1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрупала: „Бегалците од Авганистан да се враќаат од граница”

11 септември 2021

Само локално население кое помагало на германската војска во Авганистан да може да добие азил - оцени шефот на деснопопулистичката АфД, Тино Хрупала во интервју за ДВ. Канцеларката, според него, направила голема штета.

https://p.dw.com/p/40Bqs
DW Interview BTW Tino Chrupalla
Фотографија: R. Oberhammer/DW

Шпиценкандидатот на деснопопулистичката АфД за изборите на крајот на септември, Тино Хрупала, не им ги признава правата на авганистанските бегалци кои им следуваат според Женевската конвенција за бегалци. Хрупала ги изнесе своите ставови во жестокото ДВ- интервју кое го водеа уредниците Михаела Кифнер и Еркан Арикан.

На прашањето на новинарката дали директно по воздушен пат дојден бегалец од авганистанскиот главен град треба да има пристап до процес за барање азил, Хрупала вели: „Не, не би требало.”

Тој инсистира дека бегалците „треба да бидат одбиени на граница”. Истовремено нагласува: „Се држиме до германско и европско право”.

Женевската конвенција е дел од меѓународното право и е ратификувана и во Германија. Според неа, лице кое доаѓа до границата има принципиелно право да бара азил. По повлекувањето на САД и сојузниците од Авганистан, исламистичките талибанци ја презедоа власта, а многу луѓе стравуваат за својот живот.

DW Interview BTW Tino Chrupalla l Making Of
Само авганистанско локално население кое во долгите години на воениот ангажман на Бундесверот во Авганистан ѝ помагало на војската може да биде примено во Германија, оценува ХрупалаФотографија: R. Oberhammer/DW

„Заштита на границите во краен случај и со оружје“

Хрупала понатаму рече дека во случај на „навала“ Германија мора конзистентно да си ги брани границите: „Во случај на нужда, ако има навала, особено ако е насилна, мора секако да имаме можност да се одбраниме. Секако, тоа е составен дел. Тоа го прави секоја земја”, вели Хрупала. Заштитата на границите мора „секако во случај на нужда да се спроведе и со помош на оружје”, додаде тој.

Само авганистанско локално население кое во долгите години на воениот ангажман на Бундесверот во Авганистан ѝ помагало на војската може да биде примено во Германија, оценува Хрупала: „Но, видовме дека во првите 4 илјади лица што ги донесоа во Германија, само 136 беа локални помагачи. Владата друго ветуваше и повторно нѐ излажа."

Владата, според Хрупала, повторно отворала „канал” за бегалци. Неговата партија пак, вели, децидно е против тоа. И понатаму појаснува дека според нив не може сите локални сили кои на пример работеле за НВО да бараат прибежиште во Германија. Цитат Хрупала: „Мора да се види што тие конкретно работеле. Рано наутро носеле јајца и млеко? Тоа за мене не е помагање.”

Хрупала во ДВ-интервју тврди дека во Комисијата за надворешна политика на Бундестагот се споменало дека половина од локалните помагачи не ни сакале да дојдат во Германија. И, без доказ, првиот човек на АфД додава дека Авганистанците кои живеат во Германија биле група од која многумина биле криминални и насилни.

DW Interview BTW Tino Chrupalla l Making Of
Жестоко водено интервју: Канидатот на АфД, Тино Хрупала, во студиото на ДВ во Берлин со уредниците Михаела Кифнер и Еркан АриканФотографија: R. Oberhammer/DW

„Влијанието на луѓето врз климата е мало"

На тема заштита на климата Тино Хрупала рече: „Велиме: влијанието на луѓето врз климата е мало и навистина е така. И уделот на Германија исто така. Во никој случај не ги негираме климатските промени."

АфД се залага за напуштање на Парискиот климатски договор на ОН, задржување само на јаглен и давање дозвола на нуклеарните централи да работат подолго.

Хрупала признава дека разорните поплави од летоска во покраините Северна Рајна Вестфалија и Рајнланд Фалц се последица на климатските промени, но додава дека поплави имало и пред индустријализацијата во 15 и 16 век. Главната вина за последните поплави гледа во владата поради укинување на главните системи за предупредување, како сирените. „Затоа загинаа луѓе, не само поради поплавите, туку дека граѓаните не беа предупредени."

Како и што се очекуваше, првиот човек на АфД не ја поштеди канцеларката во заминување, Ангела Меркел. „Среќен сум што оваа жена си заминува. Толкава голема штета ѝ направи на Германија како ниту еден канцелар претходно."

Дури и за време на пандемијата, АфД беше против речиси сите мерки на владата. Многу политичари од АфД се и отворени поддржувачи на движењето кое организира анти-корона протести. Хрупала, на крајот од интервјуто сумира: „Страв и паника се сеат во сите области, и за короната и за климата. Тоа е една, така да се каже, нова религија која треба да овозможи на граѓаните да им се извлечат пари преку данок за ЦО2.”

Хрупала од крајот на 2019 е еден од двајца претседатели на АфД, а годинава, покрај шефицата на пратеничката група во Бундестагот, Алис Вајдел, беше избран за нивен  шпиценкандидат. Во 2015 се приклучил на партијата заради, како што сам вели, незадоволство со бегалската и евро-политиката на владата. Во предизборната кампања повеќепати повтори дека бегалците „ќе ги одерат Германците како божиќна гуска”. Хрупала во повеќе наврати се залага и да се укинат санкциите на западот за Русија.