1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција: Харките бараат правда

Луис Лиза
16 октомври 2021

Алжирски помошници се бореле на страната на Французите во Алжирската војна. На крајот на конфликтот, Франција ги оставила на цедило. Претседателот Макрон сега се извини, но за некои тоа не е доволно.

https://p.dw.com/p/41jaj
Algerienkrieg Einheit der Harkas 1957
Харките се муслимански Алжирци кои се бореле на страната на Французите за време на алжирската војна за независностФотографија: picture-alliance/dpa/AFP

Кога Алжирецот Серж Карел во 1950-те години започнал да работи за француската колонијална армија, бил неизмерно горд. „Целата моја фамилија тогаш работеше за Французите, ние отсекогаш ги сакавме Французите. За мене ќе беше предавство да се приклучам кон алжирскиот националистички Ослободителен фронт, ФНЛ. Во таков случај ќе требаше можеби да пукам на моите роднини“, вели Карел во разговор за Дојче веле, додека седи во фотелјата во својата куќа, на околу 50 километри од Париз. 

Тогаш тој се надевал дека ќе може да земе нов, француски идентитет, со тоа што ќе ги остави зад себе своите алжирски корени. Така станал т.н. Харки (Харака, на арапски – движење), помошник на француската колонијална армија. 

Тогаш не знаел колкави страдања ќе му донесе оваа одлука. Дури и неодамнешното прво официјално извинување од францускиот претседател Емануел Макрон до помошниците како Карел, само делумно ја ублажиле оваа болка. 

Харките биле сметани за предавници 

Тогаш 20-годишниот Карел работел како преведувач и таен агент. „Бев дел од авангардата, зашто имав добри познавања“, се присетува денес 84-годишникот. Алжирската војна траела од 1954 до 1962 година. Кога Франција по крајот на војната, по 130 години колонијално владеење, го напуштила  Алжир,  најголем дел од Харките им ги препуштила на нивните судбини. 

Тие биле оставени сами, а во земјата ги сметале за предавници. Според историчарите, како помошници работеле околу 400.000 луѓе, а од нив само 40.000 биле однесени во Франција. Таму пак најголем дел од нив биле сместени во т.н. транзитни кампови, во кои владееле катастрофални животни и хигиенски услови. На многу жители од камповите и подоцна им било тешко да се навикнат на новиот живот во Франција. 

Frankreich Paris | Harki Serge Carel mit Bildern aus seiner Zeit in Algerien
Серж Карел во својот до во ФранцијаФотографија: Lisa Louis/DW

Во 2018 година францускиот Врховен суд првпат донесе одлука дека француската држава треба да плати отштета на син на еден Харки, кој морал да израсне во ваков камп, а поради подоцнежни психолошки последици, предизвикани од тамошните „недостојни“ услови за живот. 

„Националистите сакаа одмазда“ 

Многу од Харките, останати во Алжир, стигнале во заточеништво кај националистите. „Французите ни го зедоа оружјето, она што го направи Франција, е срамота. А ФНЛ сакаше одмазда“, објаснува Карел. И тој бил нападнат од националистите, го однесле во плевна во едно село и секојдевно го мачеле. „Тие веќе убија некои од моите другари, знаев дека наскоро и мене ќе ми дојде редот," раскажува тој. 

„Но, јас им го спасив животот на родителите на еден од стражарите и тој ми даде шанса да побегнам“. Карел успеал да стигне до градот Алжир, каде извесно време живеел скриен кај роднини, а потоа со брод заминал за Франција. Стигнал во Марсеј, а постоа со воз до Париз.  

Но, животот и во Франција не му бил едноставен. Од безбедносни причини си го сменил името во сегашното француско име. „Во полициската станица ми рекоа дека сум го загубил француското државјанство, кое тогаш ми го даде армијата. Јас одговорив: Кога на  Франција ние Харките ѝ требавме, ние бевме Французи. Сега, кога не ѝ требаме на Франција, ние веќе не сме Французи?“

Frankreich Paris | Harki Serge Carel mit Bildern aus seiner Zeit in Algerien
Серж Карел во француска униформа во време додека живеел во АлжирФотографија: Lisa Louis/DW

Првите неколку месеци растоварал вагони на железничка станица. Ноќе спиел во некој вагон, зашто платата стигнувала колку за храна. „Со свои сили направив кариера во Франција, а подоцна дури станав и менаџер на интернационална фирма за транспорт на пари. Но, горчливиот вкус останува, беше толку разочарувачки што Франција тогаш не ми даде поддршка, по се што претрпев,“ вели тој. 

Франција моли за прошка 

Претседателот Макрон сега сака да компензира барем дел од ова разочарување, меѓу другото со своите зборови при церемонијата неодамна во Елисејската палата, на која присуствувал и Карел.

„Барам прошка од борците кои ги оставивме на цедило, од нивните фамилии, испратени во кампови и затвори. По целото наше негирање на вината, молам за прошка, ние тоа нема да го заборавиме“, изјави претседателот, ветувајќи донесување закон за „признавање  и обештетување“, кој во декември треба да помине во Парламентот, а до февруари да стапи во сила. 

Деталите за законот не се познати. Жил Мансетон, париски историчар, се сомнева дека законот нешто ќе промени: „Не само Харките, туку и нивните деца и внуци се трауматизирани. За нив е најважно да се дознае низ што поминале. Досега француските политичари за Харките кажуваа неточни работи. Историјата мора да се коригира, тоа на Харките барем делумно ќе им го врати душевниот мир." 

Карел: Извинувањето е важен чекор, но не е доволен 

Тоа што Макрон официјално побара прошка, за Карел е важен чекор. „Досега  ниеден француски претседател не ни се извинил.  Тој нѐ пречека со раширени раце, секако дека нема да го одбиеме“, вели Карел. Не е првпат што тој го сретнал претседателот. Комодата во неговата соба е полна со фотографии на двајцата. Покрај нив се бројни медали, меѓу другите и највисокиот Орден за заслуги на Франција.

Но, медалите и зборовите за Карел не се доволни. „Мораме да имаме црно на бело дека сме Французи. Уште се сеќавам дека на нашите тогашни пасоши стоеше печат со буквите ФМ: муслимански Французи. Тоа уште боли, зошто така нѐ третираа? Ние сме пофранцуски од некои други Французи“, вели тој и ги брише солзите од очите.

Карел сака Франција да ги обештети Харките и да им овозможи на пример бесплатно здравствено осигурување и старечка нега. Тоа е најмалку што земјата може да го направи. „Сето тоа е вина на Франција. Таа ги отфрли своите деца и ги препушти на речиси сигурна смрт“, вели тој.