1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук под притисок - секоја им чест на свиркачите!

Мартин Муно
6 октомври 2021

Фејсбук во последно време беше соочуван со постојано нови обвинувања. Сега е јасно кој стои зад сето тоа: поранешната вработена Френсис Хоген. Секоја ѝ чест, вели Мартин Муно.

https://p.dw.com/p/41Gqq
Facebook Whistleblower Frances Haugen
Интервјуто со поранешната вработена во Фејсбук, Френсис Хоген, беше емитувано во неделата на Си-Би-ЕсФотографија: Robert Fortunato/CBS News/60 Minutes via AP/picture alliance

Околу сѐ уште најголемата социјална мрежа во светот повторно со недели се крева прашина. Серија текстови во „Волстрит журнал“ посочува на многу нерегуларности во Фејсбук.

Строгите правила за објавување кои важат за сопствениците на 5,8 милиони т.н. ВИП-профили се применувале само во ограничена мерка. На пример, фудбалската ѕвезда Нејмар објави фотографии од разголена жена која го обвини за силување. Модераторите не смееле да ја избришат неговата објава. Тоа се случило дури по добиена наредба од повисоко ниво. Во меѓувреме, меѓутоа, околу 56 милиони корисници ја виделе објавата. 

Депресии поради социјалните медиуми 

Меѓутоа, најмногу возбуда предизвика текстот во кој станува збор за штетното влијание на Инстаграм врз психичкото здравје на младите. Во интерна студија Фејсбукдошол до заклучок дека кај голем број тинејџери, пред сѐ девојчиња, Инстаграм го засилува незадоволството од сопственото тело. Тоа предизвикува пореметувања во исхраната и депресии. Овие сознанија менаџерскиот тим на Фејсбук намерно ги држел подалеку од очите на јавноста. 

Kommentarbild Muno Martin
Мартин Муно

Фејсбук го направи она што го прави и кога се работи за други обвинувања - ги отфрли, но истовремено ги стави под мраз сопствените планови за покренување детска верзија наИнстаграм, наменета за деца од 10 до 12 години. 

Од викендот е јасно кој стои зад тие откритија: Френсис Хоген, научничка која се занимава со управување со базите на податоци, а која од 2019 до 2021 година работела за Фејсбук. Таа во текот на настапот на една американска телевизија изнесе тешки обвинувања против својот поранешен работодавач, кои потоа ги повтори и при сведочењето во Конгресот. Нејзината клучна порака гласи: Фејсбук е во судир на интереси „помеѓу она што е добро за јавноста и она што е добро за Фејсбук“. Концернот „повеќепати се одлучил за оптимирање на сопствените интереси“. Таа своите наводи ги поткрепи со интерни документи. Нејзиниот заклучок гласи: „Оваа верзија на Фејсбук го растргнува нашето општество и предизвикува насилство во светот.“ 

Храбар чекор 

Хоген поднесе барање за заштита како свиркач со цел да се заштити од тужба од својот поранешен работодавач.

Колку е храбар нејзиниот чекор покажуваат паралелите со другите свиркачи: Едвард Сноуден, кој овозможи длабоко вознемирувачко осознавање на обемот на глобалните практики на прислушување од страна на тајните служби и со тоа ја предизвика НСА-аферата, со години живее во руски егзил. Семејството, кое во 2013 година го сокри од американските власти, пред неколку дена доби азил во Канада. 

Во наш најголем интерес 

Исто така пред неколку дена стана познато дека американската администрација во времето на претседателот Доналд Трамп наводно размислувала за убиство на основачот на платформата Викиликс, Џулијан Асанж. Асанж повеќе од две години е во британски затвор. Нему му се заканува испорака на САД. 

Не се само приказните на овие луѓе тие што покажуваат дека свиркачите во никој случај не се егомански предавници или црни овци. Откритијата на т.н. Пандора документине би биле можни без вакви луѓе. Доколку наводите на Хоген се поткрепени со факти, а се чини дека се, таа неминовно би требало да биде заштитена. Тоа е во наш најесенцијален интерес.