1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филмски фестивали од А категорија

20 февруари 2010

Ширум светот има многу, навистина многу филмски фестивали, од Гоа до Африка, од Шангај до Оберхаузен. Тринаесет меѓу нив ја имаат категоријата А. Зошто?

https://p.dw.com/p/M4oL
Берлиналето (11.02-21.02) е првиот филмски фестивал од А категорија годинаваФотографија: AP

Покрај гламурот, филмовите и непреспиените ноќи, на еден филмски фестивал му треба и лиценца за да прикажува филмови. Не само новинарите, туку и големите фестивали имаат потреба од официјална акредитација. Меѓународната асоцијација на филмски продуценти ФИАПФ му ја доделува категоријата А на еден фестивал кога тој ќе исполни определени услови. Еден фестивал од А класа задолжително треба да има натпреварувачка програма од меѓународен карактер која се крунисува со доделување на награди. Три фестивали од А класа се особено познати во светот:


Венеција

Мајка на сите филмски фестивали- Филмскиот фестивал во Венеција од 1932 година наваму се одржува секоја година на почетокот на август на островот Лидо. Главната награда од 1949 година е „Златниот лав“. Претходно наградата се нарекувала „Куп на Мусолини“, наречена по италијанскиот диктатор Бенито Мусолини. „Златниот лав“ го добива режисерот на најдоброоценетиот филм. Најдобрите актери се наградувани со „Купот Волпи“ наречен по основачот на фестивалот грофот Волпи ди Мисурата.

Flash-Galerie Venedig 2009 Biennale
Сцена од отворањето на последниот филмски фестивал во ВенецијаФотографија: AP

Кан

Cannes 2009: Klassentreffen im Zeichen der Krise
„Златната палма“- главната награда на фестивалот во КанФотографија: dpa/picture-alliance

Меѓународниот филмски фестивал во Кан постои од 1946 година. Првиот обид за негово востановување во 1939 година морал да биде откажан, зашто започнала Втората светска војна. Поради огромното значење на фестивалот во светски рамки, јужна Франција на нејзиниот Азурен брег во мај секоја година привлекува бројни уметници и филмски ѕвезди.

Согласно со амбиентот како главна награда се доделува „Златната палма“. Во 2009-та таа му беше доделена на германскиот филм „Белата лента“.


Берлин

Eröffnung der Berlinale 2010 in Berlin Flash-Galerie
Фестивал на публиката- Редиците за карти за Берлиналето се секогаш долгиФотографија: AP

Меѓународниот филмски фестивал во Берлин, кусо наречен Берлинале се одржува од 1951 година наваму. Берлиналето ја отвора фестивалската сезона, што колку е возбудливо толку е и тешко. Терминот е во февруари, значи среде острата берлинска зима. Германскиот режисер Том Тиквер еднаш рече „Во Кан или во Венеција секогаш привлекува можноста со весник и кафе да седиш и уживаш на сонце. Тука во Берлин публиката нема друг избор, освен да оди во кино“. Можеби затоа Берлиналето важи за најомилениот фестивал на публиката во светот.

Фестивали од А категорија во Африка и во Азија

Најпрочуениот филмски фестивал во Африка се одржува во главниот град на Египет, Каиро. Од 1976 година наваму таму се доделува „Златната пирамида“. Меѓународниот филмски фестивал во Шангај е можеби млад фестивал со оглед дека стартуваше во 1993 година, но затоа во меѓувреме стана еден од најголемите филмски смотри во светот. Во кинеската метропола која доживува бум секоја година се доделува „Златниот куп“.

Покрај, Берлин, Кан, Венеција, Шангај и Каиро, меѓународни филмски фестивали од А категорија според класификацијата на ФИАПФ се и оние во Торонто, Москва, Монтреал, Сан Себастијан, Локарно, Карлови Вари, Мар де Плата и Токио.

Добри фестивали и без категоријата А

Sundance Film Festival
Филмскиот фестивал во санденс е расадник за независниот филмФотографија: AP

Дури и без вредносниот печат А еден филмски фестивал може да биде извонреден и познат. ФОИАПФ не доделува категории Б и Ц. Сепак има категории како „Фестивал на документарен и краток филм“.

Меѓународниот фестивал на краткиот филм во Оберхаузен, Германија е најстариот фестивал од ваков вид во светот. Режисери како Вим Вендерс, Мартин Скорсезе и Џорџ Лукас имаат учествувано на него.

Омилениот Филмски фестивал во Санденс, САД на пример не е на листата на ФИАПФ. Роберт Редфорд раководи со овој своеглав филмски фестивал од 80-те години на минатиот век. Тој важи за расадник на независните продукции како „Секс, лаги и видео ленти“, „Блер вич проект“ и многу други кои предизвикаа сензација ширум светот.

Автор: Даниел Милер/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска