1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватите го презираат Вучиќ, но Загреб мора да соработува

Синиша Богданиќ
4 април 2017

Искачувањето на Вучиќ на претседателскиот трон ќе влијае врз односите меѓу Загреб и Белград, првенствено на европската сцена. Хрватска се поставува доминантно како членка, но Вучиќ може да ѝ биде сериозен предизвик.

https://p.dw.com/p/2afCe
Symbolbild Kroatien Serbien Flagge
Фотографија: DW

Српските претседателски избори не побудија голем интерес во Хрватска, која и сама се подготвува за локални избори. Дури по прогласената изборна победа на Александар Вучиќ, беа испровоцирани реакции на хрватскиот дел од социјалните мрежи, кои можат да се класифицираат во две категории. „Првата би носела наслов „на исток ништо ново“, а втората - „би им се потсмевале на Србите, да не е и кај нас исто толку лошо“.

Сличност е само слабата опозиција

Независниот политички аналитичар Давор Џенеро во интервју за Дојче веле ја отфрла токму оваа теза за слични политички ситуации. Српската напредна партија има апсолутно мнозинство во парламентот, владата е коалициска зашто само така СНП дистрибуира одговорност за владините потези, а со тоа се задоволуваат и некои меѓународни интереси, вели тој. „На пример, позицијата на Русија која ги штити интересите на Ивица Дачиќ во владата. Србија има собрание од доминантна политичка партија. Претседавањето со државата го презема лидерот на таа партија, што значи Србија се враќа во своевиден претседателски модел. Претседателската функција може да се претвори во тежиште на власта“, објаснува Џенеро. Тој е убеден дека идниот премиер, за кој мисли дека ќе биде жена, ќе биде техничко лице, кое на некој начин ќе го импресионира Западот, додека Русија ќе се задоволи со некои други отстапки. „Се обложувам дека премиер ќе биде Ана Брнабиќ. Во вакви услови, премиерот не е политичар во вистинска смисла на зборот. Вучиќ во такви околности формалното претседавање со владата не може да го препушти на некој кој е лидер на фракција во неговата партија, ниту тоа може да му го препушти на Дачиќ, кој доаѓа од мала вазалска партија која формално се нарекува коалиционен партнер.“

Во Хрватска такво сценарио не е можно, вели овој политичар. Во хрватското собрание седат вистински коалициски партнери. Сличност има само во тоа што во Србија не постои опозиција, а во Хрватска таа е исклучително ослабена и без политички идеи.

Aleksandar Vucic und Kolinda Grabar-Kitarovic KOMBI
Колинда Грабар-Китаровиќ и Александар ВучиќФотографија: DW/S. Bogdanic

Претседателска комуникација

Вучиќ со хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ симболично се сретна во средината на 2016. година, кога потпишаа Декларација за унапредување на односите, што до денес не даде плод. Во иднина нивната комуникација не би била асиметрична, како што критикуваа многумина, зашто тогаш тој беше премиер, туку на исто ниво, но не и со слични позиции на моќ.

„Вучиќ, за разлика од претседателот Николиќ, многу пријателски го прифати изборот на Грабар-Китаровиќ и оттогаш се зборува за можна соработка“, вели Џенеро.

„Односите меѓу Загреб и Белград  во новите околности, посебно во контекст на црногорското влегување во НАТО, стануваат односи на НАТО - и на руски сојузници на Балкан. Очигледно, Русија и Запад на Балканот водат многу сериозен судир. Фокусот на претседателката се одбраната и националната сигурност. Таа тука гради темел за своја идна меѓународна кариера. Во тој контекст Вучиќ би можел да ѝ стане дополнително занимлив.“ 

Хрватските граѓани од Вучиќ не очекуваат искрено позитивни сигнали, па „тенкиот лак на немешање во работите на соседната држава“ често го пробива презир кон новоизбраниот претседател. Тој сентимент го потенцираат предизборните пораки на Вучиќ, во кои ја обвинуваше Хрватска за буење на фашизам и усташтво. Зашто, јавноста и натаму го смета за политички потомок на радикалот Војислав Шешељ, кој на денот на изборите испрати низа простачки пораки кон претседателката Грабар-Китаровиќ, со најава дека Хрватска по 20 години нема да постои,“ вели аналитичарот.

Deutschland Angela Merkel und Aleksandar Vucic
Александар Вучиќ и Ангела МеркелФотографија: Reuters/F. Bensch

Вучиќ како миленик на ЕУ

„Тешко дека Хрватска, кога било, условно речено, на Вучиќ ќе му го прости неговото минато. Но, мора да се загрижи поради позицијата која таква авторитарна проруска Србија, благодарение на Вучиќ, ја добива во ЕУ. Очигледно, ЕУ реши во следните 20 години да нема проширување на Западен Балкан. Со Вучиќ таа најде модус за да не ги прекинува односите со тој простор, а да ги задоволи интересите кои произлегуваат од замореноста од проширувањето.“

Џенеро смета дека е тоа опасно за Хрватска, зашто Унијата во тие околности презеде стратегија на создавање царинска унија на Западен Балкан, со што на Хрватска ѝ се затвора пристапот кон тој пазар, но и ѝ се стеснува политичкото влијание во БиХ, а регионот се претвора во вазална зона на Вучиќ и Русија. 

Може ли Вучиќ да биде чекор пред Пленковиќ? Неговата политичка итрост ја илустрира и податокот дека мостарскиот состанок со хрватскиот премиер го искористи како победнички бонус во изборната ноќ. Токму од него хрватската јавност дозна дека нејзиниот премиер идниот ден оди на состанок за да разговара за разнишаниот Агрокор со неговите краци пуштени низ цел регион. А во чие спасување се преплетуваат руски и интересите на хрватската влада.

„Вучиќ е еднаш месечно во Виена. Меѓу првите му честитаа австрискиот канцелар Кристијан Керн, министерот за надворешни работи Себастијан Курц и европратеникот Јоханес Хан. Кулминација на неговата кампања беше повеќечасовниот разговор со германската канцеларка Ангела Меркел. Тоа значи дека Србија во овие моменти презема своевидна позиција на политички избраник на Германија и на Австрија. Во тие околности Загреб мора да ги брани своите интереси и да комуницира со тој Вучиќ, па каков и да е тој“, предупредува Џенеро.