1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четврт век од нападот на централата на Штази

Марсел Фирстенау / Е.М. Фиданоска15 јануари 2015

Тоа беше историски триумф на цивилниот кураж - пред 25 години беше мирно нападната централата на тајната полиција на ГДР. На одбележувањето на годишнината се отвора нова медијатека.

https://p.dw.com/p/1EKl6
Фотографија: picture alliance/AP Images

На Роланд Јан и денес му се насолзуваат очите кога мисли на 15 јануари 1990. Тогаш храбри граѓани од Германската Демократска Република (ГДР) ја нападнаа централата на Министерството за државна безбедност (Штази) во Берлин. Меѓу нив и денешниот сојузен ополномоштеник за актите на Штази, иако во тој момент веќе долго не бил граѓанин на поранешната ГДР. На Јан, кој потекнува од Јена, уште во 1983 година му било одземено државјанството против негова волја, откако претходно бил осуден на затворска казна поради „понижување на државата“. Имено, тогаш 30-годишниот Јан искажувал отворени симпатии за полскиот синдикат „Солидарност“.

Тоа беше „трогателен“ ден, вели борецот за граѓански права 25 години подоцна. Особено во сеќавање му е останато чувството на „ослободување што го видов на лицата на луѓето кои тогаш се втурнаа овде“. Историчарите и натаму спорат околу тоа кој ја отворил влезната врата на тајната полиција на источногерманската диктатура, нагласува Јан во разговор за ДВ. Но од решавачко значење е нешто друго: нападот на централата на Штази беше основа за тоа „денес да можеме да ги користиме актите“.

Западногерманските политичари беа против отворање на досиејата

Со своето храбро и се‘ друго само не неопасно заземање на огромниот простор каде што беше сместена централата на Штази, борците за граѓански права спречија уништување на информациите што шпионите на Штази ги собираа со години. Кога возбудениот народ сакаше да влезе во централата, соработниците на Штази веќе го уништуваа материјалот собиран со години. Дел од актите значи се загубија неповратно, но голем дел од досиејата е спасен. Со оглед на германското повторно обединување, западногерманските политичари беа тие што најрадо сакаа наследството на тајната служба на ГДР да биде чувано под клуч. Јан за таквиот став дури има и извесно разбирање. Конечно, станува збор за „информации собрани на начин со кој се кршат човековите права“, кои не може да се објават туку така.

Bundesbeauftragte der Stasi-Unterlagenbehörde Roland Jahn
Роланд ЈанФотографија: picture-alliance/dpa

Со помош на законот за актите на Штази од 1991 година се најде добар баланс меѓу отворањето на актите и правата на поединецот. Притоа, апсолутна предност има заштитата на жртвите. Шпионите на Штази, наспроти тоа, мораа и мораат да сметаат со откривање на нивниот идентитет. Времето на спектакуларните откритија меѓутоа е одамна минато. Четврт век по историскиот настан Јан извлекува позитивен биланс. Ако досиејата не се отвореа „отровот на Штази ќе делуваше и натаму“, оценува тој. Една тајна полиција е распуштена само тогаш „кога ќе се обелодени нејзината работа“.

Претседателот Гаук беше првиот ополномоштеник за актите на Штази

Роланд Јан е третиот сојузен ополномоштеник за актите на Штази избран од страна на парламентот. Неговите претходници исто така биле дел од граѓанското движење во ГДР - политичарката на Зелените Маријане Биртлер и актуелниот сојузен претседател Јоахим Гаук. При стапувањето на функцијата Јан во 2011 година рече дека од поранешната централа на Штази сака да направи „камп на демократијата“. „Колку подобро ја сфатиме диктатурата, толку подобро ќе можеме да ја обликуваме демократијата“, гласи неговата мисла водилка. А таа може извонредно да се пренесе на новата трајна изложба која се отвора денеска.

Schreibtisch von Stasi-Chef Erich Mielke mit multimedialem Info-Bildschirm EINSCHRÄNKUNG
Работната соба на долгогодишниот шеф на Штази, Ерих МилкеФотографија: BStU/Popa

Таа е оригинална и мутлимедијална, сместена во „Куќа 1“, каде од пред неколку години може да се разгледа работната соба на Ерих Милке, шеф на Штази од 1957 до 1989 година. Неговиот живот и стравовладеење може да се запознаат низ збор, слика и тон. Државната министерка за култура Моника Гритерс по повод отворањето изјави дека централата на Штази „како ретко кое друго место ја прикажува неправедноста на државата ГДР“. Нападот врз централата на Штази пред 25 години е пример за цивилен кураж на многу граѓани во ГДР кои „во својот стремеж за слобода и демократија им се спротивставија на властодршците“.

Нова понуда - мултимедијална Штази-медијатека

Освен изложбата во музејот на Штази, од пред неколку дена постои и медијатека (http://www.stasi-mediathek.de/:Stasi-Mediathek). Оние кои сакаат онлајн да се информираат за перфидните методи на работа на тајната полиција тука ќе најдат голем број примери. Тука се информациите за задушувањето на народното востание од 17 јуни 1953-та, исто како и систематската борба против т.н. бегство од републиката. Во медијатеката меѓутоа има и документи за настапот на западногерманскиот рок-музичар Удо Линденберг, кој во 1983 година доби дозвола да настапи во „Палата на Републиката“, која во меѓувреме е урната.