1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамбургер - “диносаурус" на Бундеслигата

7 август 2007

Хамбургер е освојувач на европски купови и повеќекратен првак на Германија. Во Бундеслигата има и поуспешни од него, но Хамбургер е единствен клуб кој игра во лигата од нејзиното основање и досега не испаднал од неа.

https://p.dw.com/p/BRo4
Легендата на Хамбургер Уве Зелер крај џиновското стапало - споменик за негоФотографија: AP

Маскота на Хамбургер е диносаурус со сино-бело-црн дрес и црвен шортс. Талисманот не е случаен - клубот радо си се означува како “диносаурус” на Бундеслигата, оти е единствен што од самиот почеток учествува во неа и досега ни еднаш не испадна. Првиот натпревар во штотуку формираната Бундеслига Хамбургер го одигра во август 1963-та на гости кај Пројсен во Минстер. Резултатот беше 1 спрема 1, домаќинот водеше, Хамбургер изедначи.

Така беше на почетокот на Бундеслигата. Историјата на клубот, инаку, е многу подолга, датира уште од 1887-ма година. Но, фактичкото основање е во 1919-та, кога од спортските клубови Германија, Јастреби и ХФЦ (Хамбуршки фудбалски клуб) настана денешното ХСФ - Хамбуршко спортско друштво. Ромбот, амблемот на друштвото, го измисли Хенри Литјенс, поаѓајќи од примерот на знакот на една бродска компанија.

Набргу дојдоа и првите успеси: во 1922-ра година Хамбургер беше прогласен за првак, иако повтореното финале против Нирнберг не донесе победник. Но, Хамбургер се откажа од титулата. Веќе наредната година ја освои вистински, а првак стана и во 1928-ма. На третата шампионска титула навивачите мораа долго да чекаат – се’ до 1960-та. Особеност на оваа титула е што во екипата играа само фудбалери од градот Хамбург.

Меѓу нив и еден млад човек, кој стана фудбалски идол - Уве Зелер, кој друг! Зелер не само што постигна најмногу голови во историјата на својот клуб, туку и вечно му остана верен. Повеќе од две децении неговото име беше синоним за Хамбургер. Во чест на денес 70-годишниот Уве Зелер на стадионот стои бронзена статуа на предимензионирано стапало. Тоа е големо уметничко дело, но пред се’ место за средби. Кога се договара средба на стадионот, се вели ’кај стапалото на Уве Зелер‘, а него не може да го превиди ниеден човек.

Сјајни времиња на Хамбургер беа по 1975-та: клубот два пати беше победник на Купот на Германија, а го освои и Купот на европските куп-победници со победата во финалето против белгискиот тим Андерлехт. Одлуката падна на 90-ина секунди пред крајот – Хамбургер победи со 2 спрема 0. Гинтер Нецер како менаџер ги влечеше конците во клубот, а Бранко Зебец како тренер го доведе Хамбургер во 1979-та година до четвртата шампионска титула. Ѕвезда на тимот беше англискиот репрезентативец Кевин Киген. Во клупскиот музеј до ден-денес стои ормарчето на Киген.

Потоа го користел друг славен наследник, Франц Бекенбауер. “Кајзерот” Франц во 1982-ра година, како што си е редот, со титула првак ја заврши играчката кариера кај Хамбургер. Наредната беше триумфална година за клубот: по шестата титула во Бундеслигата, Хамбургер стана и европски првак со победата во финалето со 1 спрема 0 против Јувентус од Торино. Стрелец беше Феликс Магат со прекрасен удар од околу 25 метри.

Тоа беше последниот голем успех се’ до денес. Во меѓувреме, на местото на стариот Фолкспарк-стадион е изградена новата Арена, на која се играа натпревари од светското првенство во 2006-та. Навивачите речиси на секој натпревар на Хамбургер ги исполнуваат 57-те илјади места на трибините. Во меѓувреме тимот повторно има и фудбалер од светски формат: холандскиот репрезентативец Рафаел ван дер Ваарт со своите голови успеа да го спречи испаѓањето од Бундеслигата. Така, Хамбургер и натаму може да се нарекува “диносаурус на лигата”.

Арнулф Бетхер