1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Франција ја засилува антитерористичката операција

СН/ агенции
13 декември 2018

По смртоносниот напад во центарот на Стразбур, владата во Париз го зголемува бројот на војници во антитерористичката операција. Целта е поголема безбедност, пред сѐ на божиќните пазари ширум земјата.

https://p.dw.com/p/3A0Lm
Frankreich, Straßburg: Soldaten in der Nähe des Weihnachtsmarktes
Фотографија: picture-alliance/AP/J. Badias

Францускиот премиер Едуар Филип изјави дека претседателот Емануел Макрон одлучил да ја „зголеми воената мобилизација“ во рамките на операцијата „Стражар“, еден ден по смртоносниот напад на божиќниот панаѓур во Стразбур.

„Стражар“ е антитерористичка операција покрената по нападите во Париз во 2015 година, во чии рамки 10 илјади војници и 4.700 полицајци и жандарми ги обезбедуваат чувствителните локации од терористички напади.

Повеќе:

-Највисок степен на тревога во Стразбур

-Фотографија на денот: Потресениот Стразбур под опсада

„Станува збор за 500 војници, кои денеска беа вклучени во операцијата Стражар и 1.300 кои во наредните денови ќе им се приклучат на оние веќе ангажирани во обезбедувањето и гарантирањето на сигурноста на Французите“, истакна Филип.

Frankreich Polizeieinsatz nach Schießerei auf dem Weihnachtsmarkt in Straßburg
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Тој истакна дека целта е да се обезбедат местата на јавно собирање, во прв ред божиќните панаѓури ширум земјата. 29-годишен напаѓач во неделата навечер уби три лица, а рани 13 на панаѓурот во Стразбур, притоа извикувајќи „Алаху акбар“. Потрагата по него и натаму трае. Филип изрази уверување дека „владата е целосно решена“ да го изведе напаѓачот пред лицето на правдата. Инаку, во земјата од вчера во сила е тревога од највисок степен.