1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција: Избори во време на терор

Нина Нибергал
22 април 2017

Претседателските избори во Франција по нападот од четвртокот имаат поинаков предзнак. Кој може да профитира најмногу од стравот од терор?

https://p.dw.com/p/2bj05
Nach den Schüssen am Champs Elysees
Фотографија: picture alliance/AP/dpa/C. Ena

Франција тагува, потресена е од атентат зад кој, според досегашните сознанија, стои Исламска држава (ИД). „Беше јасно дека самонаречената Исламска држава ќе се обиде да ја дестабилизира земјата за време на изборите“, оценува францускиот безбедносен експерт Себастијан Роше. „Властите сметаа со такво нешто.“

И пред нападот на Елисејските полиња беше јасно дека безбедносните мерки на денот на изборите ќе бидат зајакнати. Ширум земјата се распоредени 50.000 полицајци и 7.000 војници од антитерористичка единица. Во Франција сѐ уште владее вонредна состојба.

Frankreich | Schießerei auf der Champs Elysee Avenue
Фотографија: Reuters/C. Hartmann

„Јасно е дека полицијата може да спречи терористички напади, но невозможно е целосно спречување на тероризмот. Едноставно има илјадници цели - училишта, барови, аеродроми - кои не може да бидат целосно обезбедени“, вели Роше. Тој укажува и на апсурдноста во борбата против тероризмот: „Полицијата и армијата самите станаа цели. Колку повеќе полиција на улиците, толку повеќе терористички цели.“ Безбедносните сили се цел на терористички напад по трет пат годинава.

„Само без паника“

Нападите од изминатите години во Европа покажаа: сеедно со колкава решителност државите постапуваат против тероризмот, секогаш тлее несигурност. Тероризмот не може целосно да се контролира.

Сепак, кандидатите за претседател на Франција во последните денови пред изборите демонстрираа решителност. Додека напаѓачот во Париз пукаше околу себе, единаесетте кандидати одговараа на новинарски прашања во серијата интервјуа пред изборите. Кога веста за атентатот стигна во студиото на француската телевизија „Франс2“, кандидатите прво упатија изрази на сочувство до француската полиција. Потоа кандидатот на екстремната левица Жан-Лук Меланшон, во врска со гласањето рече: „Само без паника, без прекинување на демократските процеси. Наша обврска е да не бидеме вовлечени во полемична кавга.“

И покрај тоа, опасноста од тероризмот ги засени сите други теми. Непосредно пред завршувањето на предизборната борба во петокот, кандидатите уште еднаш искористија можност да се профилираат како најдобра опција за највисоката функција во државата. Републиканецот Франсоа Фијон повторно побара преземање поостри мерки против „познатите загрозувачи“ и „радикалните проповедници“. Шефицата на Националниот фронт, Марин Ле Пен, ја повтори својата позната теза: Франција мора да го напушти Шенгенскиот простор, да ги затвори границите и да забрани „неконтролирана миграција“.

Ле Пен загуби малку на рејтингот во финалето на кампањата. Анкетите покажуваат дека таа во моментов има наклонетост на 21 до 22 проценти избирачи и заостанува два процента зад социјал-либералот Емануел Макрон, за кого би гласале 24% избирачи. Фијон има наклонетост на 20% од избирачите, а Меланшон на околу 19%. Двајцата кандидати кои ќе освојат најголем број гласови во првиот круг, влегуваат во вториот одлучувачки круг од изборите, кој ќе се одржи на 7 мај.

Frankreich - Wahlkampf - die Kandidaten
Oпасноста од тероризмот на крајот ги засени сите други темиФотографија: Getty Images/AFP/M. Bureau

Кој профитира од теророт?

Дали исходот од изборите станува понеизвесен по нападот во Париз? Вакво стравување изрази заменик претседателката на Европскиот Парламент, Евелин Гебхарт во едно радио-интервју. Нападот најмногу ѝ користи на Ле Пен, оценува Гебхарт. Сепак, додава таа, изолација и затворање на граници како што бара француската десна популистка, нема да донесат ништо, зашто најголемиот дел од терористите воопшто не доаѓаат од странство.

Пјер Вимон, експерт за Франција во бриселската тинк-тенк организација „Карнеги“ смета дека некои работи на изборите може да се променат, зависно од тоа „кој изгледа како најспособен да се справи со заканата од тероризмот“. Според него, од тоа најмногу може да профитира Фијон. Републиканецот има „најмногу искуство и делува како да може да дејствува претседателски“, оценува Вимон. А, што е со 39-годишниот Макрон? „Тој на избирачите би можел да им изгледа премлад и пренеискусен за водење влада.“