1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хеликоптерот удрил во антенски столб

БГ/миа11 јули 2014

Македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска изјави дека причините за несреќата што се случи вчера се утврдуваат, а хеликоптерот бил редовно сервисиран.

https://p.dw.com/p/1CbCi
Фотографија: Fotolia/Silverpics

Причините за хеликоптерската несреќа што се случи во четврток вечер (10.07) во Струмица сe‘ уште се утврдуваат, а леталото било редовно сервисирано. Жртвите се идентификувани и станува збор за искусни пилоти со повеќедецениско искуство.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ги соопшти деталите и идентитетот на загинатите во хеликоптерската несреќа која, според неа, е еден од најцрните и најтешки моменти во историјата на МВР.

„Загубивме четворица наши искусни колеги кои со своето знаење, дух и професионализам оставија длабок печат врз нас и работењето на Министерството“, рече Јанкулоска. Таа изрази сочуство до семејствата на загинатите Драги Мицев, Марјан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички.

Несреќата се случи во четврток во 22 часот. Според првичните информации, за време на ноќниот лет, хеликоптерот со кој сe‘ уште не е познато кој управувал, удрил во антенски столб на Македонска радио дифузија висок 120 метри. Јанкулоска информираше дека станува збор за хеликоптер „МИ 17“ произведен во 2008 година, кој се користел за спасувачки акции на МВР.

Веднаш по несреќата била формирана Комисија за спроведување истрага со цел утврдување на причините за несреќата, а Основен јавен обвинител од Струмица го спроведува увидот на лице место. Јанкулоска соопшти дека во тек е обезбедување траги од местото на несреќата, врз основа на кои со криминалистичко вештачење и обезбедување соодветни докази ќе се разјаснат причините за трагедијата. При увидот, додаде таа, досега се пронајдени двете црни кутии и уредот за покажување на правецот на летот кои ќе бидат подложни на вештачење.