1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит: Македонија е во критичен момент

Костадин Делимитов17 мај 2015

Гледам дека ова не е само протест на една политичка партија. Многу луѓе се овде бидејќи сакаат демократија. Тоа го гледам, го слушам и таа порака ќе ја пренесам во ЕУ - вели за ДВ европарламентарецот Ричард Хауит.

https://p.dw.com/p/1FR3l
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Mughal

ДВ: Господине Хауит, кој е Вашиот мотив за присуство на протестот?

Р. Хауит: „Присутен сум на овој протест бидејќи ова е критичен момент во земјата, критичен момент за Македонија, за нејзината демократија, за власта, за безбедноста, за легитимноста на овдешните политички институции. Не сакам ЕУ да стои настрана, сакаме да бидеме активни учесници - не на овој протест, туку за оваа земја, за народот на оваа земја. Да се обидеме да покажеме дека можеме да помогнеме на каков било начин да се најде и дојде до политичко решение, за оваа политичка криза да заврши и земјата да се врати на патот кон ЕУ, каде и припаѓа.“

ДВ: Што мислите, што треба да направат политичарите во земјата во еден ваков момент - и од власта и опозицијата?

Р. Хауит: „Како медијатор во процесот меѓу Никола Груевски и Зоран Заев, кои ќе дојдат во Стразбур на средба со медијаторите, не можам да зборувам за содржината на овој процес. Но, мојата надеж е дека медијаторството ќе може да помогне и ќе најдеме начин да се спречи ескалација на процесот и повторно да се воспостави политичкиот дијалог во земјата. Но, она што го гледам денеска е дека се поставуваат фундаментални прашања за демократијата, легитимноста, безбедноста во оваа земја. Овие две политички партии, вклучително и останатите во земјата, треба да покажат дека се подготвени, дека имаат волја да се ангажираат и вистински да одговорат на политичките прашања, за да може дијалогот да биде успешен.

ДВ: Дали сте оптимист?

Р. Хауит: „Со оглед на моето петгодишно искуство со Македонија и се’ она што се случуваше во минатото во регионот, историјата на војните во регионот, не станува збор за оптимизам или песимизам, туку сакаме оваа земја да го продолжи патот кон ЕУ. Не сакаме да се вратиме на меѓуетнички конфликт, сакаме политичките институции и парламентот да функционираат. Затоа Европа не смее да стои настрана и мора да сме дел од напорите тоа и да се направи“.

ДВ: Дали мислите дека ваквиот начин на кој се бараат политички промени е исправен?

Р. Хауит: „Не сакам да кажам дали е исправно или не, јас сум овде да слушам и гледам. А она што го гледам е дека ова не е само протест на една политичка партија, имаме повеќе организатори, имаме студенти, меѓународни претставници. Многу луѓе не се овде бидејќи се дел од една политичка партија, туку дека сакаат демократија. Тоа го гледам, го слушам и таа порака ќе ја пренесам во ЕУ“.