1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фергусон ја промени Америка

Геро Шлис/превод: БГ10 август 2015

Една година по немирите во Фергусон, расизмот во Америка е видлив за целиот свет. Она што се случи таму остави длабока трага врз земјата и нејзиниот претседател, смета Геро Шлис.

https://p.dw.com/p/1GCYd
Фотографија: Reuters

Од пред една година, расните судири во САД имаат само едно име: Фергусон. Младата жртва на полициското насилство Мајкл Браун и неочекуваната жестина на нередите го потресоа не само малиот работнички град во Мисури, туку и целата држава. Фергусон ја смени Америка. Точно, и порано белите полицајци убиваа црни тинејџери. И порано расните судири беа отворена, болна рана за која нема лек на повидок.
Но, сликите од судирите кои наликуваа на граѓанска војна, полицајци во воена опрема и доказите за расизмот во редовите на градската полиција многу ги вознемирија граѓаните. Изразот „државна сила“ одеднаш доби заканувачки призвук. Порано Американците во судирите меѓу чуварите на редот и Афроамериканците инстинктивно беа на страна на државата, но таа доверба исчезна.

Расизам и полициско насилство

Расните судири сега се неодвоиво поврзани со полициската бруталност. Таа поврзаност во текот на годината во Кливленд, северен Чарлстон и Балтимор доведе до нови жртви. Тоа што сега речиси половината од 50 американски држави сака да воведе камери на полициските униформи, дополнителни тренинзи за полицајците и независни истражни комисии, дава надеж дека започнува процес на учење.
Годинава се смени и самиот град Фергусон. Резултатите од првите избори за новата градска власт по немирите во Фергусон говорат за себе: излезноста се удвои, а бројот на црните пратеници во градското собрание е три пати поголем од порано.
Фергусон доби и нов шеф на полицијата, нов градски менацер и нов судија- сите Афроамериканци кои на тој начин го претставуваат мнозинството во градот. Уште една добра вест: градската власт драстично ја намали претераната ревност во изрекувањето парични казни на граѓаните за разни ситни прекршоци како што е, на пример, погрешното паркирање. И покрај тоа, Фергусон остана поделен град. Недовербата меѓу белците и црнците по немирите се продлабочи. Полицајците го сменија однесувањето, но црното мнозинство повеќе воопшто не ги прифаќа.

Schliess Gero Kommentarbild App
Геро Шлис

Од зборови на дела

Фергусон не ја промени само земјата, туку и нејзиниот прв црн претседател. Сѐ додека не навлезе длабоко во вториот мандат, Барак Обама се двоумеше при расните судири отворено да застане на страната на црната заедница. По Фергусон тој стана појасен: зазема став и отворено ги критикуваше полицијата и правосудниот систем поради тоа што поинаку ги третираат Афроамериканците и Латиноамериканците од белците. Неговото помилување на младите затвореници казнети поради престапи со дрога, покажуваат дека тој не сака да остане само на пригодна реторика.
Расните судири ги следат САД од нивното основање. Тие се длабоко всадени во нивната ДНК. За да може да продре во нивната суштина, државата мора да стане поискрена кон самата себе. Тоа ќе остане голема задача за претседателот кој на залезот на својот мандат станува сѐ посилен. Бројни негови поддржувачи се надеваат дека тој наскоро ќе одржи еден голем говор за расните судири. Говор кој нема преку ноќ да ги реши проблемите, но би можел да ги промени Америка и светот.