1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Етничкото како легитимација за експертското

Катерина Блажевска25 август 2016

Една одредба од завчерашниот партиски договор, покажа колку етничкото се уште е над граѓанското. Аналитичарите во неа гледаат повеќе навреда, отколку предлог за некакво решение

https://p.dw.com/p/1JU3A
Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Договорот што го постигнаа партиите на 20 јули, покрај бројните забелешки на содржината откри и суштествени симптоми за сѐ уште непрележани „детски“ болести на општеството. Тие откриваат колку е бавна трансформацијата кон граѓанско општество во кое правичната етничка застапеност сама по себе ќе се подразбира и ќе нема потреба да се акцентира, односно нема да биде легитимациска замена за критериумите на мерит-системот.

Но, она на што четирите партии ставија потпис, го покажува спротивното, барем во делот што регулира формирање ад-хок тело кое ќе го мониторира спроведувањето на Изборниот законик од страна на медиумите.

„Ова тело ќе биде составено од 5 члена. Во консултации со релевантните професионални организации четирите политички партии ќе одберат четири члена, од кои едниот ќе биде Албанец, а избраните четворица, имаат 15 дена со консензус да го одберат петтиот член“, се вели во договорот.

Навреда за Албанците

Што значи синтагмата „еден да биде Албанец“ во контекст на формирање експертско тело? Дали тоа значи дека не мора да биде експерт, туку е доволно да биде Албанец, во ситуација кога етничката припадност на другите членови не е потенцирана? Може ли во тоа тело да има и три, и четири Албанци, не заради нивната етничка легитимација, туку ако станува збор за граѓани кои можеби се подобри експерти од останатите, неалбанци?

Symbolbild Medienfreiheit
Фотографија: Fotolia/picsfive

Ова се дилемите што ги наметна договорот, кои во време на длабока политика криза ги вратија на сцена прашањата за кои јавноста веруваше дека се во голем дел затворени.

Според новинарот Мухамед Зекири, самото потенцирање дека „четирите партии ќе изберат 4 члена на ад хок-телото, од кои барем еден е Албанец“, е навредувачко, потценувачко и срамно за секој Албанец.

„Не ми е јасно како воопшто партиите кои ги застапуваат Албанците (не велам албанските партии), мислам на ДУИ и ДПА, оти тие не познаваат ниту почитуваат нација или држава туку само сопствен интерес, дозволиле такво нешто? Сѐ уште мислат дека ќе ги лажат и манипулираат Албанците односно нивниот електорат со вакви небулози, како што е и обидот на ДУИ да го претстави како големо достигнување делот од договорот дека по изборите во периодот до формирање на новата влада, односно цели три недели, за првпат во историјата министер за внатрешни ќе ни бил Албанец. Не е битно веќе кој што е, битно институциите на нашава држава да ги водат стручни и професионални кадри. Зошто мора да се потенцира дека барем еден член на ад- хок телото мора да биде Албанец? Зошто етничката припадност да биде пресудна, а не стручноста и професионалноста? Партиите и политичарите кои сѐ уште размислуваат на ваков начин мора да ја добијат казната од електоратот на следните избори“, вели Зекири.

Враќање на „дежурната тема“

За разлика од партиите, кои претежно се структуирани според етнички, а не граѓански принцип, граѓанските организации бележат многу поголем успех во релативизирањето на етничкото над граѓанското, идеолошкото над демократското и анахроното над авангардното. Но, рецидивите се уште се присутни, за да потсетат дека таа битка не е завршена.

Mazedonien Demonstration in Skopje
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Се добива впечаток дека партиите намерно користат вакви формулации за да ја вратат на маса дежурната тема - меѓуетничките проблеми“, вели Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија. Самиот тој не беше избран на функцијата по етнички клуч, туку заради тоа што успеа да ги обедини професионалните интереси на новинарите од мнозинството медиуми. Денес, договорот на партиите во делот што се однесува на медиумите, ЗНМ го оценува како политичка фарса.

„Точно е дека во договорот во делот на формирањето на ад- хок телото се прави обид да се даде некаква етничка димензија, што мислам дека е многу погрешно. Какво е тоа експертско тело што членовите треба да ги предлагаат партиите, а еден од нив треба да биде Албанец. Ваква формулација е невредувачка за самите Албанци. Разбирливо би било да стои формулацијата дека ќе се води сметка за соодветната и правилна застапеност, што претставува и уставна категорија, но апсолутно е непотребно да се истакнува етничката припадност на еден од членовите. Тоа не само што не може да се сметка како успех, туку претставува навреда за Албанците затоа што нив ги третира како луѓе со посебни потреби. Се поставува прашањето зошто да биде само еден Албанец во телото? Зошто да нема двајца и повеќе ако има такви експерти меѓу Албанците?“ прашува Селмани.

Негов впечаток е дека секогаш кога немаат решенија за проблемите на граѓаните, партиите ја активираат етничката тема, за да се дефокусира вниманието на јавноста.

„Верувам дека и сега и во иднина ваквите манипулации нема да им успеат на партиите. Не им успеа на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, нема да и успее ниту на партиската четворка. Ваквите формулации ги претставуваат Македонците како ортодоксни националисти, на кои треба да им се нацрта дека во ад-хок телото треба да има еден Албанец, бидејќи во спротивно нема да го разберат и почитуват тоа, што апсолутно не е точно. Во јавноста никогаш не сум забележал одбојност кај обичните Македонци кон кадрите Албанци, ако тие навистина имаат знаење и искуство. Таквата погрешна перцепција може да им послужи само на партиите, со цел да се држи жива темата меѓуетнички проблеми за да ја активираат тогаш кога ќе им притреба“, оценува Селмани, потенцирајќи и дека понудените предлози во договорот нема да ги ослободат медиумите од контролата на партиите на власт, туку напротив - притисокот ќе се зголеми.

Големи патриоти“

Споменатата формулација наидува на реакции и кај новите партии на Албанците. Африм Гаши од Движењето „Беса“ вели дека завчерашниот договор е полн со нејаснотии и контрадикции, па сѐ до навреди на цели заедници, како што е случајот и со посочената одредба.

Kombibild Politiker Mazedonien

„Прво, несфатливо е како може да се разговара за професионализам и при тоа да се наведе етничката припадност. Значи ли тоа дека Албанците не се професионалци? Уште поконтрадикторен е фактот, што ако и двете албански политички партии треба да изберат по еден член, зошто би требало да наведат дека еден од нив ќе треба да биде Албанец? Зарем и самите не биле сигурни што ќе одберат? По се изгледа дека на некој од преговарачите му требало да труби дека е голем патриот и дека ептен многу се грижи за Албанците. Добрата страна на приказната е што на таквите веќе никој не им верува“, вели Гаши.

Според него, Македонија е претворена во држава во која постојано се произведуваат различни договори за имплементација на веќе договореното. Како таков го смета и завчерашниот договор и воопшто не е уверен во неговата брза имплементација.