1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ХРВ го поддржува отпорот против десниот популизам

Андреа Грунау
18 јануари 2018

Во „Светскиот извештај за 2018“ Хјуман Рајтс Воч ја анализира состојбата со човековите права во светот. Венцел Михалски во интервју за ДВ ги наведува злоупотребите и успесите во оваа сфера.

https://p.dw.com/p/2r3tA
Grenze Ungarn - Österreich 2015, Hand von Flüchtling
Фотографија: picture-alliance/dpa/Tatif/Wostok Press/Maxppp Hongrie

ДВ: „Борбата за човековите права е успешна“ - гласи вашата порака годинава до медиумите. Па сепак, постојано има случаи на повреда на човековите права: во Јемен, Мјанмар, Турција... Каде поточно лежи успехот?

Венцел Михалски: Успехот е таму каде што има силен отпор против десничарскиот популизам и автократите кои се обидуваат да ги згазат човековите права. На пример, американскиот претседател Доналд Трамп не успеа да го спроведе она што го сакаше: голема блокада за влез на муслиманите во САД. Ѕидот кон Мексико исто така сѐ уште не е изграден, а и враќањето на таканаречените „сонувачи“ - мигранти кои како деца илегално влегле во САД - не е спроведено до крај. Ваквите примери покажуваат дека отпорот се исплати. Онаму каде што нема отпор, на пример на Филипините, или каде што традиционалните бранители на човековите права, западните демократии не протестираа или не притискаа гласно, гледаме сериозни повреди на човековите права, како на пример во Јемен или во Турција.

Значи не може да се потпреме само на владите?

Граѓанското општество мора да биде силно и активно, но исто така и луѓето во правниот систем, пратениците, опозицијата. Сите се повикани да му се спротивстават на националистичкиот и нечовечкиот популизам. Секаде каде тоа е случај, има успех. Еден таков пример е победата на Емануел Макрон во Франција против Марин Ле Пен. Со деснопопулистичка влада, ситуацијата со човековите права во Франција сериозно ќе беше влошена. Тоа се избегна со Емануел Макрон, кој понуди јасни алтетрнативи против десниот популизам и го мобилизираше мнозинството. Австрија е пак негативен пример. Таму умерените партии ги копираа слоганите на десните популисти. На крај луѓето го одбраа оригиналот. Сега умерената партија ОВП западна во десничарски популизам и владее заедно со деснорадикалната ФПО. Во германските покраини каде што кандидатите јасно се оградија од непријателските изјави за бегалците на АФД, тие кандисдати добија поголем број гласови на парламентарните избори од оние како ЦДУ во Саксонија или Баварија, или ЦСУ која зборуваше против политиката на пријателски прием на бегалците на канцеларката Ангела Меркел. На тие места имаше голема поддршка за АФД.

Wenzel Michalski Direktor von Human Rights Watch Deutschland
Венцел Михалски, ХРВ ГерманијаФотографија: DW

Како ја оценувата состојбата со човековите права во Германија?

Севкупно во споредба со меѓународната ситуација е добра. Но мора да внимаваме да не се влоши. Клучна е слободата на мислење: Законот за проверка на интернет не е добар знак. На Фејсбук, Гугл, Јутјуб и Твитер се блокира сѐ што ќе биде пријавено, а што личи на говор на омраза, што ја погодува и сатирата. Ако има говор на омраза тогаш самите компании мора да преземат поголема одговорност. Пред сѐ мора да се мобилизираат оние кои се против говорот на омраза. Друга важна точка е спојување на семејствата на баратели на азил коешто треба да остане ограничено за луѓето со субсидијарна заштита. Постои право на семејство и тоа помага при интеграцијата. Кога станува збор за исламофобија или антисемитизам, сметаме дека релевантните институции, како на пример училиштата, се лошо подготвени. Недостасува морална и професионална компетентност.

Каков е билансот на надворешно политички план, особено во однос на Кина и Русија?

Германската канцеларка Ангела Меркел јасно зборува за прекршувањето на човековите права таму при посета на тие земји, што го поздравуваме. Во многу земји сѐ уште има многу работи кои се загрижувачки, на пример во Египет, со кој Германија спроведува безбедносна соработка. Германската полиција ги обучува египетските полицајци и разузнавачи. Она што го знаеме од Египет е дека не е познато дали овие полицајци или разузнавачи нема подоцна овие стекнати знаења да ги злоупотребат и да ги прекршат човековите права преку масовно прислушување, следење и малтретирање. Тоа отвара голем ризик од соучесништво и силно ја предупредивме германската влада за оваа безбедносна соработка со Египет.

Покрај Русија, Кина или Египет кои други земји се сметаат за загрижувачки според Хјуман Рајтс Воч?

Сѐ уште не сме слушнале сериозна критика од германската влада против Мјанмар, Виетнам и Камбоџа, кои стратешки и економски играат голема улога. Таму постојано се одбегнува да се критикува состојбата со човековите права која е сѐ полоша или овие земји да се стават под притисок. Исто така, не можеме да го процениме развојот на политиката во однос на Турција. Амбасадата во Турција работи добро во оваа насока, се грижи за политичките затвореници и тоа не само за германските. Но ако повторно се склучат договори за продажба на оружје со Турција и тоа оружје најверојатно ќе се користи за да се стави под притисок курдското малцинство, тогаш може да се каже дека прескапа е цената за одржување добри односи.

Во воведот на „Светскиот извештај 2018“ стои дека поранешните земји лидери за заштита на човековите права, како САД и Велика Британија, изостануваат. Кој дојде на нивно место?

Помалите земји: Холанѓаните беа тие кои осигураа злосторства во Јемен да бидат остро критикувани од коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Лихтенштајн се избори Генералното собрание на ОН да назначи обвинител за воени злосторства и злосторства против човештвото во Сирија - храбрите мали и кукавичките големи земји.

Половина од населението во светот денес се жени. Каква е состојбата со правата на жените?

Постојат мали подобрувања, на пример во Саудиска Арабија жените смеат да одат на фудбалски стадион. Но, многу загрижувачки е примерот од Танзанија: секоја ученичка мора да оди на медицински преглед, ако е бремена автоматски ја бркаат од училиште. Така овие девојчиња остануваат без образование до крајот на животот. Тоа е со декрет на претседателот. На меѓународно ниво правата на жените сѐ уште е лоша како и претходно. Дебатата #metoo на Запад покажа дека во секојдневиот живот половата рамноправност сѐ уште не е постигната и дека машките-патријархални претстави доминираат во светот.

Да се вратиме на првото прашање: Што е она позитивното?

Позитивното е дека започна протестот против десниот популизам, против национализмот и против прекршувањето на човековите права.

Венцел Михалски е директор на организацијата за заштита на човековит права, Хјуман Рајтс Воч во Германија.