1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четири жртви во Тетово, војници трагаат по исчезнато лице

Катерина Блажевска4 август 2015

Три од жртвите се деца. Војници ќе го пребаруваат теренот во Шипковица во потрага по исчезнато лице, за кое жителите стравуваат дека можеби се наоѓа под одроните, вели градоначалничката на Тетово.

https://p.dw.com/p/1G9I4
Фотографија: DW/Z. Andonov

Четири жртви, од кои едно возрасно лице и три деца помлади од десет години, се жртвите од големото невреме кое вчеравечер го зафати Тетово и околните села. До утрово (8 часот - н.з.) едно лице од селото Шипковица се‘ уште се води како исчезнато. Три од жртвите исто така се жители на планинското село Шипковица, а само едно од настраданите деца на седумгодишна возраст било од населбата Лисец, чие безживотно тело надојдената водена маса го исфрлила во близина на Голема Речица.

Во Клиничкиот Центар во Тетово вчера биле примени две повредени лица, едно во потешка состојба било упатено на лекување во Клиничкиот центар во Скопје, а по укажаната помош други четири поврдени лица биле пуштени на домашно лекување. Повредените синоќа ги посети градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која утрово до 3 и 30 часот престојуваше во селата кои најмногу настрадаа од невремето. Во посета на настраданото подрачје ноќеска беше и премиерот Никола Груевски.

Прекинат водоводот до Шипковица

Целокупната механизација со која располага општината од синоќа била упатена на терен и цела ноќ не престанала да работи на расчистување на одроните. На помош стигнала и механизација од Гостивар и Скопје, а своите ресурси на располагање ги ставиле и компании од Тетово.

Единствено расчистувањето на теренот во Шипковица запре по барање на тамошните жители, бидејќи стравуваат дека телото на едно од исчезнатите лица можеби се наоѓа под големите одрони, објаснува градоначалничката на Тетово. „Денеска војници на АРМ таму ќе го пребаруваат теренот. Состојбата во Шипковица не може да се опише. Тоа е страшна и ужасна глетка. Рано утрово таму ќе се спроведат две приоритетни и неодложни активности: пребарување на теренот и испраќање цистерни со вода, бидејќи е прекинат главниот довод на вода до селото“, вели Арифи.

Таа утрово има состанок со работната мешовита група за итни интервенции, а ќе присуствува и на вонредната седница на Владата, на која треба да се договорат мерки за помош на настраданото подрачје и да се формира Комисија за проценка на штетите.

Mazedonien Unwetter in Tetovo
Фотографија: DW/Z. Andonov

Вистинска катаклизма

Освен во Шипковица, вчера критична била ситуацијата во Голема и Мала Речица и во Доброште. Поради обилни врнежи во селото Доброште во 18 часот дошло до излевање на реката, по што во прекин бил регионалниот пат Тетово-Јажинце, како и правецот Тетово-Попова Шапка поради свлечишта и камења на патот. Без струја останаа селата Жеровјане и Порој.

„Беше страшно. Вистинска катаклизма. Надојдената вода уриваше ѕидови, носеше автомобили, поплави цели села и населби“, раскажуваат вознемирени жители од тетовско.

Силното невреме предизвика сообраќаен хаос и големи материјални штети и во Тетово. Реката Пена се излеа од коритото, а по нејзиното повлекување градот остана прекриен со отпад, кал и откорнати дрвја. Тетовчани вчеравечер на социјалните мрежи алармираа дека луѓето кои живеат во ромската населба покрај реката Пена се целосно поплавени и се надвор од нивните домови. Дирекцијата за заштита и спасување ангажираше осум градежни машини за да се расчистат улиците од наносите.

Mazedonien Unwetter in Tetovo
Фотографија: DW/Z. Andonov

Свлечиштата демнат

Според истражувања направени пред три години, околу 20 проценти од територијата на Република Македонија е потенцијално подложна на појава на свлечишта, одрони и други форми на гравитациско движење на земјишни и карпести маси. Обилните дождови кои лани пролетта ја зафатија Македонија „разбудија“ дел од постојните, но предизвикаа и нови свлечишта, како и големи одрони на одредени патни правци. Токму ланските поплави во Македонија и во регионот, го извадија од фиоките македонскиот список за санација на критични и инфраструктурни точки, а нив ги имаше многу - мостови, брани и опасни свлечишта. Надлежните започнаа санација на дел од свлечиштата, но сите не се најдоа во програмата.