1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ксенофобичниот премиер и неговите работници од странство

Кено Верзек
4 февруари 2019

Чешкиот премиер и милијардер Андреј Бабиш со години го подгрева расположението против мигрантите. Но, во неговите компании работат многу странци кои се дојдени во земјата под сомнителни околности.

https://p.dw.com/p/3CgPu
Tschechien Iillegale Arbeiter Fabrik Vodanská in Mirovice
Фотографија: DW/Keno Verseck

Во малото место во североисточниот дел на Чешка дува многу студен ветар. Единствениот ресторан во местото е затворен. Човекот дојде на железничката станица. Разговорот мора да се одвива туку, за неговите колеги со коишто живее да не дознаат дека ќе се среќава со еден новинар. Во чекалната е многу студено. Но, и таа ја заклучи чуварот поради што за седење остана само една клупа надвор на ветрот. Човекот е слабо облечен и се гледа дека му студи. Триесет и шест годишниот Ван Га Нгиен всушност има друго име, но ме замоли да не му го откривам идентитетот.Тој потекнува од Виетнам и као и илјадници други негови сограѓани дошол во Чешка да си ја бара среќата и да заработи пари.

Како што ни раскажа, на еден посредник од Виетнам му платил 14.000 долари за да му помогне да ги среди бирократските пречки. По неколкумесечна процедура тој стаса да работи во една чешка фабрика за живина. Но, наместо она што му било ветено, таму го дочека тешка исцрпувачка работа за многу помалку пари од чешкиот минималец.

Двојна игра на премиерот

Фабриката во Мировице која се наоѓа на речиси 80 километри југоисточно од Прага е во сопственост на актуелниот премиер Андреј Бабис – милијардер и популистички политичар, кој во јавноста отворено зборува против миграцијата и илегалното доселување. Ваквиот став на последните избори му донесе многу гласови. Но, во фабриките, сопственост на неговата компанија Агроферт работат многу гастербајтери од земји кои не се членки на ЕУ, меѓу другото и од Виетнам, Украина и Монголија. Без нив, Агроферт како и многу други претприемачи во земјата не би можеле да функционираат поради екстремниот недостаток на работна сила. Тие се мизерно платени, а голем дел од нив во земјата се влезени под сомнителни околности.

Tschechischer Premierminister Andrej Babis
Фотографија: AFP/Getty Images/M. Cizek

Исто како Ван Га Нгиен. Овој заварувач по струка е женет во Виетнам и има две деца. Неговиот план е да поработи неколку години во Европа за да заработи пари за семејството и по враќањето во Виетнам да си отвори работилница. Посредникот со кој стапил во контакт му ветил „лесна работа во една фабрика за живина за 1000 долари месечно", раскажува Нгиен. Тоа е пет пати повеќе од виетнамската месечна плата. Во Виетнам е речиси невозможно без платен посредник да добиете работна виза за странство. Ван Га Нгиен на рати му исплатил 14.000 долари. За дел од парите земал кредит од банка, а дел од приватен хипотекарен кредит. „На почетокот од 2016 година посредникот закажа термин за интервју во чешката амбасада", вели Нгиен. „Однапред ги знаев прашањата во конзулатот и речиси веднаш потоа ги добив документите."


Крвава фабричка лента

Во април 2016 година Ван Га Нгиен почна да работи во фабриката за живина Вонданаска во Митровице. Тој е еден од четириесетината Виетнамци кои работат таму. Фабриката Вонданска со години е една од главите теми во медиумите поради лошите услови за работа и голем број случаи на илегално вработени лица. И Ван Га Нгиен го доживеа тоа: Тој бил поставен на почетокот од фабричката лента и морал илјадници живи патки или тукушто заколени пилиња да ги закачува на ченгел. „Тоа е валкана, делумно крвавава, нехигиенска и лошо платена работа," вели Ван Га Нгиен. Тајно направени снимки од фабриката кои им беа покажани на новинарите на ДВ го потврдуваат ова.

Тој инаку месечно добиваше околу 550 евра што е нешто малку повеќе од чешкиот минималец. По една година тој доби отказ бидејќи побарал зголемување на платата. Исто како и поголемиот дел Виетнамци кои работат во фабриката Воднанска – во меѓувреме од 40 сега таму работат само 16.

Живот во бедни услови

Посетата на ДВ во Мировице во декември 2018 година ги потврдува исказите на Нгиен. Дел од ангажирани Виетнамци, Монголци, Украинци и Романци, кои работат во Воднанска живеат во пропаднати барака во близина на фабриката, каде имаат заедничка кујна и тоалети.

Нешто подалеку има зграда, исто во сопственост на Агроферн. Десет Виетнамци живеат во двособен стан и нивната приказна е идентична како на Нгиен. Работат 200 часа месечно, а заработуваат 600 евра. Немаат договор за работа, а за невозможните услови во кои живеат плаќаат по 100 евра месечно кирија. Така пропадната зграда која на пазарот на недвижнини не би можела да биде издадена, уште станува и лукративен спореден бизнис за Агроферт. Се е спротивно на исказите на Бабис, дека му се многу важни добрите работни услови.

Невидлива политичка линија

Милијардерот со години е предмет на критика во Чешка. Со судска пресуда е утврдено дека бил соработник на чехословачките служби и во 90тите години под нејасни околности стана сопственик на холдингот Агроферт, во кој во меѓувреме спаѓаат и многу германски компании, меѓу кои и фабриката Пистериц. Агроферт е најголем чешки примател на европски субвенции. Веќе подолго време има отворени истраги против Бабис заради конфликт на интереси и измама. За да се спаси од таквите обвинувања Бабис во 2017 империјата ја префрли на еден Фонд, чиј што надзорен одбор го води неговата сопруга. Тоа беше во времето кога Бабис беше министер за финансии.

Tschechien Iillegale Arbeiter Fabrik Vodanská in Mirovice
Фотографија: DW/Keno Verseck

Од канцеларијата на чешкиот премиер не одговорија на прашањата на ДВ под кои услови Воднанска носела виетнамски работници и какви се условите за работа во Мировице, но портпаролот на Агроферт Јан Павлу прашањата ги оквалификува како "навредувачки и недостоинствени", додавајќи дека сите правила се почитуваат. За странските важеле истите услови како и за домашните работници и сите имале договори за работа. Павлу ги отфрла обвинувањата дека Агроферт со помош на посредници намерно вербувал работници од странство, но не појасни како ги регрутирале. Портпарол на министерството за надворешни работи за ДВ изјави дека не знаеле за корупција при издавањето работни визи, ниту дека чешки дипломати или конзуларни работници биле дел од таква пракса.

Од летото 2018 е стопирана програмата работна виза за Виетнамци, „заради националната безбедност", како што се вели.

Илегалноста како излез

Ван Га Нгиен по отказот од Воднанска во Чешка живее илегално бидејќи неговата двегодишна работна виза беше поврзана со работното место во Мировице, што е вообичаено во такви случаи. Тој сега работи на црно во локалот каде што го сретнавме. Има долг од околу 10 илјади долари и се кае што дошол во земјата. Сепак не може ни да се врати во Виетнам каде никогаш не би можел да заработува доволно за да ги отплати своите долгови. Тој сака да се обиде да најде легално вработување во Бугарија или Унгарија. Резигнирано вели дека би го сторил тоа повторно со помош на посредник, иако тоа би го чинело овој пат 12 илјади долари.