1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фуере: Македонија ја доби заслужената оценка

10 ноември 2010

Извештајот на ЕК за Македонија за 2010 година ја одразува реалноста и содржи објективна проценка за настаните, а напредокот се мери според донесеното законодавство и спроведените мерки, изјави евроамбасадорот Фуере.

https://p.dw.com/p/Q4Rj
Ерван ФуереФотографија: Petr Stojanovski

Евроамбасадорот Ерван Фуере на денешната (10.11.2010) презентација на годишниот извештај нa ЕК за Македонија во Скопје ја повтори вчерашната изјава на еврокомесарот за проширување Штефан Филе дека земјата е подготвена да ги почне преговорите за членство во ЕУ, што ќе помогне да се одговори на важните предизвици, како што е јакнење на владеењето на правото, јавната администрација, јакнењето на конкурентноста и намалувањето на невработеноста. Се надевам, додаде Фуере, дека ќе се реши прашањето за името, па ќе може да почнеме со овој процес којшто е од клучно значење за иднината на земјата.

Споредби со минатата година

Оценката дека реформите се одвиваат со нееднакво темпо, како што рече, се темели на согледувањата за реформскиот процес споредено со мината година.

„Значителен прогрес во 2009 година имаше во две поглавја - визната политика и царината. Во 2010 година нема области коишто се удостоени со оценката значителен напредок. Во категоријата добар напредок, лани е забележан во 11 области, а годинава во шест поглавја. Во категоријата извесен напредок, во 2009 година остварен е во 20 области, а во 2010 во19. Ограничен, нерамномерен или делумен напредок во 2009 беше регистриран во четири области, а годинава во осум“, рече Фуере.

Ervan Fuere, EU-Vertreter in Mazedonien, Nicola Gruevski
Фуере и македонскиот премиер Никола Груевски на вчерашната прес-конференцијаФотографија: Petr Stojanovski

Како важен аспект што треба да се земе предвид, а што е одразен во бројни делови од Извештајот, вели, е и потребата од поголем фокус во спроведувањето на законите.

На прашањето во врска со оценката на премиерот Груевски оти Извештајот е позитивен и е постигнат напредок во сите 35 поглавја, евроамбасадорот Фуере ја повтори констатацијата дека станува збор за објективен документ којшто содржи бројни позитивни елементи, го поздравува напредокот во тие области, меѓутоа исто така ги истакнува и областите каде постојат слабости.

„Тоа е стварноста каква што постои на теренот и верувам дека граѓаните очекуваат да слушнат од политичките партии за реалноста. Фактот што премиерот објави акционен план со кој ќе се фокусира врз реформите, е имплицитно признание дека постојат слабости, недостатоци на кои треба да одговори Владата и сите политички сили во земјата и тоа е стварноста којашто треба да се има на ум“, посочи Фуере.

Осврнувајќи се на политичкиот дијалог, тој рече оти не е тајна дека годинава тој беше полош од минатата година, но очекува усвојувањето на Деловникот да придонесе за позитивна клима на дијалог.

„Овој Извештај треба да се гледа како поттик да се обнови атмосферата којашто постоеше во текот на 2009 година и тоа би било најдобра гаранција дека ќе се постигне успех во реформите коишто преостануваат“, рече Фуере.

Слободата на медиумите - сериозни забелешки

Во делот на медиумите, евроамбасадорот констатира дека во годинешниот Извештај референците се посериозни.

„Тоа е една од причините за најголема загриженост и ако го погледнете документот за стратегијата за проширување, ќе видите дека и таму се споменуваат медиумите и слободата на изразување и загриженоста околу тоа прашање ширум регионот. Македонија не е сама во оваа област, постојат и други земји, меѓутоа тоа е прашање кое предизвикува загриженост и сведоци бевме на многу примери на заплашување коишто не беа во согласност со зрело демократско општество каде што независноста на медиумите треба да биде фундаментален дел од општеството и треба целосно да се почитува“, порача евроамбасадорот.

Запрашан за спорот со името и констатацијата во Извештајот дека ЕУ е подготвена да даде дополнителен политички импулс со цел да се реши ова прашање, Фуере посочи на изјавата на Филе во која се укажува на билатералните средби коишто се одржуваа меѓу премиерите на Македонија и на Грција во изминатите месеци и дека тоа покажува оти е воспоставено ниво на доверба, односно доверба меѓу двајцата премиери што ќе помогне за да се постигне напредок и да се најде компромис.

„Се надеваме дека тоа ќе се случи мошне бргу, во скора иднина. Ние не сме вклучени во овој процес кој се води под покровителство на ОН, меѓутоа јас повторно би нагласил дека ЕУ постојано го поддржува и се надеваме дека конечно ќе се изнајде решение“, рече Фуере.

Евроамбасадорот Фуере извештајот денеска го презентира и во Собранието.

Автор: ЖА/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска