1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦИА не е она што би требало да биде

Вернер Блох10 април 2008

Новинарот на Њујорк Тајмс, Тим Вајнер, напиша книга за ЦИА во која без влакна на јазикот ја прикажува отрезнувачката реалност на американскатата тајна служба.

https://p.dw.com/p/Derg
Фотографија: dpa

Во книгата „ЦИА - целата приказна“ е прикажана тајна служба која одамна не е толку ефективна и сезнајна како што тоа е прикажано во холивудските филмови. На 800 страници, Вајнер пишува за она што го видел во околу 50 илјади документи на ЦИА и низ разговорите со последните десетмина нејзини директори. Книгата е пишувана цели 20 години.

Со ЦИА е многу едноставно да се стапи во контакт

Репортерот на Њујорк Тајмс, Тим Вајнер, сакал да патува во Авганистан во 1987 година и го повикал одделот на ЦИА за односи со јавност. Но, со него не сакал да разговара никој. На денот по враќањето во САД, неговиот телефон заѕвонил, а на другата страна на линијата била ЦИА. Сакале да знаат што Вајнер доживеал во Авганистан. Љубопиството било сосема разбирливо зашто ЦИА никогаш не била во Авганистан.

„Половината од денешните соработници на ЦИА имаат работно искуство помало од пет години. Тоа значи, според стандардите на ЦИА, тие се практиканти и не се доволно добри за да патуваат. Никогаш порано вработените во ЦИА не биле толку неискусни како денес. Тоа не е организација која може да види се‘ и да знае се‘, која покренува планини и може да урива влади. Додека од нејзе се направи тајна организација за 21 век ќе минат години “, вели Вајнер.

Сите промашувања на ЦИА

Тим Вајнер ги наведува сите промашувања на американската тајна организација: од несреќната авантура во Заливот на свињите, преку неуспешните обиди за убиство на Фидел Кастро, ненадејниот, за ЦИА, подем на ајатолахот Хомеини, се‘ до 11 септември. Историјата на ЦИА е полна со неуспеси и баксузлаци. Најголемата катастрофа, сепак, според авторот, се извештаите за оружје за масовно уништување во Ирак кои беа погрешни и кои ја втурнаа Америка во неоправдана војна, во која луѓето сеуште гинат: „Лудило, да се сака да се проценуваат странски сили без функционална тајна служба. Тоа е залудно трошење крв и пари. На тој начин може да не успеат и големи сили. Сакам ЦИА да знае што се случува во светот, зашто кога тајните служби прават погрешни проценки, гинат војници.“

Треба да се прислушува

Вајнер вели дека тајните информации не се добиваат преку сателити, туку преку слушање на луѓето. Токму тука суперсилата САД прави премалку. Од 20 илјади вработени во ЦИА само две илјади се стационирани во странство, а повеќето од нив не го знаат јазикот на земјата во која се на служба.

„Она што веројатно ни‘ е потребно во САД е национален универзитет за тајните служби. На овој универзитет би се предавал јазикот, обичаите и историјата на народите кои се поинакви од нас, кои не не‘ сакаат. Така ќе се почне со собирање сознанија за тајните служби. Британците имаат светско богасттво. Тие беа на лице место, со генерации, се мешаа меѓу луѓето и развиваа шпионски мрежи “, раскажува Вајнер.

Central Intelligence Agency CIA Logo

Кој го разбира јазикот, историјата и културата на една земја, тој се движи како риба во вода и може да практикува многу подобра шпионажа отколку ние денес, вели Вајнер, додавајќи: „Ние нашите луѓе ги испраќаме на курс кој трае две години“. Авторот својата книга, која според многумина е најдобрата воопшто напишана за ЦИА, ја сфаќа како сигнал на предупредување. ЦИА во моментов е пред слободен пад. Џорџ Тејлор, кој беше директор на ЦИА од 1997 до 2004 година, организацијата ја опиша како „нафтена платформа која гори“.

Сепак, Вајнер гледа шанси долгата војна против тероризмот да се добие. Но, идните американски претседатели ќе мора да научат информациите на ЦИА да ги слушаат, а не обратно - ЦИА да им биде средство и обезбедувач на докази за веќе однапред формирана политика, како што Буш тоа го направи во Ирак.