Торнадо опустоши села во Чешка, „летале“ автомобили
25 јуни 2021Во невремето има пет смртно настрадани. Болницата во градот Ходонин, во близина на чешко-словачката граница, јави дека прифатила околу 200 повредени лица. Михаела Ботова, портпарол на Обединетата спасувачка служба на Чешка, вели дека меѓу повредените има и деца.
Посебно погодени се местата Хрушки со 1500 и Моравска Нова Вес со 2600 жители. Заменикот градоначалник на Хрушки за агенцијата ЧТК изјавил дека целото место наликува на урнатини по земјотрес. „Останаа само ѕидови, нема покрив, нема прозорци“, изјавил тој. Луѓето не можеле да се заштитат пред налетот на невремето.
И во други чешки села во југоисточниот дел од земјата се однесени покриви, искршени прозорци, откорнати дрвја и дури подигнати во воздух и автомобили, а повеќе автобуси се превртени. На фотографии и видео снимки на социјалните мрежи се гледа енормен виор. Еден метеоролог проценува дека брзината на ветрот кај торнадото изнесувала околу 300 километри на час, што доесега не е забележано во историјата на земјата.
Сите расположливи спасувачки сили се упатени кон погодениот регион, изјави министерот за внатрешни работи на Чешка, Јан Хамачек.
Повеќе екипи специјализирани за вакви акции, со кучиња трагачи се исто така упатени во кризниот регион за да бараат преживеани под урнатините. Ситуацијата таму наликува како да е војна, изјави чешкиот министер за здравство Адам Војтех.
Невремето во југоисточна Чешка беснеело цела вечер, централите за итна помош биле преоптоварени. Во Јужноморавската област паѓал град со големина од тениски топки.
На дворецот Валтице, кој спаѓа во Светското културно наследство на УНЕСКО, се предизвикани милионски штети. Поради оштетување на далноводите, без струја се останати околу 32.000 домаќинства.
Владата во Прага размислува за можен ангажман на војската за помош на настраданите. Од Австрија напомош се испратени 20 болнички возила и спасувачки хеликоптери, а помош нуди и соседна Словачка. Чешкиот премиер Андреј Бабиш не можел да се врати од Брисел, каде присуствува на самит на ЕУ, поради опасност од слетување на аеродромот во Прага поради невремето.