1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што е поважно - човечките животи или економијата?

Хенрик Беме
28 март 2020

Да не можете да верувате на очите и ушите. По двонеделно замирање на јавниот и економскиот живот, поединци веќе почнаа да прават пресметки. Мртви версус економски пораст. Тоа е недопустливо, оценува Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/3a7B3
Italien Coronavirus Ponte San Pietro, Bergamo
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

На прашањето - колку мртви можеме да си дозволиме, нема одговор, или барем јас го немам. Некои меѓутоа мислат дека го знаат одговорот. Тоа во моментов е предмет на чудовишна расправа на тема - што ни е поважно: заштита на животот на секој поединец, или заштита од разорна економска криза?

За последиците од кризите од секаков вид пишувам веќе со децении, од терористичките напади на 11 септември, па се’ до сломот на банката Лиман Брадерс. Во живо го доживеав и колапсот на политичкиот систем во ГДР во 1989 година. А сега овој вирус. Невидлив, неупадлив, непознат. Непознатото е она што го чини толку опасен. Затоа толку се плашиме. Затоа поднесуваме ограничување на контакти, забрана за излегување и ограничување на слободата на движење, а со сето тоа и гаснење на економскиот и јавниот живот. Тоа се призори на апокалипса и пропаст на светот. Нема веќе радио извештаи за застои во сообраќајот.

Многу големи суми

Учиме да жонглираме со уште повисоки бројки отколку во времето на светската финансиска криза. САД донесоа пакет помош вреден две илјади милијарди долари. Европската централна банка одобри 750 милијарди, а германската влада 600 милијарди евра. Такви пакети со мерки се носат во цел свет. Многумина си го поставуваат прашањето: Кој всушност треба да плати за сето тоа? Дали се’ ќе биде исто како и по финансиската криза, кога државите мораа да се задолжат до грло за да ги ублажат нејзините последици?

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

По кризата државите мораа да штедат, посебно во здравството и образовниот систем, а наголемо се штедеше и на социјалните системи и инвестициите. Постојат сериозни истражувања на британски лекари дека финансиската криза во периодот од 2008 до 2010 година довела до повеќе од 500.000 смртни случаи само од рак, затоа што луѓето немале соодветен медицински третман поради мерките на штедење или затоа што останувале без работа, губејќи го и здравственото осигурување.

Многу тешки зборови

Сега е време за повторно одмерување на работите. Колку мртви сакаме и можеме да си дозволиме? Прашањето може да се постави и поинаку: Колку ни е вреден човечкиот живот? Можеме ли да отвориме такви сметки, како што тоа го прави Александер Дибелиус (private-equity менаџер и поранешен шеф на германскиот огранок на банката Голдман Сакс), кој се прашува: Дали навистина мора да заштитиме 10 проценти од населиенето кое е посебно загрозено од коронавирусот, додека остатокот, вклучително и целата економија, мора да трпи и е изложен на можни екстремни последици, вклучително и уривање на темелите на нашата благосостојба?

Може ли тоа да се изрази погрубо, или попресметливо? На крајот на краиштата, д-р Дибелиус завршил медицина. Што е со Хипократовата заклетва? Потребни ли се уште поживописни слики од оние кои стигнуваат од Италија? Лекари кои се соочени со нехуманата одлука односно селекција - кој треба да се лекува, а кого да го остават да умре. Спречување на уривањето на здравствените системи - токму тоа е причината за гаснење на јавниот и стопанскиот живот. Ако во болниците преовладаат италијански услови, тогаш ќе мора да умрат и многу други пациенти кои, да речеме, се примени со акутен срцев или мозочен удар. За д-р Дибелиус е тоа можеби колатерална штета.

А, што е со повеќе од милион смртни случаи во САД, како што однапред прогнозира и пресмета Империјал Колеџ од Лондон? Во врска со тоа, еве и едно прашање за д-р Дибелиус: Дали сте прочитале за 20-годишните студенти по медицина во француски Мулуз, кои морале мртвите да ги спакуваат во вреќи и да ги одвезат од болницата?

Многу погодени од корона-кризата

Се разбира дека економскиот застој е огромен проблем. За кафеаната зад аголот, која и онака одвај опстанува. За режисерката, која не е постојано вработена и која среде година ги прекинуа сите претстави. За ивент-агенциите, за угостителите и.т.н. Списокот е бескраен. Или за гигантите: за Луфтханза, која ја има приземјено речиси целата своја флота, затоа што летови - нема. Фолксваген исто така ги запре своите производни ленти во момент кога се подготвуваше налето да го прослави лансирањето на новиот електромобил. Сега од тоа нема ништо. Но, тоа јасно ја покажува димензијата на кризата. Се разбира дека фабриките на Фолксваген и многу други компании се затворени, зашто здравјето на вработените има приоритет. Од друга страна, автомобилите само би се трупале, зашто во моментов никој и онака не сака да ги купи.

Така вирусот ги нагризува нашиот систем и општество. Ги ограничува нашите слободи. Не’ соочува со губење на контролата. Го доведува во прашање нашето уверување дека имаме решение за секој проблем. Ни носи голема рецесија. Но, и покрај тоа, не може ние сега да почнеме со селекција по принцип: „Затворете ги и изолирајте ги старите (патем, умираат и млади)!“, за економијата повторно да застане на нозе. Се разбира дека експертите се свесни за одговорноста што ја носат социјалните и економските последици од кризата која ја предизвикуваат сегашните мерки. Затоа многу работи ќе мора да се доработат.

Ние сега мора да ја издржиме фазата на изолација и да негуваме солидарност, нежната билка која настана во кризата. И тоа среде едно егоистично општество. Тоа е вистинското средство во борбата против короната. А, тоа со економијата, тоа веќе некако ќе го решиме. Во тоа сум сосема сигурен.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58