Фуере: Охридскиот договор е единствената алтернатива
28 април 2010„Без решение за името, иднината е под прашалник“, ова денеска го изјави американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер, коментирајќи ја моменталната состојба во преговорите за името меѓу Македонија и Грција. „Сметам дека за да дојдете до решение треба да се концентрирате на она што е прифатливо за вас, а не на она што е неприфатливо,“ рече Рикер.
Тој додаде дека „20 месеци го говори истото и цело време праќа јасна порака до лидерите кои мораат да пронајдат решение за Македонија за да можат нејзините граѓани да се движат напред“. Коментирајќи ја вчерашната изјава на претставниците на ЕУ, САД и на ОБСЕ во Македонија кои предупредија за „општо опаѓање на политичкиот дијалог во земјата“, Рикер оцени дека изјавата не е воопшто остра туку дека претставува една реакција на одвивањето на последните настани, особено во поглед на изјавите на одредени политичари, кои говорат за поделби или за напуштање на Рамковниот договор. Рикер уште еднаш нагласи дека САД и помагаат на Македонија на патот кон Евро-атланските институции.
Изјавите што ги слушнавме дека Охридскиот рамковен договор е мртов беа причина за вчерашната заедничка изјава на мисиите на ЕУ, НАТО, САД и ОБСЕ во Скопје, изјави пак евро-амбасадорот во Македонија Ерван Фуере. Според него, Охридскиот рамковен договор е единствената алтернатива која ќе осигура добри меѓуетнички односи и напредок на Македонија. Фуере побара да зајакне и политички дијалог во земјата, кој според него, е слаб.
Мисиите на ЕУ, НАТО, САД и ОБСЕ во Скопје вчера, преку заедничко соопштение, побараа фокусирање на целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и зајакнат политички дијалог. „Ние со изјавата само сакавме да ги советуваме лидерите за предизвиците со коишто се соочува земјата и што треба да се направи за да се соочи со тие предизвици и да се избегне ситуација со која ќе се стават во втор план или ќе се отфрлат тие напори“, изјави Фуере.
Автор: АТ/миа/макфакс