиска двојка цели десет години веруваше дека нивната ќерка загинала во цунамито во 2004 година. По една деценија чичкото случајно го пронајде 14-годишното девојче.

https://p.dw.com/p/1Cqyf
Фотографија: AP

За време на разурнувачкиот цунами пред 10 години родителите мислеле дека четиригодишната Раудхатул и нејзиното тригодишно братче биле однесени од огромните водени маси и дека го загубиле животот. Куќата на малото семејство во провинцијата Аче било потопено од огромните бранови. Индонезиската двојка успеала да се спаси држејќи се за дрвена штица. Очајнички се обидувале да ги држат цврсто и своите деца. Се‘ било попусто.

Според денешните (7.08) изјави на мајката, родителите трагале по децата околу еден месец. Потоа сметале дека децата загинале во катастрофата. Се‘ додека во јуни годинава, еден чичко не здогледал случајно девојче кое наликувало многу на Раудхатул. Постара жена од соседната провинција Барат Даја во деновите по цунамито го земала девојчето кај себе.

„Ова е божјо чудо“, убедена е мајката Џамалија Џана, која вчера конечно повторно ја виде ќерка си. Таа за агенцијата ДПА во телефонски разговор изјави дека веднаш штом го видела девојчето знаела дека е тоа нејзината ќерка. „Мојот сопруг и јас сме толку среќни што ја најдовме повторно“, рече таа. Ако некој воопшто изрази сомнеж во тоа дека станува збор за нејзиното девојче, Џамалија Џана е подготвена на ДНК-тест.

Девојчето тврди дека е можно да е жив и брат и‘. По цунамито двајцата биле исфрлени на брагот на Банијак. Слабо населената островска група се наоѓа на околу 40 километри од западниот брег на Суматра. Сега родителите имаат намера таму да го бараат синот.

Во цунамито кое беше предизвикано од силен земјотрес на 26 декември 2004 година загинаа 230.000 луѓе во 14 земји во подрачјето на Индискиот океан. Во индонезиската провинција Аче животот го загубија 170.000 луѓе.