Фудбалските чуда на Вердер
20 август 2007“Знам, некогаш ќе се случи чудо и ќе се обистинат илјада бајки” – како во песната се надеваат и навивачите. Вердер беше четири пати првак на Германија, пет пати освојувач на купот, еднаш дури и освојувач на некогашниот Куп на европските куп-победници. И покрај тоа, во сеќавање во градот на бреговите на реката Везер, остануваат пред се’ легендарните чуда.
Првото е од пред 20 години во Купот на УЕФА. Фудбалерите на Спартак на теренот во Бремен како накиснати пудлички, не можат да сфатат дека по победата во Москва од 4 спрема 1, во реваншот, по супер-претстава на Вердер, заслужено се поразени со 6 спрема 2, опиша репортерот.
Вербата во сопствената сила поместува планини, а на Вердер тоа му се случи повеќепати. Една година подоцна, натпревар од Купот на шампионите против тогашниот источно-германски првак Динамо од Берлин: Шаф ја искористи шансата за 5 спрема 0 – довршено е второто чудо на Везер по поразот во Берлин од 3 спрема 0.
Чудата стануваат се’ покуриозитетни, невозможното се случува дури и на еден ист натпревар, како против белгискиот тим Андерлехт во Лигата на шампионите во 1993-та: од 0 спрема 3 на полувремето, Вердер на крајот стигна до победа од 5 спрема 3.
Последното, четврто чудо се случи пред 7 години: тогаш во Купот на УЕФА Вердер загуби во Лион со 3 спрема 0, а во реваншот успеа да го победи Олимпик со 4 спрема 0.
Инаку, клубот формиран во 1899-та година, прв голем успех постигна пред 46 години, кога го освои германскиот куп, а 4 години подоцна и првата шампионска титула. Длабок пад, пак, Вердер доживеа во 1980-та, кога испадна во Втората лига. Но, веднаш потоа започна една фудбалска бајка, поврзана со едно име: Ото Рехагел долго владееше во Бремен и навивачите му доделија титула “Ото, кралот на Бремен”.
Тој го презеде тренирањето на тимот во 1981-ва, го врати во Бундеслигата и го доведе до шампионски титули во 1988-ма и 93-та, а го освои и купот во 91-ва и 94-та. Но, најголем успех во 14-те тренерски години на рехагел во Бремен беше освојувањето на европскиот Куп на националните куп-победници во 1992-ра. “Кралот Ото” владееше со специфичен стил: “Секогаш правиме така: ако се однесувате пристојно, пристојно и ќе бидете третирани; за глупави коментари ќе бидете ставени на тивок оган. Вистината се покажува на теренот, а не со кажување глупости на новинарите во некој агол” – велеше Рехагел.
Во 1995-та година Рехагел отиде за тренер на Баерн, а Вердер западна во криза - со една нога во првата, со другата во втората лига. Се менуваа тренери, дури ни Феликс Магат немаше успех. Претседателството и менаџерот на клубот Вили Лемке поднесоа оставки, отворен беше патот за нов почеток.
Пред 8 години тренирањето го презеде домородецот Томас Шаф, што подоцна се покажа како среќен потег. “Сметам дека постои еден грч, страв од кои мора да се ослободиме” – Шаф, наместо борба за опстанок, веднаш го освои купот. Со него и со Клаус Алофс, исто така некогашен играч на Вердер, како менаџер, започна ерата на успеси, крунисана со двојната титула во првенството и купот пред три години. “Ова е несекојдневно. Победа во првенството и во купот – тоа е едноставно сензационално”. Благодарение и на Алофс Вердер стана врвен тим во Бундеслигата.
Во Бремен се навикнаа на победи, недостасува само една голема титула – од лигата на шампионите. Но, чуда се случуваат секогаш, пеат и се надеваат навивачите на Вердер.
Бенјамин Вуст