1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција: Како аутсајдерот Ле Пен стана мејнстрим

Џејк Сиганеро
4 мај 2017

Пласманот на Марин Ле Пен во вториот круг на изборите не предизвика онаков бес во јавноста како што тоа беше случај во 2002 година, кога истото му успеа на нејзиниот татко. Националниот фронт веќе се етаблираше

https://p.dw.com/p/2cLkW
Anhänger von Marine le Pen und dem Front National am Maifeiertag in Villepinte
Фотографија: Reuters/C. Platiau

Марин Ле Пен влезе во историјата како прва жена која се пласирала во вториот круг на претседателските избори во Франција. Тоа е воедно и втор пат, кандидат на Националниот фронт да стигне толку блиску до Елисејската палата. Нејзиниот татко, основачот на партијата Жан-Мари Ле Пен се пласираше во вториот круг во 2002 година каде што беше поразен од Жак Ширак. Причините за тогашниот успех на Ле Пен лежат во самозалажувањето и апстиненцијата на лево ориентираните сили, но и гласањето од протест против елитите. Медиумите тоа го нарекуваа „француски срам“, а околу милион луѓе маршираа на улиците на Париз против „Папа Ле Пен“, човекот кој го негира Холокаустот.

Но, годинешниот успех на Марин Ле Пен не предизвика масовен бес, што наведе некои Французи на социјалните мрежи да го изразат својот шок од тоа што никој не е шокиран. Сепак, истражувањето на јавното мислење одамна укажуваше на тоа дека Ле Пен, без многу проблеми, ќе влезе во втор круг. Истражувањата исто така покажуваат дека политичкиот почетник Емануел Макрон во вториот круг на 7 мај глатко ќе ја победи Леп Пен со 20 или повеќе проценти разлика. Без оглед на тоа, Марин Ле Пен и натаму ќе има двојно повеќе гласови од својот татко во 2002 година.

Frankreich Wahl - Presse
Како и да помине против Макрон, Националниот фронт останува најсилна партијаФотографија: DW/T. Rooks

Дел од политичкиот пејсаж

Иако во 2017 година постои мала можност Ле Пен да стане претседателка, може да се каже дека крајно десничарската програма на нејзината партија пушти корен на политичката сцена во Франција. „Тие навистина денес се дел од политичкиот пејсаж и тоа така и ќе остане- посебно затоа што за нив гласаат голем број млади луѓе“, вели Жан-Ив Ками, политички аналитичар од Франција кој ги следи десно-екстремните движења во Европа. Националистичките партии делуваат во Европа од крајот на Втората светска војна, а Ками укажува дека е ново што таквите партии сега освојуваат меѓу 14 и 45 отсто гласови.
И Националниот фронт измина долг пат од политички аутсајдер до водечка анти-ЕУ партија. Паралелно со тој подем течеше и процесот на „десатанизација“. Ле Пен уште од 2011 настојува да ја неутрализира расистичката репутација која ја следеше нејзината партија. Со таа цел, не се двоумеше да го исфрли ни сопствениот татко од партијата.
И забележа успех. Една од оние кои ја поддржуваат, Мари да Силва (52), некогаш гласала за Републиканците, а оваа пролет на новинарите на митинг на Националниот фронт во Париз им го изјави следното:
„Програмите на други не се добри. Ние мораме да ги затвориме границите. Тоа е важно. Со Европа е готово. Еврото е катастрофа“.

Gründer des Front National Jean-Marie Le Pen und seine Frau Jany bei einer Demonstration der extremen Rechten am Maifeiertag in Paris
Жан-Мари Ле Пен на десничарските протести за 1. МајФотографија: Reuters/G. Fuentes

Работничката класа во центарот на вниманието

Добриот познавач на Националниот фронт, Сесил Алду потсетува дека работничката класа е разочарана од традиционалните партии и дека обвинувањата на Ле Пен на сметка на елитите наидува на плодно тло кај оние кои се чувствуваат заборавени од државата. „Националниот фронт успеа да пушти корен така што ја замени Комунистичката партија. Тие практично ги зборувааат истите работи и работат со работничката класа. Зголемување на минималната плата, вложување во мали пензиски фондови... Тие практично имаат по малку од сѐ, за секој“, вели Алду.
Иако нејзиниот пол не беше пресуден во текот на претседателската кампања, Алду смета дека тоа што на чело на Националниот фронт е жена ѝ донело на Ле Пен дополнителни поени.
Кристоф Барбие, новинар на весникот „Л' Експрес“ смета дека Макрон е последна шанса за Франција. Доколку не успее да ги подобри нештата, вели Барбие, токму Макрон би можел да биде тој што ја воведе Ле Пен во кабинетот на претседателот. „Доколку Макрон пропадне, следниот претседател ќе биде Марин Ле Пен или Марион Марешал Ле Пен, нејзината внука. Ова е последен момент за нештата во Франција да се поправа за да не се влезе во смртоносна авантура со популизмот“.

Поголем пад на Националниот фронт не се очекува ниту на претстојните парламентарни избори во јуни, и покрај очекуваниот пораз на Ле Пен. На Макрон му беше потребна само една година за да го формира своето политичко движење кое го доведе на прагот на Елисејската палата. Петгодишниот мандат на претседателот минува за час. А Ле Пен нема да мора да чека до 2022 за да ја започне својата политичка револуција. Таа веќе трае.