1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фич: Потврден кредитниот рејтинг на Македонија

СН/ам/миа6 септември 2014

Петта година по ред меѓународната рејтинг агенција Фич ја потврдува својата оценка за кредитоспособноста на Македонија. Земјата, според Фич, останува со стабилен рејтинг, за разлика од некои земји од соседството.

https://p.dw.com/p/1D80x
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ+” со стабилна перспектива. Како главни предности на македонската економија, кои придонесуваат за оценката, истакнати се макроекономската политика и условите за водење бизнис.

Потврдата на рејтингот, како што наведува кредитната агенција, се должи на високиот раст на БДП од 3,9 проценти во првиот квартал годинава, во голема мера потпомогнат од растот на градежништвото и јавните инвестиции.

Фич, соопшти денеска Министерството за финансии, прогнозира дека годинава економијата ќе порасне за 3,5 проценти, а забележано е и намалување на невработеноста.

Државниот долг се одржува на умерено ниво. За буџетскиот дефицит, агенцијата посочува дека во тек се големи инфраструктурни проекти, кои можат да се одразат на стапката, но истовремено го поттикнуваат економскиот раст на земјата.

Благодарение на влезот на странските директни инвестиции, нотиран е раст на извозот, стои во соопштението. За можноста за формирање на слободни финансиски зони, Фич наведува дека ќе привлече нови странски инвестиции.

Банкарскиот сектор е стабилен и останува добро капитализиран. Издавањето на еврообврзницата придонесе за раст на девизните резерви, забележува агенцијата.

За во иднина, Фич прогнозира дека Македонија ќе продолжи со стабилната фискална и монетарна политика и дека најголемиот европски трговски партнер на Македонија ќе закрепнува, што ќе влијае позитивно на трговскиот биланс.

Кредитната агенција Фич пет години по ред го потврдува стабилниот кредитен рејтинг на Република Македонија. Ова е големо признание за економските политики кои ги води Владата, ако се земе предвид дека на многу економии од регионот и пошироко како Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија и други, им е намален кредитниот рејтинг, соопшти македонското Минитерство за финансии.