1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христијанство на милост на Кина

Ш. Деге/афп/Б. Георгиевски12 август 2014

Дали Кина развива сопствена верзија на христијанството? За таков развој јавува германската агенција ДПА повикувајќи се на кинеските медиуми. Веста добива на значење пред посетата на Папата Франсиско на регионот.

https://p.dw.com/p/1CsUJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Папата Франсиско на средината на неделава (14.08.) доаѓа во посета на Јужна Кореја. Таму ќе се сретне со високи црковни претставници од цела Азија. Состојбата на христијаните на овој континент за него во моментов е висок приоритет. На агендата на понтифот ќе се најде и прогонот на христијаните во земји како Кина и Северна Кореја.

Минатата недела, кинеските медиуми цитираа изјава на директорот на кинескиот државен орган за верски прашања, Ванг Жуоан: „изградбата на кинеската христијанска теологија треба да се адаптира на кинеските национални услови и да се интегрира со кинеската култура“. Со други зборови, раководството во Пекинг сака христијанската теологија да ја направи компатибилна со кинескиот социјалистички пат.

Ванг притоа потврди дека изминатата година е започната петгодишна кампања која има за цел да ја прошири христијанската теологија низ Кина. Притоа, не се работи за мисионерска работа, туку за поддршка на „позитивни и вистински теолошки размислувања“.

China Religion Christen in Tibet
Христијани во ТибетФотографија: picture-alliance/Photoshot

Христијаните страдаат

Сѐ повеќе Кинези пристапуваат кон христијанската религија. Особено голем прилив регистрира протестантската црква. Се проценува дека нивниот број во земјата е меѓу 23 и 40 милиони луѓе. Секоја година кон црквата пристапуваат околу 500 илјади луѓе. Но, овие бројки ги откриваат само членовите во државно одобрените цркви. Кинеската владејачка Комунистичка партија е атеистичка и ја држи под строга контрола религијата. На верниците им е дозволено да ја практикуваат религијата само во места одредени од државата и под строга контрола.

Покрај официјално признаените цркви, во Кина постојат и „подземни“ или „куќни“ цркви, кои функционираат надвор од државната контрола и често пати се цел на контроли и упади од властите.

И покрај најавите дека нештата ќе се менуваат кон подобро, состојбата на христијаните во Кина во изминатите години не е многу подобрена. Христијанското здружение „Отворени врати“ на почетокот на годинава побара од властите да преземат чекори за подобрување на состојбата на околу 80 милиони христијани. „Комунистичката влада, како и во минатото, и натаму ги контролира сите верски активности“, соопшти организацијата. И двете најголеми германски цркви направија истражување за состојбата на христијаните во Кина. Заклучокот од екуменскиот извештај од 2013 година гласеше: христијаните во Кина страдаат.

Урнати цркви

Во април годинава, властите во источниот град Венжу - познат и како кинески Ерусалим со повеќе од еден милион христијани, уништија една црква со тврдење дека се работело за илегална зграда. Иако црквата била регистрирана, државните медиуми јавија дека зградата била далеку поголема од оригинално планираната. Според разни извори, слична судбина доживеале и најмалку уште 100 христијански цркви.

Symbolbild - Christentum und Christenverfolgung in China
Црква во ШангајФотографија: picture-alliance/dpa

Ваквиот однос на властите го прави многу тешко најавеното приближување во односите меѓу Пекинг и Ватикан. Со месеци се шпекулираше околу можни разговори меѓу двете страни. Кинеските комунисти ги прекинаа односите со Ватикан во 1951 година. Папата Бенедикт се обиде да ги подобри односите со кинеското раководство, но иницијативата доживеа неуспех по кавгата за именувањето на бискупите во земјата. Неговиот наследник Франсиско најави дека Азија ќе биде негов приоритет и веќе закажа две посети на континентот. Неделава на Јужна Кореја и следната година во Шри Ланка и Филипините.